Судскиот совет итно да предложи кандидат за уставен судија, Собранието да избере уставни судии, а политичарите да покажат повисоко ниво на уставно-правна култура и да се воздржат од етикети и поделби, со што ќе покажат реална, а не декларативна посветеност на владеење на правото, порача претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на годишната прес-конференција, на која ја презентираше работата на Судот во оваа година.
Инаку, Уставниот суд годинава оформил 306 предмети, што, според него, е рекорден број од постоењето на Судот. Од нив, 271 се иницијативи и барања поднесени од граѓани, седум од политички партии, осум од државни институции, три од општини, а два предмета се по сопствена иницијатива на Судот.
-Овие бројки ми овозможуваат да изразам искрено задоволство од укажаната доверба бидејќи станува се појасно дека граѓаните во Уставниот суд гледаат правно засолниште, институција во која можат да најдат заштита – рече тој.
Годинава Судот решил 230 предмети, бројка која е приближно иста како минатата година и се издигнува над просекот во последните пет години. Најголем дел од решените предмети се формирани лани. Најстариот предмет кој овој суд го реши датираше од 2017 година, а тоа е Законот за електронски комуникации.
-Исклучително сум задоволен што изминатата година беше година на значајни историски одлуки и новини во Уставен суд, на конкретен начин, во предметот за Законот за електронски комуникации и измените во Кривичниот законик ја применивме новината, односно т.н. интерпретативни одлуки со која Судот за да не создава правни празнини одлучуваше и го задолжи Собранието да постапува во согласност со нашите правни стојалишта – рече тој.
Според него, Судот не се двоумеше да поништува закон, како што е примерот со Законот за данок на солидарност и не се колебаше да одлучува по т.н. сензитивни предмети, постапувајќи за платите на судиите и обвинителите, за линеарното усогласување на пензиите, верските училишта, Законот употреба на јазиците, пописот.
Одговарајќи на новинарски прашања, дали и колку Уставниот суд ќе се соочи со проблеми во функционирањето без комплетен состав, тој посочи дека веќе се соочуваат со застој и дека од мај месец имаат десетина предмети за кои немаат одлуки.
-Веќе имаме проблеми. На вчерашната седница имавме не еден, туку три предмети во кои немавме мнозинство. Од заминувањето на колешката во мај месец, имаме десетина предмети за кои немаме одлука. Неблагодарно е да квалификувам како важни и помалку важни. Сите наши одлуки се важни – рече тој.
Во однос на измените на Кривичниот законик и Изборниот законик и впечатокот дека парламентот и Владата не го почитуваат доволно тоа што Уставниот суд го дава како рок, Костадиновски вели дека Уставниот суд има и механизми и типови на одлуки во кои се цврсто решени да воведат уставна дисциплина.
Костадиновски имаше критики не само за законодавната, туку и за извршната власт како претседател на институција која ја контролира поделбата на власта.
-Не смее да се дозволи надмоќ и предоминација од една врз друга власт. Собранието го критикував дека е гласачка машина. И законодавната и извршната власт прават мобинг врз судската власт. Имаме доверба во судството од два отсто. Па, кај беа овие две власти, на одмор? Не знам како може да се апстрахираат, тоа е систем, тие ја делат власта и имаат чек енд баланс – рече тој.