Изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид веќе не се финансира со пари од заемот на кинеската банка „Ексим“ и инфраструктурниот проект кој се гради речиси деценија и половина ќе биде финализиран со пари од домашните банки.
Ова денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Струга во врска со автопатиштата чија изградба е во тек во државава.
Мицкоски во таа смисла наведе дека е задоволен од динамиката на изградбата на автопатските делници на коридорите 8 и 10, додека за делницата Кичево – Охрид кажа дека имале мала тешкотија во делот на обезбедувањето средства.
„Сите делници од Коридорот 8 се одвиваат во согласност со предвидената динамика. Во моментот се работат галериите. Имавме мала тешкотија, морам да признам, особено во делот на обезбедувањето средства за довршување на делницата Кичево – Охрид затоа што заемот од кинеската банка ‘Ексим’ повеќе не го добиваме, престана, но бргу се реорганизиравме. Тој проблем е надминат, формиран е еден синдикат од домашни банки со исклучително поволни услови и тие практично ќе го дозавршат финансирањето. Тоа ќе биде последно и со ова, конечно, оваа делница ќе биде функционална“, кажа Мицкоски.
Инаку, кон крајот на февруари беше соопштено дека новиот краен рок за завршување на градежните работи на автопатот Кичево – Охрид ќе биде 31 мај 2027 година, како што предвидува анексот број 8 на основниот договор меѓу Јавното претпријатие за државни патишта и кинескиот изведувач „Синохидро“.
Анексот предвидува и нови 186 милиони евра за довршување на проектот, со што вкупната вредност дополнително е зголемена. Средствата се наменети за стабилизација на свлечиштата преку изградба на 14 галерии, поставување еластична одбојна ограда според европските стандарди, изградба на паралелни пристапни патишта за поврзување на населените места покрај трасата, како и за контролен центар за тунелите, вклучително и тунелот Пресека.