Меѓународниот арбитражен трибунал пресуди во корист на босанската компанија „Енергоинвест“, откако АД МЕПСО го раскина договорот за изградба на далноводот Македонија – Албанија поради неисполнети обврски. Според одлуката, компанијата има право на речиси 6 милиони евра (сметано од 10 април 2026 година, со камата до конечна исплата). Истовремено, трибуналот го одби барањето на државната компанија за надомест на штета од 19,3 милиони евра. Министерката за енергетика, Сања Божиновска изјави дека државава сè уште има можност за жалба.
Шест милиони евра ќе ги чини македонските граѓани раскинувањето на договорот за изградба на 400 киловолтниот далновод Македонија -Албанија со компанијата „Енергоинвест“ од Босна и Херцеговина, која во 2020 година беше избрана и почна да го гради интерконективниот вод.
Компанијата се огласи со соопштение на социјалните мрежи, во кое потенцира дека е на чекор до добивање на случајот пред Меѓународниот арбитражен трибунал (DAB).
Одлуката на DAB ги потврдува клучните договорни и финансиски позиции на „Енергоинвест“ во меѓународниот спор на FIDIC против АД МЕПСО.
„Енергоинвест д.д. Сараево ја информира јавноста дека во постапката пред Одборот за решавање спорови (DAB), спроведена според правилата на FIDIC во спорот против АД МЕПСО од Северна Македонија, донесена е значајна одлука во корист на „Енергоинвест“.
Со оваа одлука се потврдија клучните позиции на „Енергоинвест“, вклучувајќи го и правото на речиси 6 милиони евра (од 10 април 2026 година, со понатамошна камата до исплата), а во исто време се отфрлаат најзначајните побарувања на другата страна во вкупна вредност што надминува 19,3 милиони евра“, соопштија од компанијата.
Спорот се однесуваше на спроведувањето на меѓународен проект за енергетска инфраструктура спроведен според моделот на договор „Yellow Book“ на FIDIC. Како дел од постапката, DAB ги разгледа прашањата за извршување на договорот, продолжување на рокот, раскинување на договорот, како и финансиските побарувања и контратужби на договорните страни.
„Особено е значајно што DAB го прифати клучниот став на „Енергоинвест“, во врска со раскинувањето на договорот, потврдувајќи дека раскинувањето од страна на АД МЕПСО не било оправдано, додека раскинувањето од страна на „Енергоинвест“ било оправдано. Тоа дополнително ја потврди правната и деловната исправност на постапките на компанијата во овој сложен меѓународен спор“, соопштија од компанијата.
Оттаму додадоа дека со одлуката се затвораат долгорочни договорни проблеми за проекти, кои траеле повеќе години, а негативните финансиски импликации од нив надминале 50 милиони евра.
НАМЕСТО ДА НИ ПЛАТАТ, ЌЕ ПЛАТИМЕ?
Иако Трибуналот го одби барањето на нашата државна компанија АД МЕПСО за отштета од 19,3 милиони евра, а пресуди во корист на босанската компанија, министерката за енергетика, Сања Божиновска не даде јасен одговор дали оваа сума треба да се плати во оваа фаза. Иако DAB го одби барањето на МЕПСО и го прифати она на „Енергоинвест“, таа истакна дека државата сè уште има шанси преку жалбена постапка.
–На ниво на влада ќе поднесеме жалба. Верувам дека до крајот на следната недела ќе ги знаеме следните чекори. Адвокатите, ангажирани од САД, ни рекоа дека имаме добри шанси, изјави Божиновска.
Министерката, претходно на брифинг со новинарите, посочи дека не се знае кој ќе плаќа пенали за раскинатиот договор, но, според неа, можеби тоа ќе биде изведувачот.
–Колку што знам и, според договорот, а и да се потврди дека ништо не направиле тие, имаат технички капацитети, не се задржуваат на договорот и ги зголемуваат цените. Пратија фактура на МЕПСО и наместо 2,5, побараа 7,5 милиони евра. Затоа не верувам дека треба да платиме некакви пенали, можеби е обратно, изјави министерката за енергетика, Сања Божиновска, по раскинувањето на договорот со „Енергоинвест“.
Директорот на МЕПСО, Бурим Љатифи, во април лани рече дека за далноводот веќе биле исплатени околу 5,8 милиони евра кон претходниот изведувач „Енергоинвест“, од кои околу два милиони евра се вратени преку банкарските гаранции.
–Не би рекол дека има финансиски реперкусии, бидејќи исплатените средства се отидени за набавка на опрема, која е наша сопственост и е околу 50 проценти од опремата што ни треба за целосна реализација на проектот. За да потврдиме дека опремата и квантитативно и квалитативно е на ниво, ангажиравме стручни лица од Машински и од Електро факултет, кои го потврдија тоа, образложи Љатифи.
ДОГОВОР СО „ЕНЕРГОИНВЕСТ“
Македонија е поврзана со две 400-киловолтни линии со Грција, со исто толку линии кон Србија, од кои едната оди кон Врање во Србија, а другата кон Урошевац во Косово, додека со Бугарија имаме едно поврзување од 400 кв, кое оди од Крива Паланка до Радомир. На запад беше проектирано поврзување со соседна Албанија – преку 400-киловолтен далновод од Битола преку Охрид до Елбасан.
За овој далновод, МЕПСО потпиша договор за изградба на 7 февруари 2020 година. Парите беа обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој. Вредноста на градежните работи изнесуваше 17,2 милиони евра. Меѓународниот тендер го доби компанијата „Енергоинвест“ од Босна и Херцеговина.
Од почнувањето на проектот биле реализирани 24 од планираните 269 фундаменти за столбови (8,9 проценти), а доставени се 51,2 проценти од опремата. Сараевската компанија, тендерот го доби во 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Тој рок истече на 30 мај 2023 година, а далекуводот не беше изграден.
Кон крајот на 2024 година, новото раководство на АД МЕПСО еднострано го раскина договорот со босанската „Енергоинвест“ затоа што изведувачот имал бавно темпо на изградба и побарал дополнителни финансиски средства.
„Договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Рокот истече на 30.5.2023 година. Треба да се истакне дека во овој период, изведувачот неколкупати го напушташе градилиштето, барајќи дополнително плаќање, што беше одбиено од АД МЕПСО поради типот на договорот, „клуч на рака“. И покрај повеќекратните напори на АД МЕПСО за усогласување и преговарање, договор не беше постигнат. Затоа, АД МЕПСО ја донесе неопходната одлука за раскинување на договорот“, наведе претходно МЕПСО.
МЕПСО соопшти дека изведувачот не ги исполнувал обврските, повеќепати го напуштал градилиштето и барал дополнителни 7 до 8 милиони евра преку анекс, иако договорот бил од типот „клуч на рака“.
НОВА ФИРМА, НО И ПОВЕЌЕ ПАРИ
На 28 април 2025 година, АД МЕПСО објави нов меѓународен тендер за изградба на 400-киловолтен надземен далновод, кој треба да ја поврзе Трансформаторската станица Битола 2 со македонско-албанската граница. Проектот имаше проценета вредност од околу 17 милиони евра, а се финансира преку заем и грантови од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и од европските фондови.
–Овој интерконектор ќе го позиционира нашиот систем како клучен дел од европската електроенергетска инфраструктура, овозможувајќи стабилен пристап до регионалните пазари и системски балансни услуги, изјави генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи.
Проектот има и европска финансиска тежина. Според „Western Balkans Investment Framework“, ЕБОР обезбедила заем од 37 милиони евра за поддршка на изградбата, а Европската Унија кофинансира со грант од 12 милиони евра преку WBIF. На македонската страна се предвидени 97,5 километри преносна линија, нова трафостаница кај Охрид и далекуводно поле во Битола.
Изведувач, сега, е конзорциум предводен од компанијата ДАЛЕКОВОД од Хрватска. Вредноста на договорот изнесува 19,7 милиони евра. Тоа се 2,5 милиони евра повеќе од сумата предвидена со раскинатиот договор со босански „Енергоинвест“.
Конзорциумот, исто така, го сочинуваат босанската електроинженерска фирма ELNOS и српската градежна компанија „Кодар Енергомонтажа“. Договорениот проект вклучува испорака и изградба на 400 kV далновод од трафостаницата 400/110 kV „Битола 2“, преку трафостаницата 400/110 kV „Охрид“, до границата меѓу Македонија и Албанија, односно Елбасан. Планираниот датум на завршување е средината на 2028 година.
Хрватската компанија беше спомната во случајот „Украдени проводници“, кој го објави хрватското списание „Национал“, а беше поврзан со исчезнување и нелегална продажба на стотици тони материјал од хрватскиот оператор HOPS, со проценета штета од над 1 милион евра. Во овој случај, „Далековод“ бил ангажиран како изведувач за дел од работите. Сепак, компанијата негира каква било вмешаност во продажбата на материјалот, нагласувајќи дека немала овластување за тоа и дека ги исполнила сите договорни обврски.
Според српските медиуми, „Кодар Електромонтажа“ индиректно се поврзува со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Нејзиниот сопственик Иван Пантелиќ е бизнис-партнер со Никола Петровиќ, поранешен директор на „Електромрежа Србије“ и кум на Вучиќ.
Босанската „Елнос БЛ“, со седиште во Бања Лука, е во сопственост на Бранко и Душан Торбица, а според босанските медиуми, индиректно се поврзува со првиот човек на Република Српска, Милорад Додик, преку бизнис-мрежи блиски до неговото семејство и заеднички настапи на тендери.
ТРИБУНАЛОТ ГИ СКАРА ДУИ И ВЛЕН
Одлуката од Трибуналот ги скара и албанските политички партии, чии кадри со години управуваат со Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО).
Демократската унија за интеграција побара итна истрага за злоупотреба на службена положба и оштетување на државниот буџет против генералниот директор на МЕПСО, Бурим Латифи, по загубениот спор со босанската компанија „Енергоинвест“ за изградбата на далноводот за поврзување со Албанија.
ДУИ тврди дека Латифи е прв братучед на Изет Меџити и дека поради него и меѓународната одлука, Македонија треба да плати 6 милиони евра штета.
–Тоа е директна последица на неговите одлуки. Латифи ја раскина постојната договорна обврска со компанијата Енергоинвест од Сараево и ја замени со Елнос БЛ од Бања Лука, компанија тесно поврзана со мрежата на интереси на Милорад Додик. Меѓународниот трибунал ДАБ, кој работи според правилата на ФИДИК, ги отфрли сите барања на МЕПСО во вредност од 19,3 милиони евра и му признал на Енергоинвест право на 6 милиони евра, кои ќе излезат од државниот буџет од џебовите на граѓаните, обвинија од ДУИ.
Тие посочуваат дека е оштетен јавниот интерес.
–Бурим Латифи, именуван на чело на стратешко државно претпријатие врз семејна и политичка основа, донел одлуки, кои директно го оштетиле јавниот интерес и довеле компанија поврзана со Додик во критичната енергетска инфраструктура на држава членка на НАТО, наведуваат интегративците во своето соопштение, барајќи целосна ревизија на сите договори потпишани за време на неговиот мандат и итно суспендирање на договорот со „Елнос БЛ“.
За разлика од сегашниот став на ДУИ, поранешниот директор на МЕПСО, Куштрим Рамадани, кој доаѓа токму од редовите на ДУИ, пред една година во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ 21, категорично изјави дека тој би го раскинал договорот со „Енергоинвест“.
–Немаа активности на терен. Во договорните услови нема простор за зголемување на цената. Договорот е lump sum, со фиксни и непроменливи цени, затоа ниту сум им дал простор на компанијата „Енергоинвест“ за разговори за зголемување на цените – договорот не дозволува такво нешто. Компанијата од Босна и Херцеговина имаше само мала канцеларија, со еден вработен и контакт-телефон на кој никој не се јавуваше. Со длабоко убедување велам дека јас би го раскинал тој договор!, рече Рамадани.
Владејачката ВЛЕН возврати и ја обвини ДУИ дека го брани стариот договор со босаноската компанија поради, како што тврдат од партијата, приватни интереси и сомнителни врски со фирми блиски до поранешни функционери од врвот на ДУИ.
Реакцијата доаѓа по раскинувањето на договорот со „Енергоинвест“ од Сараево, кој беше ангажиран за изградба на далноводот од ТС Битола 2 до македонско-албанската граница. Од ВЛЕН тврдат дека договорот морал да биде раскинат бидејќи проектот со години бил блокиран, а, наместо реализација, се барале нови анекси и дополнителни плаќања.
Од партијата обвинуваат дека преку фиктивни договори, подизведувачи и нереализирани обврски, се создавал простор за извлекување јавни пари. Во реакцијата се наведува дека во проектот, како подизведувачи во време на ДУИ, се појавувале лица блиски до партискиот врв, меѓу кои се спомнува и Нефи Усеини од Охрид, за кого ВЛЕН тврди дека е поврзан со Али Ахмети и Бујар Османи.
Обвинувањата не се поткрепени со судска одлука, но ВЛЕН бара случајот да се третира како пример за партиско влијание врз инфраструктурни проекти.
Од ВЛЕН велат дека одлуката за раскинување не била донесена политички или самоволно, туку по анализа и форензичка проверка побарана од МЕПСО, преку проект на УСАИД. Тие тврдат дека постапката била водена во согласност со правилата на Европската банка за обнова и развој и дека секој чекор, вклучително и новата тендерска постапка, бил под надзор на ЕБОР.
Пишува: Орце КОСТОВ