Со месеци велиме: процесот за ЕУ стои во место затоа што Мицкоски се плаши од европско обвинителство, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.
Според неа, тоа сега е и писмено потврдено.
„Фон дер Лајен го враќа проширувањето. Пред членство –прво приклучување кон Канцеларијата на европскиот јавен обвинител. Не после. Пред тоа. Кандидатите за членство влегуваат во мрежата на главната обвинителка Лаура Ковеши додека уште не се членови. Превод за Македонија: нема веќе телефонски обвинител“, порача Кузеска.
Таа додаде дека истрагата не запира пред презиме, функција и партиска книшка, нагласувајќи дека пет тони преку граница добиваат име, тендерот добива акт, а касата добива сопственик. Како пример ја наведе Унгарија, каде досега се уапсени двајца министри од владата на Виктор Орбан, додавајќи дека „така изгледа кога си во Унијата и кога власта не е организирана криминална група“.
„Затоа арамијата ја затвора вратата. Затоа патоказ добиваат Црна Гора, Албанија, Молдавија, Украина. Ние сме изоставени со Косово и Србија. Затоа „не по секоја цена“ – зашто цената е нечија слобода“, рече Кузеска.
Порача дека граѓаните на Македонија се заложници на актуелната власт, додавајќи дека доаѓа време кога истрагата нема да се нарачува по телефон и кога оваа група ќе одговара.