Врховниот суд на Косово ја потврди одлуката за забрана на носење хиџаб во училиштата, сметајќи ја за во согласност со кодексот на облекување пропишан од Министерството за образование, наука, технологија и иновации. Со тоа, судот ја отфрли тужбата поднесена против оваа одлука од страна на Мрежата за професионален развој на жените „Арита“, пренесува Klix.ba.
Организацијата Арита тврдеше дека забраната за носење шамија во јавните образовни институции е неоснована и претставува форма на дискриминација. Во нивната тужба се тврди дека бројни девојчиња биле исклучени од училиштата или им било забрането да посетуваат настава во текот на изминатите четири години само затоа што носеле шамија.
По жалбите од средношколци, Арита поднесе жалба до Врховниот суд барајќи поништување на спорната одлука.
Сепак, судот ја отфрли жалбата, објаснувајќи дека Министерството за образование има законско овластување да утврдува правила на однесување и облекување за учениците, во согласност со Законот за предуниверзитетско образование и Законот за стручно образование и обука.