Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе кривична постапка против 41-годишен маж од Велес, со непријавено престојувалиште во Скопје, поради сомнение дека сторил кривично дело Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, во рамки на семејно насилство.
Според наводите на обвинителството, осомничениот со умисла телесно ја повредил својата вонбрачна партнерка додека таа ја подготвувала нивната ќерка за во градинка. По започната вербална расправија, тој во повеќе наврати ја удрил оштетената во пределот на главата со лажица за облекување чевли.
Откако жртвата се повлекла во спалната соба, осомничениот насилно ја турнал на креветот, ѝ го одзел мобилниот телефон и го фрлил на под, по што започнал да ја плука по лицето и да ја удира со бокс во пределот на главата и телото. При нападот, кај жената биле констатирани телесни повреди, меѓу кои контузии и хематоми.
Од обвинителството посочуваат дека жртвата и претходно го пријавувала осомничениот за семејно насилство, но подоцна го повлекла предлогот за кривично гонење. Поради опасност од повторување на насилството и со цел обезбедување на присуството на осомничениот во текот на постапката, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.