Над 1.800 здравствени работници ги тужат државните болници и јавните здравствени установи во кои работат, барајќи исплата на повеќе од два милиони евра по основ на неисплатени додатоци на плата – прекувремена и ноќна работа, работа во смени, работа во недела и за време на државни празници.
На денешниот брифинг со новинарите, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, изјави дека заедно со Министерството за здравство е формирана работна група со претставници на репрезентативните синдикати, со цел да се направат измени во колективните договори што се однесуваат на додатоците на плата.
Тој посочи дека, според анализите на ФЗО, тужбите се акумулирани во изминатиот период, заклучно со крајот на минатата година, а во дел од установите постои масовно тужeње од страна на вработените. Како пример ја наведе Општата болница во Куманово.
Според Клековски, зад најголем дел од тужбите стојат група адвокати, вештаци и еден независен синдикат.
„Работиме заедно со Министерството за здравство да ги отстраниме сите недостатоци во примената на законите и колективните договори, кои овозможуваат различни толкувања и отвораат простор за судски спорови“, изјави Клековски.
Од анализата на ФЗО произлегува дека меѓу 10 и 20 проценти од вработените во јавните здравствени установи водат судски постапки против институциите во кои работат. Над 70 проценти од тужбите се поднесени во општите и клиничките болници.
Најголем број тужби – вкупно 317 – има во Општата болница во Куманово, додека најголеми финансиски побарувања има во Клиничката болница во Битола.
Клековски ги повика директорите на болниците доследно да ги применуваат колективните договори таму каде што има основ и, каде што е можно, да пристапат кон спогодби со вработените за да се избегнат дополнителни судски и адвокатски трошоци.
Тој упати апел и до здравствените работници да се откажат од судските спорови во установите каде, како што рече, има ниска ефикасност во давањето здравствени услуги, посочувајќи дека токму таму се регистрирани најголем број тужби и највисоки додатоци на плата.