СДСМ обвини за нов скандал во Владата, тврдејќи дека генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, е поврзан со компанија регистрирана во Бугарија, која, според партијата, не била пријавена во неговите анкетни листови доставени до Државната комисија за спречување на корупцијата.
На прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, посочи дека според документи објавени во бугарски медиуми, Јанушев е поврзан со компанијата „Флугбан Транс“ ДОО со седиште во Ќустендил. Според наводите, фирмата се занимава со патен линиски превоз на стока, а како управител е наведен Кире Гешоски, додека како партнер се споменува и Сашо Апостоловски.
Кузеска рече дека компанијата пријавила годишен промет од околу 320.000 евра и нето добивка од помалку од 10.000 евра.
Од СДСМ потсетија и на информациите дека Јанушев поседува бугарско државјанство, прашувајќи на кои бугарски корени се повикувал при добивањето на пасошот.
„Суштината на скандалот е зошто Јанушев не го пријавил бугарскиот капитал и поврзаноста со компанија во Бугарија во своите анкетни листови“, рече Кузеска.
Од партијата побараа надлежните институции да отворат предмет и да ја информираат јавноста за евентуалните наоди, потсетувајќи дека за давање лажни податоци за имотната состојба на функционери се предвидени затворски казни.
СДСМ оцени дека случајот е дел од, како што наведоа, поширок проблем на двојни стандарди кај власта. Според партијата, додека Владата зборува за заштита на националните интереси, нејзини функционери имаат бизнис-интереси во Бугарија.
Воедно, од СДСМ побараа Јанушев да поднесе оставка додека трае евентуалната истрага, а премиерот Христијан Мицкоски да одговори и на други обвинувања што ги изнесува опозицијата.