„Ќе ја барам правдата до крај“: Мајката на претепаната девојка од Битола со потресно сведоштво

by irena 14:15
14:15

Бети Ангелковска, мајката на девојката од Битола која, според нејзините тврдења, била жртва на физичко насилство, порача дека нема да се откаже од борбата за правда за својата ќерка. Таа тврди дека постојат видеоснимки, фотографии и други докази кои сведочат за насилството што го претрпела девојката.

Ангелковска изрази револт поради тоа што, како што посочи, партнерот на нејзината ќерка сега поднел тужба против девојката, обвинувајќи ја дека таа физички го нападнала него.

„Има снимки, видео, материјали, слики. Јас лично ги гледам сликите и верувајте ми, пред очи ми се случува сè повторно“, изјави Ангелковска, опишувајќи ја болката низ која поминува како мајка.

Таа раскажа дека сама ја одгледувала својата ќерка цели 21 година и дека нема да дозволи насилството да ѝ ја уништи иднината. Според нејзиното сведочење, девојката во еден момент успеала да избега низ прозорец од домот, по што побарала помош во полициска станица.

Мајката најави дека ќе продолжи да бара одговорност за случајот, а истовремено упати силна порака до сите жени и девојки кои се соочуваат со насилство да не молчат и да побараат заштита.

„Апелирам до сите девојки и жени, ако има насилство, да не трпат, туку да пријават. Јас секој ден ја прашував ќерка ми: ‘Зошто трпиш, зошто?’ Но, конечно се реши и сега ќе ја барам правдата до крај“, порача Ангелковска.

Слични вести