Инцидент во истражувачкиот центар во Иркутск однесе еден живот, а локалните власти ставија речиси 200 лица во строг болнички карантин.
Дваесет и седумгодишна вработена во Институтот за сузбивање на чума во сибирскиот град Иркутск почина откако случајно скршила епрувета со живи бактерии за време на лабораториско тестирање. По нејзината смрт, здравствените власти во Русија веднаш изолираа речиси двесте лица кои биле во непосреден или посреден контакт со неа, додека локалната болница во соседниот град Шелехов е ставена под целосен карантин.
Младата лаборантка, идентификувана како Дарија Ш., работела на прибирање примероци во институтот кога дошло до кршење на садот со патогени материјали. Според информациите што им ги пренела на лекарите пред да ѝ се влоши состојбата, таа била директно изложена на бактеријата при падот на епруветата.
Неколку дена по инцидентот, таа развила симптоми на тешко воспаление на белите дробови и била итно хоспитализирана во Шелехов, град во непосредна близина на Иркутск. Нејзината состојба брзо се влошила, по што била приклучена на апарати за дишење, но лекарите не успеале да ѝ го спасат животот. Смртта од инфекцијата ја потврди и Алексеј Циденов, раководител на соседниот руски регион Бурјатија.
Поради високиот ризик од ширење на инфекцијата, санитарните инспектори и полицијата изолираа вкупно 197 луѓе. Повеќе од стотина од нив се задржани директно на болничките одделенија под постојан медицински надзор, а целата окружна болница во Шелехов функционира под строг протокол сè додека специјална комисија не направи целосна проценка на епидемиолошката состојба.
Во самиот Иркутск локалните власти ги откажаа сите планирани јавни собири и манифестации со цел да се спречи какво било групирање на населението. Во тек е истрага за можни прекршувања на безбедносните стандарди и здравствените протоколи за ракување со особено опасни биолошки материјали.