Дијаметрално спротивни ставови за Предлог-буџетот за 2026 изнесоа денеска пратениците од власта и опозицијата на седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
За едните, Предлог-буџетот е економска порака за стабилност, доверба и развој, како и јасен доказ за одговорното управување со јавните финансии, додека за другите-документ наметнат со сила, креиран без суштинска консултација со буџетските корисници, без инклузивен дијалог и без елементарна почит кон процедурите што ја прават фискалната политика легитимна и одговорна.
Најостри во оценките беа Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, кој ги бранеше проекциите и Фатмир Битиќи од СДСМ, кој повика пратениците да не го поддржат Предлог-буџетот.
-Денес не расправаме само за еден документ од неколку стотини страници, туку за програмски, развоен буџет. Овој буџет не е само список на приходи и расходи, не е табела во ексел, туку јасна политичка декларација во кој правец сакаме да ја движиме државата и каква Македонија сакаме да изградиме во следните години. Граѓаните не гласаа за продолжување на застојот, народот не ни даде доверба за да набројуваме проблеми, туку за да ги решаваме.
Со овој буџет за 2026 година, почнуваме да ја враќаме нормалноста, фискалната дисциплина и економската логика во управувањето на јавните пари. Повеќе нема буџети направени за партиски маркетинг, има буџет за развој. Повеќе нема хаос, има план, повеќе нема голи ветувања, има конкретни капитални проекти, рокови и бројки – рече Стојаноски.
Според Битиќи, пак, со Предлог-буџетот се испраќа порака дека граѓаните имаат Влада која не сака да слуша, која исклучува и сака да ја редуцира парламентарната расправа во чиста формалност.
– Првпат имаме административно изведен Предлог-буџет без суштиснка консултација со буџетските корисници, без инклузивен дијалог и без елементарна почит кон процедурите што ја прават фискалната политика легитимна и одговорна. Првпат претставници на буџетските корисници не беа повикани во дефинирање на буџетските приоритети.
Не се разговараше и не се усогласија приоритетите со институциите кои треба да работат за граѓаните. Наместо отворен процес, добивме документ што помина во Владата по скратена постпка без расправа во ниту една матична комисија – рече Битиќи и додаде дека буџетската транспарентност во земјава е ограничена.
Седницата почна со обраќање на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која пред матичната собраниска Комисија го образложи Предлог-буџетот за 2026 година. Општиот претрес по ребалансот на буџетот продолжува утре.