Кузеска: Мицкоски за две години направи 30 проценти од вкупниот јавен долг од независноста на Македонија до денес

by irena 13:24
13:24

СДСМ ја обвини Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски за ново големо задолжување на државата, тврдејќи дека на владина седница било усвоено задолжување од дополнителни 1,3 милијарди евра.

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, изјави дека со најновото задолжување вкупниот износ со кој, според партиските пресметки, актуелната Влада ја задолжила државата за период од две години достигнува четири милијарди евра.

„Ново задолжување од 1,3 милијарди евра усвоила Владата на седница. Со ова ново задолжување, вкупно, за само две години, оваа Влада ја задолжи државата со четири милијарди евра“, изјави Кузеска.

Според неа, задолжувањето направено во периодот на актуелната Влада претставува околу 30 проценти од вкупниот јавен долг создаден од независноста на државата до денес.

„Мицкоски за две години направи 30 проценти од вкупниот јавен долг од независноста на Македонија до денес“, тврди портпаролката на СДСМ.

Од опозициската партија повторно го отворија и прашањето за тоа каде се трошат парите што државата ги обезбедува преку задолжувањата. СДСМ обвинува дека дел од средствата завршуваат преку, како што велат, „партиски криминални тендери“.

Кузеска оцени дека новото задолжување е потврда на тврдењата на СДСМ дека во државниот буџет недостигаат средства.

„Како што најавуваме со месеци – во буџетот нема пари. Касата е празна. Затоа сега Мицкоски прави ново задолжување од 1,3 милијарди и го зголемува веќе постоечкиот долг од 2,5 милијарди на четири милијарди евра“, рече таа.

Според Кузеска, Владата и во изминатите недели континуирано се задолжувала со износи од десетици и стотици милиони евра. Таа тврди дека ваквото темпо на задолжување досега не било забележано во земјава.

СДСМ ја критикува Владата и за висината на буџетскиот дефицит. Кузеска тврди дека тој постојано надминува четири проценти од бруто-домашниот производ, иако, според неа, Законот за буџети предвидува ограничување од три проценти.

Таа направи споредба и со големината на државниот буџет во 2017 година, наведувајќи дека денес тој изнесува околу седум милијарди евра, наспроти приближно 3,5 милијарди евра пред девет години.

„Буџетот денес е околу седум милијарди евра – двојно повеќе од 3,5 милијарди во 2017, а ништо двојно подобро не се случило. Од нешто прават ништо“, порача Кузеска.

Од СДСМ задолжувањето го поврзуваат и со животниот стандард на граѓаните, тврдејќи дека и покрај поголемиот буџет и новите кредити, растот на приходите не го следи растот на трошоците.

Според податоците што ги изнесе Кузеска, минималните трошоци за едно четиричлено семејство во изминатите две години се зголемиле за околу 9.000 денари, додека минималната плата во истиот период пораснала за околу 3.500 денари.

Од партијата сметаат дека поради ваквиот однос меѓу платите и трошоците, работниците кои примаат минимална плата денес имаат понизок животен стандард.

Кузеска повторно ја критикуваше Владата и поради тоа што не го прифаќа барањето минималната плата да се зголеми на 600 евра.

„Што прави Мицкоски? Одбива да ја покачи минималната плата на 600 евра и повторно се обидува да ја обвини претходната влада за долгови од минатото“, рече таа.

Портпаролката на СДСМ призна дека задолжувањето само по себе не е невообичаена практика и дека сите влади од независноста на државата користеле кредити. Според неа, спорни се обемот на актуелното задолжување и начинот на кој се користат средствата.

„Секоја влада од основањето на Македонија користела кредити – тоа е нормална работа, но ниту една Влада не направила вакво нешто“, изјави Кузеска.

Најострите обвинувања од СДСМ се однесуваат на начинот на кој, според партијата, се трошат позајмените средства. Кузеска обвини дека задолжувањата се користат за „испумпување пари од буџетот за партиски криминални тендери и полнење приватни џебови“.

Таа како дополнителен аргумент ги посочи и расходите за камати на државниот долг.

Според бројките што ги изнесе Кузеска, во периодот на претходната власт државата плаќала околу 120 милиони евра за камати, додека актуелната Влада, како што тврди, плаќа околу 350 милиони евра.

„Дури и по големата светска криза, по пандемиската криза со ковид, по почетокот на војната во Украина и енергетската криза – Владата плаќаше 120 милиони евра камати. Денес оваа Влада плаќа 350 милиони евра камати“, рече Кузеска.

Од СДСМ оценуваат дека последиците од актуелните задолжувања нема да ги почувствуваат само сегашните граѓани, туку и идните генерации кои ќе треба да ги враќаат преземените обврски.

„Мицкоски ги задолжи генерациите. Ги задолжи сите што доаѓаат“, порача Кузеска.

Според неа, големиот обем на задолжување би можел да се оправдува доколку парите се користат за значајни капитални проекти, подобрување на економијата или директно подобрување на животниот стандард, но таа тврди дека такви резултати нема.

„Да имаше една добра работа што ја направија, еден сериозен проект или подобрување на економијата – можеби ќе можеа да зборуваат. Но нема. Не само што нема проект – нема пари за граѓаните“, порача Кузеска.

СДСМ бара од Владата да објасни за што конкретно ќе бидат употребени средствата од новото задолжување од 1,3 милијарди евра и какви обврски ќе создаде тоа за државниот буџет во следните години.

Слични вести