Кузеска: Тошковски сака да ја партизира полицијата

by irena 13:29
13:29

„Со предложените измени на Законот за полиција, Панче Тошковски директно удира врз кариерниот систем, го понижува знаењето и искуството и отвора вратите за масовно вработување на партиски војници и послушници на ВМРО-ДПМНЕ“ рече меѓудругото денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ – Богданка Кузеска.

Таа рече „Да биде јасно:

-Со измените на член 2, Тошковски предвидува за највисоките позиции да се поставуваат луѓе со несоодветно образование и без искуство на раководна позиција. Со тоа се деградира полицијата и наместо професионалци се носат советници со нејасно дефинирани улоги и заслуги.

-Со член 4, се бришат критериумите за минимум 6 години искуство и 4 години раководна позиција за началник на СВР. Ова значи дека началник на СВР може да стане и човек кој вчера положил приправнички испит, односно било кој што ќе го избере Тошковски.

-Со член 6, Тошковски ги укинува Регионалните центри за гранични работи и ги припојува кон СВР, спротивно на европските стандарди за контрола на границите. Уште еден чекор спротивно на препораките на ЕУ за безбедност.

-Со член 12, се овозможува податоците во евиденциите да се бришат по 60 години, а не трајно, што отвора простор за манипулации и бришење траги за злоупотреби на нивните луѓе. Ова е смислена измена за да се амнестираат оние кои Ташковски ќе реши дека не треба да одговараат.

-Со член 15, се подига возраста за вработување на 30 години, со што им отвораат простор за вработување на партиски кадри, а не млади професионалци. Уште еден удар врз младите и дополнителна можност за партизација“.

Според Кузеска, „со бришењето на член 19, се отвора можност луѓе кои се осудени и со забрани за работа да останат во полицијата и да бидат амнестирани од одговорност“.

„Ова е смислен и опасен план на ВМРО-ДПМНЕ да го уништи кариерниот систем, да ја претвори полицијата во партиска милиција и да обезбеди амнестија за нивниот криминал. СДСМ бара овие измени веднаш да се повлечат. Бараме институциите да останат во служба на граѓаните, а не на партијата. Полицијата мора да остане професионална, со јасни критериуми, со знаење и искуство, а не со партиска книшка“ рече Кузеска.

Слични вести