Близу 128 илјади граѓани со право на глас в недела ќе може да гласаат на повторените избори во четири македонски општини – во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и во Центар Жупа. Вечерва на полноќ завршува кампањата пред гласањето, по што се очекува и во овие населени места да се изберат градоначалници и, на тој начин, да се заокружи целосно локалниот изборен циклус во државата.
Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), гласачките ливчиња веќе се на пат кон оптшинските изборни комисии заедно со апаратите за биометриска идентификација, а оттаму да бидат подигнати од Избирачките одбори. Во сабота прво ќе гласаат гласаат болните и изнемоштените и лицата во затворите.
Во фокусот на јавноста за овие повторени избори секако е гласањето во Гостивар, каде минатиот пат, како и кај другите три општини, поради недоволен цензус на излезени гласачи, изборите беа поништени. Таму победата „за влакно“ му побегна на дотогашниот градоначалник Ваљбон Лимани, кој ја зазема позицијата откако неговиот претходник Арбен Таравари стана министер за здравство во Владата на Христијан Мицкоски. Лимани е кандидат на опозициската Национална Алијанса за интеграција, предводена од ДУИ. Наспроти него, владејачката ВРЕДИ овој пат го кандидира Невзат Бејта долгогодишен кадар на „интегративците“ и човек кој во два мандата беше на чело на Гостивар.
Изборите в недела ќе дадат одговор на прашањето дали опозицијата во албанскиот политички блок ќе успее да освои една, условно речено, голема општина, откако во октомври минатата година кандидатите на ВРЕДИ, практично ги освоија сите поголеми единици на локална самоуправа каде доминантно живеат Албанци, наспроти оние од ДУИ и коалициските партнери.
Освен Гсотивар, битката кај Албанците ќе се води и во Врапчиште меѓу кандидатиИсен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири од група избирачи, поддржан од ВРЕДИ.
Во Маврово – Ростуше пак ќе има изборен натпревар во македонскиот политички блок. ВМРО-ДПМНЕ го има кандидатот Омер Јакупоски, кој е на позицијата владин повереник за општината и за кого на терен агитираат лично и премиерот Христијан Мицкоски и, особено, вицепремиерот Александар Николоски. Додека, пак, СДСМ кој владееше до октомвриските избори со општината го номинираше Анес Ахмети.
Во Центар Жупа пак има само еден кандидат – тоа доскорешниот градоначалник Аријан Ибраим, кој исто така, во моментов е и владин повереник.
Причината за малата излезност во овие општини, треба да се бара во големиот одлив на жители на привремена или постојана работа во странство, поради што и го носи епитетот на печалбарски крај. За да се избере градоначалник потребно е за еден од кандидатите да гласаат повеќе половината од излезените избирачи.
Согласно одредбите од Изборниот законик на повторените избори не е потребна излезност од една третина на гласачите туку за да се избере градоначалник треба за еден од кандидатите да гласаат повеќе од половината од излезените избирачи, вклучувајќи ја и Центар Жупа каде што има само еден кандидат.
Изборите за градоначалник во овие четири општини се повторуваат бидејќи на Локалните избори 2025 таму немаше доволен број граѓани излезени на гласање.
Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), во овие општини во првиот круг на 19 октомври не беше постигната законската излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи, што е услов за изборите да се сметаат за успешни.
Во Гостивар одѕивот беше 33,31 процент, во Врапчиште – 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше – 30,31 процент и во Центар Жупа – 21,49 проценти.
З. Фиданоски