Кубанска министерка поднесе оставка, рече дека во земјата нема питачи

by irena 12:19
12:19

Кубанската министерка за труд и социјално осигурување – Марта Елена Феито Кабрера поднесе оставка од функцијата поради нејзината изјава во која негира дека на островот има питачи, што предизвика силни реакции во тамошната јавност и политичка елита, пренесува Би-би-си.

На седницата на Националното собрание, министерката тврдеше дека ако подетално се анализира ситуацијата не терен, на Куба нема просјаци бидејќи луѓето што просат носат облека што сугерира дека не се вистински просјаци. Дополнително, посочи дека оние што пребаруваат по ѓубриштата, контејнерите и депониите тоа го прават по сопствен избор, со цел да заработат, како што рече, лесни пари.

„Гледаме луѓе што изгледаат како просјаци, но кога ќе ги погледнете нивните раце, нивната облека, ќе заклучите дека тие се маскирани како просјаци. Нема просјаци на Куба“, кажа таа.

Според неа, тие истовремено се и нелегални учесници во процесот на рециклирање на отпадот.

Нејзините изјави предизвикаа лавина од критики меѓу граѓаните, активистите и интелектуалците во Куба, кои посочија дека тоа е навреда за кубанскиот народ.

Реакција упати и кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел, кој посочи дека раководството на земјата не смее да биде одвоено од реалноста на народот.

„Никој од нас не може да дејствува со ароганција ниту можеме да дејствуваме со благонаклоност, исклучени од реалноста што ја доживува нашиот народ“, рече тој.

Веднаш потоа министерката си поднесе оставка од функцијата.

Слични вести