На денешната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), социјалните партнери дискутираа за повеќе прашања од значење за работниците, работодавачите и животниот стандард на граѓаните, со посебен акцент на просечната потрошувачка кошница изготвена од Министерството за економија и труд.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека целта на новата методологија за пресметка на потрошувачката кошница е да се обезбеди објективен, транспарентен и статистички заснован приказ на реалните трошоци на домаќинствата, кој ќе претставува основа за креирање квалитетни економски и социјални политики.
„Нашата цел не е да покажеме пониска бројка, туку да обезбедиме проверлива, транспарентна и статистички заснована слика за трошоците на домаќинствата. Податоците треба да ни служат како основа за носење одговорни одлуки и мерки што ќе придонесат за подобрување на животниот стандард и заштита на куповната моќ на граѓаните“, нагласи министерот Дурмиши.
Според податоците на Министерството за економија и труд, просечната потрошувачка кошница за септември 2026 година изнесува 58.117 денари за четиричлено домаќинство, што претставува намалување од 358 денари, односно 0,6 проценти во однос на август. Истовремено, во споредба со јануари годинава, вредноста на кошницата е зголемена за 1.736 денари или 3,1 процент.
Методологијата на Министерството за економиј и труд опфаќа 11 категории на трошоци и 101 прехранбен производ. Се темели на податоци од Државниот завод за статистика за осум градови, информации за цените на овошјето и зеленчукот од 23 пазари, како и податоци од пет големи и три регионални трговски синџири.
Сепак, без разлика дали се пресметува по едната или по другата методологија јасно е дека на едно четиричлено семејство му се потребни најмалку две минимални плати за да го помине месецот.
А зголемувањето на минималната плата, која во земјава изнесува 26.046 денари, не било на дневен ред на денешната седница на ЕСС, но по Нова Година, според најавите на министерот, со поддршка од ЕУ во рамки на Реформската агенда, ќе започнела изработка и на минимална кошница.
Според министерот, пазарните инспектори не откриле зголемување на трговските маржи.
О.К.