Кога системот е убиец!

Прераната смрт на момчето Мемет е уште една трагедија што му се припишува на тромиот државен систем. Со години одбива да им го реши проблемот на стотина сограѓани што немаат државјанство и лични карти. Одбива да ги погледне в очи, па не ги брои ниту живи, ниту мртви. Да беше можно, досега требаше да одговара за неколку убиства, без разлика дали се со умисла или од небрежност!  

by fokus

Коментарот е објавен во неделникот ,,Фокус” во број 1443, на 31.05.2023 година.

Пишува: Валентина ВУРМО

Да можеше државата (системот) да седне на обвинителна клупа, ќе се соочеше со казна доживотен затвор. Ќе одговараше за запуштање деца, за убиства и за уште неколку тешки кривични дела, кои како најголем злосторник упорно ги повторува со години.

Ќе беше исправена пред лицето на правдата поради смртта на Тони, на Мемет и на уште неколку деца, кои не ги признаваше за свои. Не ги гледаше, иако беа тука. Тука се родија, тука пораснаа и штотуку зачекорени во цутот на младоста, животот им запре.

Но, за неа ова како да не се случило. Таа не ги сметаше во живите, па сега сигурно не ги смета ниту во мртвите. Продолжува при очи да мижи.

А, и Тони и Мемет ги снајде речиси идентична судбина. Починаа на 19 години, без да знаат дека од нешто боледуваат. Немаа лични карти, ниту здравствени книшки за да можат да се лекуваат. Затоа нивната смрт не е природна, туку предизвикана!

Официјално, уште 700 граѓани, а неофицијално околу 5.000, ја делат нивната судбина, односно се невидливи за државата. Поради бирократски пречки немаат државјанство, извод или лична карта.

Дури 20 години траеше борбата на еден од нив, момчето Валентин, кој минатата година конечно успеа да добие извод и државјанство. Во долгогодишната мисија учествуваа меѓународни и домашни организации, небаре го решаваат спорот со Грција.

И таман кога го решија, и се најави дека во саботата (септември 2022 година) ќе се слика за лична карта, се испречи нов проблем, налик оној со Бугарија. Па, така Валентин е сѐ уште без лична карта. Се чини човек полесно ќе се качи на Месечината, отколку да го добие овој личен документ!

Но, колку што ме држи сеќавањето, овој проблем го немаа синовите на меѓународниот измамник, Индиецот Субрата Рој. Пред една деценија, за само неколку дена, неговиот син Сушанто доби лична карта, а набргу по него, жител на скопско Бардовци стана и неговиот брат Семанто.

За нив се најдоа адреси на живеење, а на децата родени тука им забележуваат дека живееле во дивоградби. Како тоа да е нивен пропуст!

И наместо да се засрами, системот се брани дека таква била законската регулатива, и не можеле ни лево, ни десно.

Па секако, не станува збор за договорот „Бехтел и Енка“, па експресно да се менуваат закони, и тоа злоупотребувајќи го европското знаменце.

Но, повторно ќе се оправдаат дека морало така бидејќи во прашање се многу пари. А овие невидливите се со празни џебови. Имаат „само“ живот, а прашање на време е кога ќе го изгубат и него.

И додека проблемот се провлекува низ години и се чекаат новите законски измени, системот мора да знае дека крајно време е да се помести. Да ги крене од удобните канцелариски фотелји, службениците и нив да ги испрати кај невидливите.

Адресите ќе ви ги кажеме ние, новинарите. Еве, за почеток, тргнете од Шуто Оризари. На секоја улица ќе наидете на барем еден од нив, само треба да имате желба да го видите.

Таму ќе го сретнете семејството на Судахан. Тој нема да ви ја отвори вратата, бидејќи го испративте на долгогодишен затвор. Без документи не можел да најде работа, па превезувал мигранти.

Кога го запознав, штотуку беше излезен на слобода, но сега повторно е во затвор, бидејќи животот не го научил поинаку. Не можел да се школува, да најде работа, а не смеел ниту да се разболи.

Сепак, системот успеал да го идентификува за да го затвори, но не и кога требало да му ги рашири крилјата и да го научи самостојно да лета.

Затоа побрзајте додека истиот пат не го фатил и неговиот брат Фари. Или нивниот чичко Али, и неговите внуки, 8-годишната Медина и 5-годишната Бахар. Сите без лични документи.

За жал, за Тони и Мемет веќе е предоцна. Тони, со сите петки во свидетелствата, не ја оствари својата желба да стане правник, а Мемет музичар. Му должите барем на Валентин да си го оствари сонот да стане готвач!

Тој не бара да му ја сервирате работата, туку едноставно да прогледате и да видите дека постои!

Поврзани новости