Лазаров: Создадовме тим што ќе ја прави Македонија горда

by irena 22:18
22:18

Македонската ракометна репрезентација со две убедливи победи и вкупна разлика од 22 гола ја елиминира Словачка во баражот и обезбеди пласман на Светското првенство. Ова ќе биде десетто учество на Македонија на мундијалите.

Селекторот Кирил Лазаров не го криеше задоволството од настапот на своите избраници.

„Сакам да им честитам на момците за денешните 15 гола разлика, таа разлика не се постигнува туку-така. Мора да бидеме задоволни без разлика на нивото на ривалот Словачка. Презадоволен сум од пристапот на двата натпревара од сите играчи. Успеавме да составиме тим на играчи кои се борат еден за друг, дисциплинирани се, не е важно кој е најдобар, важно е да победуваме. Се мачевме многу да дојдеме до ова и сега мора да го задржиме тоа“, истакна селекторот.

Тој нагласи дека голема улога во развојот на репрезентативците има и домашното првенство, каде играчите добиваат важни натпревари и искуство.

Лазаров рече дека откако ја презеде репрезентацијата, Македонија обезбедила настап на шест големи натпреварувања по ред, иако генерацијата е речиси целосно променета.

„Откако јас сум селектор, ова е шесто големо натпреварување во низа, со 99 проценти променета генерација од претходно. Тој процес треба да се истрпи, а ние успеавме во тој период со стручниот штаб, со РФМ и со медиумите да опстанеме на големата сцена и да создадеме производ кој ќе ја прави горда Македонија во следната деценија“, порача Лазаров.

Слични вести