КНИГИ СКАПУВААТ ВО МАГАЦИН: Какви неправилности утврдија ревизорите во МОН?

Со извршената ревизијата на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на МОН за 2023 година, кога министер за образование беше Јетон Шаќири, утврдени се слабости во управувањето со капиталните инвестиции, недовршени објекти и неизвршен технички прием, несоодветно користење на средства за учебници за основно образование, ненаплатени побарувања по основ на студентски кредити...

by vlatko 15:39
15:39

Државниот завод за ревизија утврди неправилности во начинот на користењето на јавните средства во Министерството за образование и наука.

Имено, со извршената ревизијата на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на МОН за 2023 година утврдени се слабости во управувањето со капиталните инвестиции, недовршени објекти и неизвршени технички прием, несоодветно користење на средства за учебници за основно образование, како и ненаплатени побарувања по основ на студентски кредити стари повеќе од една деценија.

Во посочената 2023 година, министер за образование беше Јетон Шаќири од ДУИ, кој дојде на оваа функција во 2022 година, наследувајќи ја Мила Царовска од СДСМ.

НЕЕФИКАСНО ДЕЛЕЊЕ НА СТИПЕНДИИ

Притоа, ДЗР утврди „состојби, неправилности и неусогласености кои влијаат на издаденото неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на сметката на основен буџет, како и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики“.

„Со ревизијата утврдено е дека и по повеќе од една деценија, МОН не презело мерки за наплата или отпишување на побарувањата по основ на студентските кредити доделени во периодот од 1998 до 2010 година, во износ од 1.106.023 илјади денари, односно приближно 18.000.000 евра, евидентирани како „Долгорочни кредити и позајмици дадени во земјата.

Во однос на Програмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта за 2023 година, утврдено е дека се реализирани без утврдени цели, приоритети и индикатори на успешност. Дополнително, не бил уреден начинот и постапката за распределба на буџетските средства, ниту критериумите врз основа на кои бил извршен изборот на проекти за изградба и реконструкција на училишни објекти.

Слични слабости се утврдени и во реализацијата на капиталните проекти во високото образование. Државниот студентски дом „Тетово” во Тетово изграден со буџетски средства во вкупен износ од 212.407 илјади денари (3.450.000 евра), е пуштен во употреба без извршен технички преглед на градбата и без одобрение за употреба на објектот. Исто така, набавената опрема за кујната во домот поради не изведената вентилација не е ставена во употреба, што значи дека и покрај вложените средства, дел од објектот не може функционално да се користи за намената за која е предвиден.

Во 2023 година, за стипендии на студенти запишани на еден од првите 100 универзитети во странство биле исплатени средства во износ од 179.852 илјади денари (2. 920.000 евра). Со ревизијата беше утврдено дека не постои воспоставен систем за ангажирање на овие лица по завршувањето на студиите, со што не се обезбедува ефикасно користење на вложените средства за оваа намена“, стои во ревизорскиот извештај.

ДВОЈНО УРЕДУВАЊЕ НА УЧЕБНИЦИ

Во него уште се споменува и проектот Превод на 500 стручни, научни книги и учебници од врвните универзитети во САД и Англија, како и од областа на правото во Франција и Германија, за кои во периодот од 2012 до 2021 година се исплатени средства во вкупен износ од 814.763 илјади денари или приближно 13.250.000 евра. Притоа, ревизијата утврди значајни недостатоци во управувањето со набавените книги.

„Имено, книгите сè уште не се дистрибуирани до државните органи, не се води целосна евиденција за прием и издавање на книгите од магацин, ниту е извршен редовен попис. Дополнително, условите за чување се несоодветни, што довело до оштетување на дел од книгите поради влијанија од влага и температурни промени“, констатирале ревизорите.

Дополнително, тие утврдиле дека со ревизија на набавките за превод, стручна редакција, графичко и техничко уредување на учебници за основно и средно образование за учебните 2022/2023, 2023/2024 и 2024/2025 години, утврдено е дека учебниците на македонски јазик, откако еднаш биле графички и технички уредени, по преводот на четирите јазици повторно се уредуваат, а цената по страница за оваа услуга е повисока од онаа за превод, лектура и редакција.

„Исто така, иако учебниците кои МОН ги доставува на економскиот оператор на стручна редакција, графичко и техничко уредување веќе биле уредени од авторите (особено кај ракописите/учебниците за основно образование), операторот наплатува по број на страници според договорената цена од јавната набавка, наместо само за реално уредените страници, што води до несоодветно трошење на буџетски средства. Ваквата пракса се применува со години“, навеле ревизорите.

НЕИЗВЕСНА ИЗГРАДБА НА ФАКУЛТЕТИ

Воедно, ДЗР во извештајот наведува дека распределбата на блок-дотациите за основно и средно образование се врши во услови на oтсуството на реални критериуми со што се доведува во прашање обезбедувањето на средствата за ефикасно и непречено извршување на пренесените надлежности и редовно сервисирање на обврските на училиштата.

Потоа, констатирани се и потенцијални финансиски ризици поврзани со тековните судски постапки во кои МОН е тужена страна, како и на исплати за графичко и техничко уредување и превод на учебници кои претходно како материјали за учење веќе биле графички и технички уредени, иако учебниците не се разликуваат од материјалите за учење во своето графичко уредување.

Понатаму, во извештајот стои дека започнатите градежни активности за изградба на објектите за Факултет за физичко образование и Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ, за кои во периодот 2016-2019 година исплатени се средства во вкупен износ од 179.320 илјади денари, (приближно 2.920.000 евра), уште се соочуваат со неизвесност за нивното завршување.

За надминување на констатираните состојби, ревизорите дале препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести