Општинското државно обвинителство во Велика Горица (Хрватска) поднесе обвинение против 25-годишна жена за кривично дело повреда на правата на дете.
Таа е обвинета дека минатото лето консумирала кокаин во семејната куќа во Загреб, а дел од дрогата ја оставила расфрлана низ станот, поради што нејзиното тригодишно дете дошло во контакт со дрогата.
Според обвинението, кривичното дело се случило во периодот од 22 до 28 јули 2025 година. Детето, како што е наведено, дошло во контакт со дрога и ја консумирало, со што го загрозило неговиот правилен психофизички раст и развој.
Случајот е откриен на 28 јули 2025 година, кога мајката, за да избегне позитивен тест за дрога, на работното место донела урина од своето дете наместо своја. Неофицијален тест покажал присуство на дрога во урината на детето.
Од наодите од токсиколошкото испитување произлегува дека е утврдено присуство на кокаин и негови метаболити во крвта и урината на обвинетата, што потврдува дека таа консумирала кокаин.
На 28 јули 2025 година, полицијата добила извештај од бабата на детето, која пријавила дека нејзината ќерка консумира дрога и дека нејзината внука стапила во контакт со неа и дека е позитивна на тестот.
Обвинетата во својата изјава навела дека не знаела како детето ја добило дрогата и дека тоа бил „момент на слабост“ по семејна расправија.
Таа исто така изјавила дека е на лекување и апстинирала четири месеци, како и дека поднела барање за развод поради насилството на нејзиниот сопруг.