Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, по нападот на градоначалничката Данела Арсовска, вели дека се случил уште еден напад на бугарски државјанин во Македонија. Тој во објава на социјалните мрежи изјави дека е сериозно загрижен за она што во текот на денот ѝ се случило на скопската градоначалничка, за која рече дека е бугарска државјанка. Ја повика амбасадата на Бугарија во Скопје да ѝ обезбеди правна, конзуларна и морална заштита.
„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија! Уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски граѓани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се декларираат како Бугари“, напиша Ковачев во објава на Фејсбук.
Тој оцени дека притисокот во земјава врз граѓаните што се декларираат како Бугари е толку голем што, како што вели, тие се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет.
„Сличен случај се случи и со министерката за енергетика Сања Божиновска, неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и луѓе од најтесниот семеен круг на сегашниот, претходниот и претходните премиери на земјата“, додава европратеникот.