Крстопат

by Фокус

Нам очајно ни треба рестарт на општеството. Издигање на вистинските вредности на пиедестал, особено кај најмладите. Вредности како љубов, емпатија, солидарност, еднаквост, трудољубивост и професионалност да бидат рецепт за успех наместо насилство, безобразлук и криминал.

Пишува: Стефан БОГОЕВ

Мачни денови! Ја пишувам оваа колумна во навистина тешко време. Денови, непосредно по убиството на малечката Вања. И колку и да сакаш да избегаш од темата, колку и да сакаш за друго да пишуваш, едноставно посилно е и те окупира.

И се прашуваш, како е можно да постојат толку зли и свирепи луѓе!? Како е возможно до тој степен да те обземе бездушност, алчност и желба за пари за да направиш вакво монструозно дело!?

И почнуваш, во својата глава, согласно информациите што се јавнодостапни, да анализираш и да размислуваш. А што ќе анализираш, што ќе размислуваш!?

Од едната страна имаш невино, искрено, младо девојче, кое штотуку ги осознава светот и животот. Од другата страна, монструми. Но, дали човек се раѓа монструм или станува со текот на времето!? Јас мислам второто. Ајде да видиме.

Радикалните движења и партии насекаде во светот се во подем и се феномен, па така и кај нас. Партијата Десна, во која се дел сите обвинети, е една од тие. За што се работи?

Се работи за фанатични националисти проткаени со русофилски чувства, опседнати со теории на заговор. Се работи за оние радикални групи, кои треба да испијат по бокал ракија во кафеана, па да отидат на протест (со знамето од Вергина секако) и да направат насилен инцидент.

Најчесто се евтино платени од нивните патрони (читај газди) и одработуваат. И сега си викате: Дали човеков сака да каже дека секој што пие ракија, протестира со знаме од Вергина и е проруски ориентиран е убиец и монструм?

И ќе ви одговорам: Апсолутно, не. Ниту приближно до тоа! Но, дали собирањето во наци-култови, со многу алкохол, радикални идеи и насилство е предуслов за создавање општествени проблеми? Дефинитивно, да!

ПРОМОЦИЈА НА НАСИЛСТВОТО

Што е уште поголем проблем? Што ваквите појави се сѐ почести кај младите бидејќи честопати насилството е промовирано како начин за успех од политичарите. Младите сѐ повеќе „се палат“ на насилство и радикализам наместо на емпатија и љубов кон другите.

Па, ние имаме партија во Собранието, Левица, која јавно промовира насилство и кршење државен имот, и тоа ни помалку, ни повеќе, токму од нејзините фронтмени, пратениците.

Имаме ситуација во која тепачи и луѓе, кои пробаа да убијат на Крвавиот 27 април во Собранието (за жал, бев лично дел од жртвите) се промовираат денес од ДПМНЕ како херои и големи патриоти.

И дали сакам да ставам знак на еднаквост меѓу убијците на Вања и радикалните структури на Левица и ДПМНЕ? Апсолутно, не! Во тие две партии има луѓе што се прекрасни и лично ги знам.

Но, дали промоцијата на насилство од политички партии како начин на политичко дејствување води во иднина до девијантни појави? Дефинитивно, да! Велат, насилството раѓа насилство.

И кое е решението? Решението е во сите нас, решението е во вредностите. Нам очајно ни треба рестарт на општеството. Издигање на вистинските вредности на пиедестал, особено кај најмладите.

Вредности, како љубов, емпатија, солидарност, еднаквост, трудољубивост и професионалност да бидат рецепт за успех наместо насилство, безобразлук и криминал.

Да напредуваш, ако си чесен и професионален, наместо ако си гласен и насилен!

ИЗБОРОТ Е НАШ

Дали сето ова зависи од нас? Да!

Дали некој може плус да ни помогне? Може! Оние што веќе имаат вакви вредности усвоено како рецепт за успех во своите општества. Земјите од ЕУ и прозападниот свет!

Затоа кога велиме дека сега сме на крстопат меѓу интеграција во ЕУ или изолација од развиениот свет, треба да додадеме и уште нешто.

Во превод, ние сме на крстопат меѓу вистинските вредности, како начин за подобар живот и успех во кариерата или вредности на национализам и лажен патриотизам, како начин за успех, кој порано или подоцна раѓа насилство.

Изборот е лично наш, на сите, дали ќе избереме да живееме во нормално или во болно општество!?

И тоа не значи дека во ЕУ нема изолирани случаи на насилство, дали во политиката или во секојдневниот живот. Но, вредностите што се „на цена“ се други и се вистински.

Јас моето дете сакам да расте во таква држава, кога веќе јас не успеав! Да расте безгрижно, среќно, со можност за напредок и со вистински вредности во европска Македонија. А ти?

(Авторот е потпретседател на СДСМ)

Поврзани новости