Движење ЗНАМ – За наша Македонија ја поздравува иницијативата на премиерот Мицкоски за одржување лидерска средба, како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во клучните моменти за државата, изјави денеска пратеникот на ЗНАМ, Бобан Карапејовски по лидерската средба. ЗНАМ е за укинување на техничката влада, за измени на Изборниот законик и за една изборна единица.
Тој истакна дека претстојат важни одлуки во интерес на државата, ваквиот пристап е показател дека институциите и политичките актери се подготвени да ја стават Македонија и граѓаните пред партиските калкулации.
– Лидерската средба ја гледаме како можност сите релевантни политички фактори да покажат зрелост, одговорност и вистинска грижа за иднината на Македонија, нагласи Карапејовски.
Во однос на т.н. Пржинска влада, тој потенцира дека ставот на ЗНАМ е јасен и таа треба да биде укината.
– Техничката влада беше воведена како привремено решение во специфичен политички контекст и со една јасна цел – обезбедување демократски, фер и слободни избори во време на политичка криза. Таа цел е одамна исполнета и зад нас се неколку успешно спроведени изборни циклуси, вклучително и последните локани избори во 2025 година, рече Карапејовски.
Тој информира дека Движењето ЗНАМ се залага за суштинска и праведна реформа во однос на Изборниот законик.
– За нас е прифатливо и потребно ново решение со една изборна единица, што ќе обезбеди поголема еднаквост на гласот на секој граѓанин и пофер политичка застапеност. Сметаме дека мора јасно и прецизно да се регулира финансирањето на политичките партии, особено оние што се застапени во Собранието преку пратенички групи за да се обезбеди транспарентност, рече Карапејовски.