Криминалците ги „фатија на кондиција“ охридските обвинители, работеле многу споро

by valentina 15:04
15:04

Криминалците во Охрид се чини дека ги „фатија на кондиција“ обвинителите во нивниот град, бидејќи статистиката покажува дека не можат да го стигнат нивното темпо на „работа“. Овој заклучок произлегува од годишниот извештај за работата на ова обвинителство, па при неговото разгледување дури некои членови на Советот на јавните обвинители сметале дека дел од бројките, кои го прикажуваат нивното постапување, се техничка грешка.

Извештајот за работа, во Советот на јавните обвинители, го презентираше Вишиот јавен обвинител на Битола, Пецо Везироски, бидејќи под контрола на ова вишо обвинителство се пет основни јавни обвинителства и тоа во Битола, Охрид, Прилеп, Ресен и Струга. Генералниот заклучок за работата на овие обвинителства беше дека и покрај недостатокот на јавно обвинители и стручен кадар постапувале професионално и стручно. Сепак, успешната слика ја замати обвинителството во Охрид.

Членката на Советот, Душица Димитриеска, даде забелешка дека во однос на превземените истражни дејствија во ОЈО Охрид и ОЈО Струга, произлегува дека во ОЈО Охрид истражното дејствие испитување на обвинети и сведоци е превземено само за 315 лица, за разлика од другите ОЈО, каде бројката е поголема.

-Тоа е од големо влијание на понатамошното успешно водење на постапката. Евидентен е и големиот број на отфрлени кривични пријави, но од кои причини и на што се должи тоа има образложение во годишниот извештај и истите се прифатливи, посочила Димитриеска.

Везироски посочил дека оваа бројка е точна и не станува збор за грешка, туку за споро постапување на јавните обвинители.

И членката на Советот Кети Петкова смета дека во обвинителството во Охрид има голем заостаток на нерешени предмети. Постави прашање што е направено од страна на ВЈО Битола кое го врши надзорот над ова јавно обвинителство, како и за тоа да се види за кои јавни обвинители станува збор и доколку се знае, што е превземено од страна на ВЈО за подобрување и надминување на оваа состојба.
Везироски одговорил дека во ОЈО Охрид работите се суптилни, од надзорите е утврдено дека јавните обвинители работат професионално и законито, но се многу спори. Како можна опција кажал дека би можело да се работи на поголема ангажираноста од страна на стручните соработници.

На дискусијата се приклучила и членката Јелена Догазанска –Колева, која истакна дека била координатор за ова подрачје во изминатите две години и дека проблемот со ажурноста во ОЈО Охрид трае подолг период. Од друга страна го пофали обвинителството во Прилеп, кое било ажурно и покрај намалениот број на обвинители.

Членот на Советот, Ермон Незири се надоврза на забелешките посочувајќи дека во тек е оглас за јавни обвинители во обвинителството во Охрид, па предложи ВЈО Битола кога ќе ја оценува работата на јавните обвинители кои се јавиле на огласот да даде соодветни оценки за кандидатите, што би било од голема помош за Советот при одлучување и избор.

Инаку според годишниот извештај, во ова обвинителство работат седум обвинители, а според ситематизација недостасуваат уште двајца.

Валентина Вурмо

Слични вести