Кој е крајниот газда на фирмата од Дубаи, која го „купи“ хотел „Ибис“ од Камчеви за 5 милиони евра?!

Откако членови на семејството Камчеви и нивни компании се најдоа на „црна листа“ на САД, тие го продадоа хотел „Ибис“ лоциран во строгиот центар на Скопје, на фирма со седиште во Дубаи чиј формален сопственик е Сашо Толески, кој работи како агент или консултант за недвижности во Обединети Арапски Емирати, а вредноста на купопродажната зделка изнесува 5 милиони евра.

by vlatko 12:29
12:29

Текстот е објавен на 21 август 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.559.

Кога беше отворен во 2015 година, хотелот „Ибис“ беше промовиран како инвестиција вредна 6 милиони евра. Овој хотел во строгиот центар на Скопје е во сопственост на компанија основана во 2012 година, која смени повеќе називи – „Евро Балкан Хотелс“, „Хотел Ибис“ , „ЕК-ОР“, „Орка Хотел“ и последно „Муфрима Хотел“, а во нејзината сопственичка структура поминале повеќе субјекти, главно поврзани со семејството Камчеви. Но, во 2019 година, единствен сопственик на друштвото што го поседува „Ибис“ станува „Орка Холдинг“, која ланската 2024 година одлучува да го продаде хотелот на „Муфрима Инвестмент“ со седиште во Дубаи за 5 милиони евра. По оваа промена, управител на македонското друштво станува Сашо Толески, кој воедно е заведен и како вистински сопственик од 2024 година, откако претходно во тоа својство е запишана Ратка Куноска-Камчева, мајка на Орце Камчев. Во документите доставени до македонските органи, Толески е фигурира како агент за недвижности со адреса на живеење во Дубаи, Обединети Арапски Емирати, додека како негов работодавец е запишана „Ројалхоум“, компанија за недвижности од Дубаи, која Толески го опишува како „виш консултант за недвижности“. Арно ама, за кратко време, на негово место, нов управител на скопската „Муфрима Хотел“ („Ибис“) станува Роберт Џонески, чие име може да се сретне и како поранешен управител на „Архи – „Панорама Резиденс“, исто така своевремено во сопственост на Камчеви, која во одреден период била и газда на „Ибис“. Всушност, тоа го прави Џонески линк меѓу поранешното сопствеништво на Камчеви врз „Ибис“ и новото сопствеништво од Дубаи, кое официјално се води на име на„Муфрима“, т.е. на Толески. „Фокус“ ја истражуваше оваа купопродажба, па до какви сознанија дојдовме од документацијата со која располагаме?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Кон крајот на ланската 2024 година, во дел од медиумите осамна вест дека компанијата „Орка Хотел“ во сопственост на семејството на бизнисменот Орце Камчев, осуден во предметот на „Империја” и дел од „црна листа“ на САД, го продала хотелот „Ибис“ во центарот на Скопје, а купувачот е компанија со седиште во Дубаи со назив „Муфрима Инвестмент“.

„Компанијата Орка Хотел, во чија сопственост е хотелот Ибис во строгиот центар на Скопје, има нов сопственик во Муфрима Инвестмент од Дубаи од крајот на минатиот месец. Засега останува непознато дали новиот газда ќе донесе ребрендирање на хотелот, за кој при неговото отворање беше објавено дека се инвестирани 6 милиони евра.

Новото име на компанијата е Муфрима Хотел, а за назначен управител е Сашо Толески, консултант за недвижнини со повеќегодишно искуство од Дубаи. Во неговата биографија пишува дека има над 9 години искуство во недвижности и дека работел на проекти како Палм Џумеира и Марина Дубаи.

Инаку, приходите на овој хотел минатата година изнесувале 1,75 милиони евра, а добивката била околу 230.000 евра. Хотелот, кој е во непосредна близина на градскиот плоштад, официјално имал 23 вработени. Ибис е отворен во 2015 година, како дел од франшиза на француски хотелски ланец, на градежна парцела зад хотелот Јадран.

Објектот се градеше паралелно со Мериот – и двата блиску еден до друг. Хотелот има 7 ката и поткровје, а кога се изгради инвеститор беше Евробалкан Хотелс од Скопје. Ибис има 110 соби и дел е од групацијата Accor Hotels, хотелски синџир кој е присутен во 92 земји во светот со повеќе од 3.700 хотели и 480.000 хотелски соби“, објави порталот „Фактор“ лани во ноември.

Од објавата на оваа вест поминаа 8 месеци, но досега „Ибис“ не претрпе ребрендирање, односно се промени називот на компанијата, ама не и на хотелот. Ако се пребара на интернет, за фирмата од Дубаи излегуваат скудни информации, поврзани исклучиво со купопродажбата на скопскиот хотел. Но, никаде не може да се најде јавен податок за биснис и деловни активности на „Муфрима“ во хотелско-угостителскиот сектор.

Што се однесува до Толески, кој во име на „Муфрима“ настапи пред македонските органи, за него може да се најдат информации дека долги години работи во секторот за недвижности во Дубаи. На пример, на неговиот Линкдин-профил може да се види дека учел на битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“, по што заминува да работи во Дубаи, каде се дообразувал на „Dubai Real Estate Institute – DREI“.

РАБОТА СО НЕДВИЖНОСТИ

Притоа, тој навел дека бил дел од повеќе компании од Дубаи што се занимаваат со недвижности, каде што работел во продажба или како менаџер. Така, во периодот од 2007 до 2009 година работел во „Jamal Al Habtoor Real Estate“, а паралелно со тоа, т.е. во 2008-2009 година работел и во „Al Habtoor Properties LLC“. И во двете фирми навел дека работел во сегментот продажба.

Потоа, Толески бил дел од „Schon Properties“ (2009-2010) како т.н. relationship manager. По кус престој во овие компании, тој станува дел од „Royalhome“, каде што работел на продажба од 2010 до денес или цели 15 години. Во меѓувреме, односно од 2019 година, станува дел и од „Smаrt Bussness Real Estate“ како т.н. portfolio manager“.

На официјалната страница на „Royalhome“ се наведува дека важи за една од водечките компании за недвижности во Обединетите Арапски Емирати. Како дел од тимот на компанијата фигурира и Толески со титула сениор консултант. Во неговата биографија стои дека тој нуди професионални услуги и совети за купување, продажба и изнајмување вили на Palm Jumeirah и луксузни станови во Dubai Marina.

„Саша е многу талентиран виш консултант за недвижности со повеќе од 16 години меѓународно искуство. Бидејќи е на пазарот на недвижности во Дубаи од 2005 година, тој изградил успешна кариера и солидна репутација. Сертифициран е од RISC, водечка институција за професионална квалификација на недвижности и акредитиран од Регулаторната управа за недвижности (државниот регулаторенорган за недвижности во Дубаи)“, пишува за Толески на сајтот на „Royalhome“.

Оттука, за него може да се прочита дека работел во повеќе фирми за недвижности во Дубаи повеќе од една деценија, но не и дека поседува своја или свои компании. Впрочем, ниту самиот на Линкдин, ниту во биографијата објавена на „Royalhome“, тој не се опишува како бизнисмен, туку како консултант за недвижности или поточно – „виш консултант за недвижности со повеќе од 16 години меѓународно искуство“.

Затоа, се поставува прашањето дали неговото поврзување со хотелот „Ибис“ претставува негова инвестиција? Односно, дали се работи за деловен потег на лична компанија на Толески, кој по долгогодишната кариера во светот на недвижности во Дубаи за првпат одлучил да влезе на македонскиот пазар? Или, пак, во случајов е ангажиран во друго својство и за друга цел? Ако е така, зошо и кој стои во заднина?

Откако беше обелоденето дека „Ибис“ преминал во рацете на фирма од Дубаи, дестинација која важи за специфична јурисдикција или офшор-зона, „Фокус“ почна да ја истражува оваа купопродажба. Во тие рамки, извршивме и увид во регистарската влошка на компанијата во Централниот регистар, при што обезбедивме обемна документација. До какви сознанија дојдовме – колку чини продажбата на скопскиот хотел и кој е крајниот сопственик на фирмата-купувач од Дубаи?

ИСТОРИЈАТ НА ПРОМЕНИ

Според историјатот на промени, компанијата што го поседува хотелот „Ибис“е основана во мај 2012 година под називот „Евро Балкан Хотелс“, со основна главнина од 2 милиони евра и со основна дејност –„изградба на станбени и нестанбени згради“. Првично, како сопственик се јавувало акционерското друштво„Евро Балкан Груп АД Скопје“ во сопственост на „Орка Холдинг АД“, а прва управителка била Лилјана Гајдоска – сите опфатени во предметот „Империја“.

Само неколку месеци подоцна, односно во јули истата 2012 година, како нов содружник на партнерска основа влегува „Ексико“, офшор-компанија, која беше во фокусот на јавноста за време на 10-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски, исто така опфатена во „Империја“. По оваа промена, „Евро Балкан Груп АД“ и „Ексико“ имале идентични удели од по 50 отсто, односно по 1 милион евра од вкупната главина од 2 милиони евра.

Неколку месеци подоцна, поточно во октомври 2012 година, друштвото го менува називот од „Евро Балкан Хотелс“ во „Хотел Ибис“. Истовремено, како нов содружник почнува да фигурира „Кара АД Скопје“, меѓутоа не се работи за структурна промена во сопственичката структура, туку за промена на називот на еден од содружниците. Односно, „Евро Балкан Груп АД“се преименувала во „Кара АД“.

Но, веќе во следниот месец ноември истата 2012 година, нов косопственик на „Хотел Ибис“ станува „Орка Холдинг АД Скопје“, која доаѓа на местото на фирмата-ќерка „Кара АД Скопје“. Моментално, како акционери на „Орка Холдинг АД“ се јавуваат друштвата „Камчев Консалтинг“ и „Орка Фајнанс“ во сопственост на Ратка Куноска-Камчева, мајка на Орце Камчев. Неодамна, тие се најдоа на „црната листа“ на САД и како физички и како правни лица.

Нема нови промени се до јуни следната 2013 година, кога нов управителна местото на Лилјана Гајдоска станува Горан Манов. Во април следната 2014 година, пак, друштвото го менува називот од „Хотел Ибис“ во „ЕК-ОР“, што претставува спој од првите букви на називите на содружниците – „ЕКсико“ и „ОРка“. Веќе во мај 2014 година доаѓа до нова промена, бидејќи единствен сопственик на место на „Орка“ и „Ексико“ станува „Архи“, подоцна преименувана во „Панорама Резиденс“.

Понатаму, на крајот на годината (декември 2014), нов управител на „ЕК-ОР“ на местото на Горан Манов станува Катерина Илиевска. Истовремено, односно во декември 2014 година е зголемена основната главнина на друштвото, која од 2 милиони евра расте на 2.768.202 евра. Следната поважна промена е во декември 2015 година, кога основната главнина пак се зголемува и изнесува 3.248.935 евра.

Во текот на истиот месец декември 2015 година, основната главнина на друштвото пак расте и доаѓа до 3.274.085 евра. Околу 3 години подоцна, односно во јануари 2018 година, има нова промена кај основната главнина, која тогаш изнесува 3.228.396 евра, што значи дека се намалила. При оваа промена, сопственикот на „ЕК-ОР“ – „Архи“ или „Панорама Резиденс“ веќе е трансформиран од ДОО во ДООЕЛ, што значи дека преминал во сопственост на едно лице…

ВИСТИНСКИ СОПСТВЕНИЦИ

Што се случува следно? Во март следната 2019 година, друштвото добива дејност „хотели и слични објекти за сместување“, а во мај истата 2019 година го менува називот од „ЕК-ОР“ во „Орка Хотел“. Следна промена се случува во периодот септември-ноември 2019 година, кога старо-нов сопственик на „Орка хотел“ повторно станува „Орка Холдинг АД“ на местото на „Архи“, што значи дека „Орка“ по неколку години повторно директно се враќа во сопственичката структура.

Дополнително, во јуни 2021 година пак се зголемува основната главнина на „Орка хотел“ на 3.483.155 евра, а во ноември 2021 година достигнува 3.583.155 евра. Ваквата диманика продолжува и во следниот период, така што во декември истата 2021 година, основната главнина се зголемува на 3.643.155 евра, додека во март 2023 година се зголемува на 3.743.155 евра.

Во текот на следната година, односно во мај 2024 година, управител на компанијата на местото на Катерина Илиевска повторно станува Лилјана Гајдоска, која, како што веќе наведовме, беше прва управителка на друштвото по основањето во 2012 година. Всушност, тоа е последна промена за издвојување во рамки на компанијата пред нејзиното преземање од страна на „Муфрима“ од Дубаи.

Конкретно, во октомври 2024 година целосно нов сопственик на „Орка Хотел“ на местото на „Орка Холдинг“ станува „Муфрима Инвестмент Ин Комершал Енетерпрајс и Менаџмент“ со седиште во Дубаи, Обединети Арапски Емирати. Тогаш, друштвото се преименува од „Орка Хотел“ во „Муфрима Хотел“, а нов управител, на местото на Лилјана Гајдоска, станува споменатиот Сашо Толески, заведен со адреса на живеење во Дубаи.

Арно ама, последните проверки што ги извршивме покажуваат дека во меѓувреме дошло до нови промени, од причина што нов управител на „Муфрима Хотел“, на место на Толески, станал Робер Џонески. Покрај тоа, Џонески се јавува и како единствен сопственик и управител на „Реформ Архитектура“ и како еден од содружниците и воедно управител на „ФЕЦ Ореовец“ – два релативно нови правни субјекти без значителна деловна активност.

Меѓутоа, неговото име може да се најде и како поранешен управител на „Панорама Резиденс“, чиј поранешен назив е „Архи“. Колку за потсетување, оваа компанија веќе ја посочивме како поранешен сопственик на денешното друштво „Муфрима Хотел“, кое порано ги носеше називите „Орка Хотел“, „ЕК-ОР“, „Хотел Ибис“ и „Евро Балкан Хотелс“. Така, Џонески претставува врска или линк меѓу сегашното и поранешното сопствеништво на компанијата во чија сопственост е хотел „Ибис“.

Каква е тогаш позицијата на Толески? Во тековната состојба за вистински сопственик на ова друштво тој е заведен како стопроцентен индиректен сопственик со почетен датум на важење од 1.11.2024 година. Кога ќе се погледне историјатот на вистински сопственик, пак, произлегува дека претходно, односно од 12.4.2021 до 1.11.2024 година, како вистински сопственик на компанијата со тогашен назив „Орка Хотел“, додека е во сопственост на „Орка Холдинг“, е запишана Ратка Куноска-Камчева…

ПРОЦЕНКА НА ИМОТ

Според документацијата што ја обезбедивме, одлуката за основање на друштвото „Евро Балкан Хотелс“, денешно „Муфрима Хотел“, се носи во 2012 година од страна на „Евро Балкан Груп АД“, каде што функционирал Одбор на директори, чиј претседател во тоа време бил Ивица Јосифовиќ, брат на Ненад Јосифовиќ, кој исто така беше дел од компаниите на Камчеви и беше опфатен во случајот „Империја“. Тогаш, Лилјана Гајдоска е извршен директор во „Евро Балкан Груп АД“ и потоа станува управител на „Евро Балкан хотелс“.

„Фокус“ дојде до записникот од одржаната седница на Одборот на директори на „Евро Балкан Груп АД“, каде што, освен Јосифовиќ (претседател на Одборот на директори) и Гајдоска (извршен член на Одборот на директори), членувале и Емилијо Бинда, економист и претприемач од Лугано, Швајцарија (неизвршен директор и независен член на Одборот на директори), како и Занарди Фабрицио, исто така од Лугано, Швајцарија (неизвршен член на Одборот на директори).

Меѓу другото, Јосифовиќ потпишал изјава дека почетниот основачки влог во новоформираната „Евро Балкан Хотелс“ изнесува 17,56 отсто од имотот на основачот „Евро Балкан Груп АД“. Во изјавата за основање на друштвото потпишана од Гајдоска, пак, се наведува дека за почеток со работа се вложува недвижен имот-градежно земјиште со вкупна површина од 575 квадратни метри. Се работи за парцелата каде е изграден хотел „Ибис“, од неодамна во сопственост на „Муфрима“ од Дубаи.

Во Извештајот за проценка на предмети-опрема и пари вложени како основачки влог со кој располагаме, се наведува дека овластениот судски проценител во 2012 година утврдил дека посочениот имот од 575 квадрати, во сопственост на „Евро Балкан Груп АД“ (компанијата во истата 2012 година се преименува во „Кара АД“, а во 2020 година се трансформира во ДООЕЛ во сопственост на „Орка Холдинг“) има проценета вредност од 478 евра по квадрат или вкупно 2 милиони евра. Токму тоа претставува основачкиот влог на друштвото.

Меѓутоа, во текот на истата 2012 година во сопственичката структура на „Евро Балкан Хотелс“ влегува „Ексико“ на паритетна основа со „Евро Балкан Груп“ („Кара“), што значи дека содружниците имале по 50 отсто од непаричниот влог од 2 милиони евра. Тоа е направено по пат на договорот за пренос на удел, според кој „Евро Балкан Груп АД“ како единсвен содружник во „Евро Балкан Хотелс“ („Ибис“) му пренел 50 отсто од основачкиот влог или 1 милион евра на „Ексико“. Во замена за тоа, „Ексико“ му отстапил 20 отсто од својот удел во „Бет Ком Трејдинг“, која веќе не функционира и има блокирана банкарска сметка.

Која е компанијата „Ексико“? Станува збор за компанија застапувана од Тодор Мирчевски, чиј последен сопственик е офшор компанијата „ТМЈ Инвестмент“. Иако долги години се претпоставуваше дека е поврзана со ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков, сепак, тоа официјално се потврди во рамки на случајот „Империја“, откако Јордан Камчев приложил докази кои откриле дека вистинскиот сопственик на „Ексико“, односно на „ТМЈ Инвестмент“ од швајцарски Лугано, е Алескандра Мијалкова, сопруга на Сашо Мијалков.

Тоа значи дека Камчев преку „Евро Балкан Груп АД“, односно „Кара“, и Мијалков преку „Ексико“, одреден период биле партнери во „Евро Балкан Хотелс“, подоцна „Хотел Ибис“, со таа разлика што Камчев како бизнисмен тоа го правел транспарентно, додека Мијалков како висок државен и владин функционер се криел зад фирма регистрирана специфична јурисдикција, која, меѓу другото, нуди и одреден степен на заткривање на идентитетот на крајниот сопственик.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ГЛАВНИНАТА

Сите овие промени во компанијата што го поседува хотел „Ибис“ се случиле набргу по основањето во 2012 година. На крајот на годината, основачот „Евро Балкан Груп АД“, т.е.„Кара АД“ излегува од сопственичката структура, а на нејзино место влегува „Орка Холдинг АД“. Во суштина, тоа не менува многу од причина што „Орка“ била и се уште е целосен сопственик на „Кара“. Со други зборови,„Орка“ од индиректен станал директен содружник на „Ибис“, откако го презел уделот од 1 милион евра од фирмата-ќерка „Кара“ за износ од, според договорот,1.360.000 евра.

До нова промена доаѓа во 2014 година, така што единствен сопсвеник на компанијата што го поседува „Ибис“ станува „Архи“, која подоцна се преименува во денешниот назив – „Панорама Резиденс“. Според одлуката за пристапување и истапување, „Орка“ му го отстапила на „Архи“ својот удел од 1 милион евра за 1,5 милиони евра, додека „Ексико“ му го отстапила на „Архи“ својот удел од 1 милион евра за 1,3 милиони евра. Вкупно, „Архи“ им платил на „Орка“ и на „Ексико“ 2,8 милиони евра за уделот од 2 милиони евра.

Откако станал единствен сопственик на „ЕК-ОР“ („Хотел Ибис“, „Орка Хотел“, „Муфрима Хотел“), „Архи“неколкупати го зголемувал основачкиот влог, кој прво пораснал до 3.248.935 евра, па 3.274.085 евра, па 3.288.396 евра…, од кои 2 милиони биле непаричен влог врз основа на вредноста на градежната парцела, додека остатокот биле паричен влог. Во овој дел, треба да појасниме која била компанијата „Архи“, единствен сопственик на хотел „Ибис“ до 2020 година, кога е заменета од „Орка Холдинг“?

„Фокус“ пишуваше за некогашната „Архи“ или денешна „Панорама Резиденс“ во контекст на тендерите што ги доби од РЕК Битола компанијата „Новоматрикс“, поврзана со битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски, декралиран пријател на Вице Заев и осомничен во случајот за даночно затајување под кодно име „Синџир“. Како што тогаш напишавме, во сопственичката структура на„Новоматрикс“ минале многу субјекти, а еден од нив бил и „Архи-Панорама Резиденс“.

Тоа е компанија основана во 2005 година, која првично била во сопственост на турска компанија, а подоцна „на хартија“ се појавува и бизнисменот Ајдован Адемовски. Така е до 2010 година, кога ја презема веќе непостоечката „Архи Инвестмент“, која била во сопственост на „Орка“ на Камчеви и на „Ексико“ на Мијалкови. Во меѓувреме, на управителската позиција се менуваат веќе споменатите Лилјана Гајдоска и Горан Манов, додека Манов во еден период бил и газда на „Архи“.

Во следните години се регистрираат голем број промени во „Архи“, која во 2019 година се присоединува со „Сити Груп“, па во сопственичката структура се враќа „Орка“ на местото на Горан Манов. Сепак, Манов останува управител, но за кратко време е заменет од Роберт Џонески, кој, пак, подоцна е заменет со Оливер Алексовски. Сепак, од неодамна „Орка“ веќе не е сопственик на „Архи“ или „Панорама Резиденс“, туку сега таа е во сопственост на „Ким 2008“ на Христина Колевски.

Што може да се изведе како заклучок? Во еден неколкугодишен период, хотел „Ибис“ бил во сопственост на „Архи“ тогаш на Камчеви и Мијалкови, во чие време расте основачкиот влог. Во „Архи“, која во меѓувреме се преименува во „Панорама Резиденс“, пак, во одреден период управител бил и Роберт Џонески, сегашен управител на „Ибис“. Она што е интересно, тој доаѓа на оваа позиција откако друштвото формално добива нов сопственик – компанија со седиште во Дубаи?!

КУПОПРОДАЖНА ЗДЕЛКА

Да се вратиме на фирмата што го поседува хотел „Ибис“… Во 2019 година, таа се преименува од „ЕК-ОР“ во „Орка Хотел“, а веќе во следната 2020 година нов единствен сопственик станува „Орка Холдинг АД“ на местото на „Архи“. Во истата 2020 година, „Орка“ станува единствен сопственик и на „Архи“/„Панорама Резиденс“. Тоа значи дека некогашните партнери Камчев и Мијалков почнале да се разделуваат, бидејќи во овие две компании „Орка“ останала единствен сопственик, а „Ексико“ заминала.

Документацијата што ја обезбедивме покажува дека „Архи“, односно „Панорама Резиденс“, кон крајот на 2020 година (септември) го отстапила уделот во „Орка Хотел“ („Ибис“) од 3.228.936 евра на „Орка Холдинг“ за надомест од 4.250.000 евра. Тогаш, „Панорама Резиденс“ („Архи“) е во сопственост на „Орка Холдинг“ како единствен содружник, што фактички значи дека „Орка“ платила 4.250.000 евра кон нејзината фирма-ќерка „Архи“/„Панорама Резиденс“, откупувајќи го уделот од 3.228.936 евра во „Орка Хотел“, така станувајќи непосреден сопственик на „Ибис“.

За време на следните 2021 и 2022 година, „Орка Холдинг“ неколку пати го зголемува основачкиот влог на „Орха Хотел“ („Ибис“), кој достигнува 3.743.155 евра во 2022 година и на тоа ниво е до ден денес. Треба да се истакне дека во мај 2024 година управител на „Орка Хотел“ повторно станува Лилјана Гајдоска, која практично ја спроведува купопродажбата со „Муфрима“ од Дубаи. Од договорот што го поседуваме произлегува дека „Орка“ го продава уделот од 3.743.155 евра во тогашна „Орка Хотел“ или денешна „Муфрима Хотел“ за износ од 5 милиони евра.

На тој начин, нов сопственик на компанијата станува „Муфрима“ од Дубаи, која, пак, е во сопственост на Сашо Толески – заведен како вистински сопственик од ланската 2024 година, на место на Ратка Куноска Камчева. Ако се погледнат официјалните документи, може да се дојде до повеќе информации како за компанијата „Муфрима“, така и за нејзиниот формален сопственик Толески, кој беше и управител на „Муфрима Хотел“ („Ибис“) пред да го наследи Роберт Џонески, поранешен управител на „Архи/„Панорама Резиденс“.

Имено, „Муфрима“  е регистрирана на Al Khabeesi Building со број на лиценца од 128-246 и со регистарски број 2222328. Во разни документи до домашните институции, вклучително и во полномошното што и го дава на адвокатката Гордана Гацева, Толески се наведува како „вистински сопственик“ на „својата компанија“ со скратен назив „Муфрима Инвестмент“. Плус, тој се пријавува со статус на резидент во Обединети Арапски Емирати, при што наведува и точна адреса на живеење.

Згора на тоа, тој приложил и лична карта издадена од надлежен орган во ОАЕ. Во самиот документ за лична идентификација, како и во други документи, стои дека негово занимавање е агент за недвижности, додека како негов работодавец е наведена компанија „Royal Home Real Estate“ од Дубаи. Арно ама, на почеток на 2024 година Толески како физичко лице основал и компанија со назив „Муфрима Охрид“ со седиште во Охрид, при што настапил со македонска лична карта, пријавувајќи адреса на живеење во Охрид.

Во два наврати досега, испративме прашања по официјален пат до „Муфрима Хотел“, како и на лична мејл-адреса на Сашо Толески, кои беа поврзани со купопродажбата на хотел „Ибис“, со друштвото „Муфрима“ со седиште од Дубаи, со посочениот вистински сопственик Толески, за евентуални други бизнис и деловни активности итн. Меѓутоа, не добивме никакви одговори.

„ЦРНА ЛИСТА“

Инаку, хотел „Ибис“ беше изграден за 2,5 години и беше официјално отворен кон крајот 2015 година, како дел од хотелскиот синџир Accor Hotels, присутен во стотина земји во светот. Тогаш, овој хотел во строгиот центар на главниот град, кој спаѓа во категоријата со 4 ѕвезди, беше промовиран како инвестицијата е вредна 6 милиони евра. Десетина години подоцна, пак, „Орка“ го продава хотелот на „Муфрима„ од Дубаи за 5 милиони евра, или за 1 милион евра помалку од првичната инвестиција.

Зошто Камчеви одлучиле под овие услови да ја продадат фирмата во чија сопственост е атрактивниот хотел кој, патем, работел профитабилно? Според финансиските извештаи, „Муфрима Хотел“ бележи постојан раст на приходите од 2020 до 2023 година од 23 на 107 милиони денари, а во 2022 и во 2023 година нотирана е добивка од 15, односно 13 милиони денари. Единствено, пад на приходите се бележи ланската 2024 година, кога тие изнесувале 55 милиони денари, но имало добивка од 6 милиони денари.

Токму во оваа 2024 година друштвото добива нов сопственик, односно нов газда станува „Муфрима“ со седиште во Дубаи, во чие име настапува Сашо Толески. Тој е пријавен како вистински сопственик на компанијата по промената на сопственоста лани, откако претходно во тоа својство е Ратка Куноска Камчева. Во сите документи, Толески е заведен како агент за недвижности, а како негов работодавец фигурира „Royalhome“од Дубаи, која го квалификува како „виш консултант за недвижности“.

Па, дали Толески по долгогодишна работа во Дубаи одлучил да настапи како бизнисмен и инвеститор во Македонија преку „Муфрима“, вложувајќи 5 милиони евра во „Ибис“? Тој не одговори нашите прашања, што дополнително ја наметнува дилемата дали оваа купопопродажба е реална или промената на сопственоста е формална? Ваквата дилема уште повеќе се наметнува и поради фактот што актуелниот управител на „Муфрима Хотел“, Роберт Џонески, порано бил дел и од фирма на Камчеви („Архи-Панорама Резиденс“), која воедно е и поранешен сопственик на „Ибис“.

Доколку промената на сопственоста е само формална, тогаш која е целта? Како што е познато, на средината на 2023 година бизнисменот Јордан Орце Камчев беше ставен на „црна листа“ на САД, бидејќи ја „злоупотребил својата позиција, ангажирајќи се во коруптивни активности и спроведувајќи самопослужувачка агенда на сметка на демократските институции и граѓаните“. Истовремено, американските власти потенцираа дека Камчев беше осуден во судскиот процес „Парцели на Водно“, како и дека се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на случајот „Империја“.

Само неколку месеци подоцна истата 2023 година, на американската „црна листа“ се најде и неговата мајка Ратка Куноска Камчева, како и 2 семејни компании. Тоа се споменатите „Камчев Консалтинг“ и „Орка Фајненс“, преку кои Камчеви ја поседуваат „Орка Холдинг АД“, централна компанија во семејната бизнис-империја. Воедно, на „црната листа“ се најдоа и рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина, кои, според САД, во 2021 година префрлиле пари на „Камчев Консалтинг“ и „Орка Фајнанс“,  кои биле искористени за плаќање на заем поврзан со „Орка Холдинг“.

Како резултат на ова означување, целиот имот и интереси на Камчеви во САД или во сопственост или контрола на лица од САД се блокирани или замрзнати. Освен тоа, се забрануваат и сите трансакции на лица од САД со овие лица или нивни имот и интереси, а се забрануваат и сите трансакции од други лица кои би можеле да ги таргетираат. Веднаш по „поцрнувањето“ на македонски државјани, тогашната влада достави измени на Законот за рестриктивни мерки, со цел воведување дополнителни инструменти против лицата на „црна листа“, но Собранието никогаш не ги усвои!

Како хотел „Ибис“ на Камчеви заврши во фирма од Дубаи на агент за недвижности за 5 милиони евра?

Слични вести