Какви промени се очекуваат во партиите и владата по изборите, дали ќе се прошири парламентарното мнозинство?

Ако целта на владејачката ВМРО-ДПМНЕ е со нови сили да се оправда референдумската доверба што ја добија на ланските парламентарни избори, тогаш намерата на опозициските СДСМ и ДУИ е со свежа крв да се обидат да ги залечат раните од неуспехот на изминативе локални избори.

by vlatko 21:19
21:19

Текстот е објавен на 13 ноември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.571.

Во следниот период, ВМРО, СДСМ и ДУИ ќе одржат конгреси, на кои треба да се потврдат мандатите на актуелните лидери Мицкоски, Филипче и Ахмети, но воедно се најавуваат крупни кадровски промени на други нивоа во партиските структури. Ако целта на владејачката ВМРО-ДПМНЕ е со нови сили да се оправда референдумската доверба што ја добија на ланските парламентарни избори, тогаш намерата на опозициските СДСМ и ДУИ е со свежа крв да се обидат да ги залечат раните од неуспехот на изминативе локални избори. Истовремено, со свои предизвици се соочуваат и двете крила на поделената Алијанса за Албанците, при што таборот на Таравари се подготвува за повторените избори во Гостивар и во Врапчиште, додека таборот на Села ја разгледува можноста за преселба во власта.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Речиси сите големи политички партии и коалиции најавија внатрешно преиспитување врз основа на резултатите и исходот на изминативе локални избори, со цел да ги утврдат главните насоки околу тоа како организациски и програмски да се подобрат и како да се позиционираат на политичката сцена согласно новата политичка реалност.

Во таа насока, повеќето големи партии, како на пример ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, закажаа одржување конгреси, на кои нема да дојде до промена на партиските лидери, но се најавуваат крупни кадровски промени на останатите членови на партиските раководства и на други нивоа на партиските структури.

Што се однесува до останатите политички субјекти, тие ќе треба да донесат одлука од различна природа. Така, албанската владејачка коалиција ВЛЕН ќе треба да пресече дали ќе го заокружи долгонајавуваниот процес на трансформација во единствена политичка партија, со единствен лидери со механизми за балансирање на влијанието и моќта.

Паралелно со тоа, со свои предизвици се соочуваат и двете опозициски крила на Алијанса за Албанците, кои сè уште се дел од коалицијата НАИ предводена од ДУИ. Додека таборот на Арбен Таравари се фокусира на повторените избори за градоначалник во Гостивар и Врапчиште, фракцијата на Зијадин Села треба да се произнесе околу повикот од дел од власта да го засили парламентарното мнозинство.

ПОСЛЕДЕН ЛИДЕРСКИ МАНДАТ?

Иако освои над 100 илјади гласови помалку во споредба со ланските парламентарни избори, сепак, ВМРО-ДПМНЕ се смета за апсолутен победник на локалните избори, бидејќи победи според сите параметри – број на советници, број на градоначалници и број на големи општини. Згора на тоа, успеа да победи во Струмица и во Карпош за првпат по 2 децении и да издвојува исклучително битна и симболична победа во Кичево.

Во таква победничка атмосфера, меѓутоа истовремено со јасна потреба за анализа поради значитечно намалената поддршка од еден до друг изборен циклус за година и пол, ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на декември треба да одржи конгрес во Кавадарци. На овој редовен изборен конгрес се очекува премиерот Христијан Мицкоски да добие уште еден лидерски мандат, но се најавуваат низа други промени.

Поточно, Мицкоски следниот месец треба да го добие третиот четиригодишен мандат како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој, според актуелниот партиски статут, треба да му биде последен мандат на чело на партијата. Всушност, говорејќи во врска со промените што треба да следуваат и во партијата и во владата, тој на почетокот на оваа 2025 година најави дека ова ќе му биде последен лидерски мандат.

–Од 1 јануари 2026 секако ќе има голема и сеопфатна промена на структурата на ВМРО-ДПМНЕ како партија, бидејќи полека но сигурно е потребно дел од генерациите да се менуваат со нови, дел обавуваат државни функции, дел општински функции, вклучително и мене. Бидејќи ако ја добијам поддршката од делегатите, според Статутот на партијата, после следниот Конгрес тоа е мојот последен мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ – рече Мицкоски.

РАСЧЕКОР МЕЃУ ФУНКЦИИ

Ако Мицкоски не се предомисли како резултат на лична одлука или под притисок на околностите,т.е. ако навистина сега го добие последниот мандат како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, тоа значи дека тој ќе остане на чело на партијата до преминот од 2029 кон 2030 година. Тоа значи дека доколку во истиот период нема предвремени парламентарни избори, може да дојде до расчекор меѓу неговите функции како лидер на партијата и претседател на Владата.

Односно, ако нема вонредни парламентарни избори, како што се најавува и очекува, следните избори за пратеници треба да се одржат во мај 2028 година. Па, доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на тие редовни избори за 2 и пол години, Мицкоски повторно ќе биде мандатар за составување на Влада, т.е. тој може пак да стане премиер, доколку, се разбира, обезбеди 61 пратеник.

При таква разврска, може да се случи додека трае премиерскиот мандат на Мицкоски да заврши неговиот мандат како лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Теоретски, лесно може да дојде до сценарио тој да биде премиер од декември 2029 до мај 2032 година, а ВМРО во тој период да има нов претседател, под услов на крајот на 2029 година да заврши третиот и последен мандат на Мицкоски и партијата тогаш избере нов лидер.

Се разбира, на крајот може да испадне и поинаку. Хипотетички, можно е Мицкоски да оди и на четврти лидерски мандат врз основа на креативно толкување на статутарните одредби или пак со помош на измена на Статутот. Сосема реална е и можноста тој остане на ставот дека ова е негов последен лидерски мандат и да се избере нов лидер на истекот на 2029 година, кој веднаш би станал и нов премиер, на сличен начин како што Димитар Ковачевски го наследи Зоран Заев. Сепак, искуството покажува дека лидерска промена и реформа на една партија додека е на власт завршува лошо.

ПРОМЕНА НА ГЕНЕРАЦИИ

Сето тоа се прашања што треба да се одговорат во блиска иднина. Она што сега треба да се расчисти е какви промени ќе се случат во ВМРО-ДПМНЕ на претстојниот Конгрес, односно какви ќе биде таа „сеопфатна промена на структурата на ВМРО-ДПМНЕ“ што ја најави Мицкоски во рамки на процесот на промена на генерации во партијата, по што треба да следува и одредена реконструкција на владиниот кабинет?

–Ние ќе се менуваме и надоградуваме и усовршуваме врз основа на потребите и барањата на граѓаните. Тие што добро ме познаваат знаат дека ниту една функција не е загарантирана ниту вечна. И затоа веднаш после изборите ќе ги отвориме и вратите од партијата за нови смени и за нови луѓе, и во Владата ќе има реконструкција и подобрување на капацитетите – изјави неодамна Мицкоски.

На иста линија, тој говореше и во едно од предизборните телевизиски интервјуа. Тврдејќи дека по локалните нема да има предвремени парламентарни избори, Мицкоски порача дека она што сигурно ќе се случи по изборите е одржување на партискиот изборен Конгрес во декември, по што ќе следува голема реконструкција и во структурите на ВМРО-ДПМНЕ и во Владата.

–Ќе има големи промени во структурата на партијата и одредени промени во Владата и институциите. Откако ќе направам детална анализа ќе можам повеќе да кажам, зашто не е само да смените некого, туку тој што ќе го менувате треба да му најдете соодветна замена и треба да имате одредена доверба. И тој што ќе дојде треба да биде подобар – порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

НОВИ ЛУЃЕ

Според неофицијални информации, по декемврискиот конгрес на кој треба да се реизбере Мицкоски на лидерската позиција и да се изберат членови на Централниот комитет, ќе почне процес на избор на нови претседатели на општинските комитети на партијата. Како што велат партиски извори, на чело на комитетите ќе се изберат претежно нови и млади луѓе.

Практично, тој принцип на освежување на партиската структура треба да се рефлектира и во централните органи, т.е. во партискиот Извршен комитет, каде што, исто така, се очекува да влезат, условно кажано, нови луѓе. Автоматски, тоа треба да резултира и со одредени промени при изборот на партиски потпретседатели, кои го сочинуваат најтесниот круг и обрач околу партискиот лидер Мицкоски.

Моментално, потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ се вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Сите тие важат за блиски соработници на Мицкоски, но на место на дел од нив се очекува да дојдат други лица.

Инаку, Николоски и Мисајловски се непрекинато партиски потпретседатели откако Мицкоски дојде на чело на ВМРО-ДПМНЕ, наследувајќи во Никола Груевски на валандовскиот конгрес во 2017 година. Имајќи ја предвид нивната тежина во партијата и во владата, очекувањата одат во правец дека тие ќе останат потпретседатели во иднина. Но, можно е да дојдат нови потпретседатели на местата на Муцунски и на Димитриеска…

РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАДАТА

За потсетување, Муцунски стана потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ по последниот партиски конгрес во Скопје пред 4 години, како тогашен градоначалник на Аеродром, додека со изборот на Димитриеска-Кочоска се задоволи неформалното начело и за балансирана родова застапеност. Според таа логика, реално е да се очекува нов потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ да стане еден од актуелните градоначалници.

Во таа смисла, интересно ќе биде да се види дали можеби нов партиски потпретседател ќе стане новиот скопски градоначалник Орце Ѓорѓиевски, или, пак, можеби градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски. Една од опциите е и на оваа позиција да дојде кичевскиот градоначалник Александар Јовановски, но треба да се има предвид дека негово именување на висока партиска функција би се косело со неговиот пристап на изборите како граѓански кандидат.

Како и да е, по промените во партијата се очекуваат и промени во владата, така што се навестуваат и одредени министерски рокади. Упатените велат дека Мицкоски е задоволен од работата на споменатите министри за транспорт, одбрана и за надворешни работи, Николоски, Мисајловски и Муцунски, како и од уште неколку министри – Панче Тошковски (МВР), Стефан Андоновски (дигитална трансформација), Златко Перински (локална самоуправа)…

Оттука, тие и понатаму треба да останат дел од владата, освен ако некој од нив сам не инсистира да замине. Некои медиуми веќе објавија дел од гласините што се шират во политичките кругови, според кои можно е Тошковски да стане министер за правда на местото на Игор Филков од ЗНАМ, додека нов шеф на полицијата да стане Мисајловски. Сепак, официјално никој не го потврдува тоа, туку напротив – велат дека нема такви размислувања и одлуки.

„СЛАБИ ПЕРФОРМАНСИ“

Арно ама, факт е дека името на Филков одамна се става во конотација дека е зрел за реконструкција, особено откако своевремено беше критикуван од Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ дека има „слаби перформанси и слаб придонес во областа“. Во однос на тоа жестоко реагираше Филков, кој го нарече Милошоски „кусурот на Груевски“, а цела ситуацијата се обиде да ја смири Мицкоски, велејќи дека двајцата имале лош ден.

Во предизборно интервју за „Фокус“, лидерот на ЗНАМ и кумановски градоначалник Максим Димитриевски, одговарајќи на прашањето дали во рамки на најавената реконструкција очекува да дојде во смена во некој од двата ресори што ги водат кадри на ЗНАМ – Филков во правда и Горан Минчев во јавна администрација, одговори:

„Целосно сме задоволни од работата на двајцата наши министри во Владата. И Филков и Минчев се носители на вистински реформи што ги спроведува Владата во два клучни ресори – правда и јавна администрација. Реформи, за кои во иднина ќе се почувствува зошто било неопходно сега да се спроведуваат.

Задоволни сме и од работењето на заменик-министрите. Оттука немам никакво стравување, ниту предрасуда во однос на најавената реконструкција од страна на премиерот. Тоа е негово суверено право да го направи и ние сме подготвени да соработуваме и по тоа прашање“.

ВНАТРЕШНИ КОНФЛИКТИ

Во меѓувреме, пак, дојде до искри меѓу министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и другиот владин коалициски партнер – ВЛЕН. Станува збор за министерката за образование, Весна Јаневска, која предизвика реакција од ВЛЕН откако на заеднички настан со тетовскиот градоначалник Биљал Касами неколкупати му сугерираше да одговори на македонски јазик, со цел, како што рече, да разберат што кажува и оние што не разбираат албански јазик.

„Наместо да се чувствува лошо што Касами зборува македонски како и албански, додека таа, и покрај тоа што живее во повеќејазична средина, не знае ниту еден збор на албански јазик, Јаневска реагираше затоа што не разбираше албански јазик“, велат од ВЛЕН, додавајќи дека министерката „не требало да биде фрустрирана затоа што не го разбира јазикот“.

Исто така, и Јаневска беше споменуванаво контекст дека може да биде променетаод функцијата, при што таа одговори дека секоја одлука на Мицкоски ќе ја испочитува. Воедно, по најновата корупциска афера при доделувањето ИПАРД фондови, во иста насока се споменува и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, кој, сепак, негира секаква поврзаност со случајот.

–Посветено работиме во борбата против корупцијата, дополнителните проверки што ги спроведуваме во Агецијата за финансиска поддршка во земјоделството се пофалени од страна на ЕУ. Во брз период ќе имаме и нов директор, за да продолжи тековното работење со нормална динамика. Продолжуваме со борбата против корупцијата -порача Трипуновски, откако директорот на споменатата Агенција стана осомничен за мито од 50 илјади евра.

ПРОШИРУВАЊЕ НА МНОЗИНСТВОТО

Извесен период наназад, како потенцијален министер за реконструкција се посочува и министерот за култура, Зоран Љутков, кој на крајот на минатата година излезе од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со министерката за енергетика, Сања Божиновска и Маја Кадиевска-Војновиќ. Покрај Љутков, се оперира и со името на министерот за спорт Борко Ристовски, кој наводно треба да биде заменет од друг реномиран пензиониран спортист.

Во секој случај, тоа што во моментов со сигурност можеда се каже е дека ќе има нов член на владата на местото на Изет Меџити, кој беше избран за градоначалник на Чаир. Од ВЛЕН веќе го определија Беким Сали за прв вицепремиер, но од таму сакаат да предложат друг кадар за министер за екологија (Меџити ги вршеше двете функции). Сепак, засега неприфатливо за ВМРО е ВЛЕН да добие ресор плус, што навестува специфични преговори меѓу коалициските партнери.

Освен тоа, постои можност и за трампа на ресори меѓу ВМРО и ВЛЕН, која би можела да ги вклучува ресорите образование и здравство предводени од Јаневска и Азир Алиу, а се споменуваат и ресорите евроинтеграциии економија на чело со Орхан Муртезани и Бесар Дурмиши. Но, конечниот епилог во значителна мера ќе зависи и од тоа дали крилото на АА на Села ќе стане дел од владата, бидејќи ако тоа се случи, владејачките партии ќе треба да се откажат барем од еден влијателен ресор.

Зошто е битен Села? Моментално, ВМРО-ДПМНЕ со коалициските партнери имаат апсолутна власт, имајќи предвид дека имаат свој претседател на државата, контролираат безмалку двотретинско мнозинство во парламентот и имаат градоначалници во над 90 отсто од општините. Меѓутоа, власта не го контролира т.н. Бадентерово или двојно мнозинство, бидејќи мнозинството од помалите етнички заедници е под контрола на коалицијата НАИ предводена од ДУИ.

КОНТРОЛА ВРЗ БАДЕНТЕРОТ

Конкретно, од вкупно 120 пратеници, 39 припаѓаат на немнозинските заедници, кои се дел од Бадентеровото мнозинство неопходно за усвојување одредени реформски и системски закони. Според моменталниот распоред на силите, владејачките партнери ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН имаат 14 пратеници од малцинствата, што значи дека им недостигаат 6 пратеници за да го контролираат Бадентерот.

Уште пред изборите, ВМРО-ДПМНЕ договори одредена соработка со Демократската партија на Турците, чиј пратеник Бејџан Иљас лани беше избран како дел од листата со ДУИ. Претходно, ДУИ остана без уште еден пратеник. Се работи за Мендух Тачи, пратеник и лидер на ДПА, од каде деновиве јавно порачаа дека нема да ја одбијат поканата за влез во Владата, доколку ја добијат.

На тој начин, Иљас и Тачи веќе со една нога се дел од мнозинството, кому ќе му недостигаат уште 4 пратеници за да воспостават контрола врз бадентерот. А, токму 4 пратеници има Села, кој е пратеник од АА заедно со Елми Азири, Илир Демири и Илире Даути. Од таа гледна точка, јасен е интересот на власта да го заокружи процесот за контролирање на двојното мнозинство, но прашање е со какви барања Села би влегол во Владата и дали тие би биле прифатливи?

Дефинитивно, во рамки на неговата политичка организација ќе се отвори оваа дебата, која на крај, според доброупатени партиски извори, можно е да резултира со одлука за преселба на Села во власта, со цел, меѓу другото, да се рехабилитира неговата партиска структура по изборниот дебакл, со оглед дека неговите кандидати за градоначалници загубија во Струга, Дебар и во Арачиново.

ПРОМЕНА НА СТРАНАТА

Кога ќе ја носат одлуката, Села и неговите соработници ќе вагаат и неколку елементи, кои никогаш јавно нема да ги признаат, коментираат и елаборираат. Висок функционер на АА вели дека една од главните причини зошто партијата своевремено одлучи да го смени тврдиот анти-ДУИ курс и да реализира стратегија на соработка со ДУИ, биле и проблемите што ги имал партиски функционер од безбедносна природа.

Имено, како што вели нашиот соговорник, тој влегол во судир со познато криминално семејство, поради што станал потенцијална жртва на одмазда. Покрај другото, тоа е една од причините поради која тогашното раководство на Алијанса, уште пред партијата да влезе во фаза на раскол, одлучи да влезе во Владата предводена од СДСМ и ДУИ. Поентата била преку власта да се обезбеди своевидна заштита за загрозениот партиски функционер.

Поради истата причина, во партијата преовладуваше мислење да се настапи со ДУИ на изминативе парламентарни избори, но, како што е познато, со тоа не се согласуваше друг дел од партијата предводен од Таравари, кој предизборно се приклучи на ВЛЕН. Но, за кратко време и тој направи крупен лупинг, така што тврдото анти-ДУИ дејствување го замени со изборна соработка и партнерство со ДУИ. Зошто?

За таквата одлука имаше повеќе мотиви, од типот да се освои Гостивар, да се наштети на ВЛЕН поради неостварени амбиции и сл. Меѓутоа упатените велат дека има еден икс фактор, а тоа е посредништвото на албанскиот премиер Еди Рама, кој впрочем го упатил Таравари да намине во посета на Али Ахмети, кога Таравари заминал во посета кај Рама во Тирана за да побара совет како да реши проблем во странство создаден од една албанска компанија, поради нејзиното незадоволство бидејќи не го добила бизнисот што ѝ бил ветен.

СУБЈЕКТИ ВО ЗАЛОЖНИШТВО

Сето тоа разјаснува на што се должи навидум чудното и променливо однесување на Алијанса за Албанците, која испаѓа дека од партија формирана како антипод на ДУИ, стана верен партнер на Ахмети, не толку поради политички или етнонационални причини, туку поради фактот што партијата станала заложник на водечките луѓе, односно на нивните „гревови“ или на „гревовите“ на нивни блиски лица. Но, таа не е единствена партија што се користи како одредена брана за заштита.

Во истиот контекст се говори и за СДСМ под раководна палка на Венко Филипче, кој често е обвинуван дека ја води партијата во координација со претходниот лидер и премиер Зоран Заев. Згора на тоа, двоецот Филипче-Заев е обвинуван дека ја претворил СДСМ во неформален партнер на ВМРО-ДПМНЕ, со цел да обезбедат амнестија од евентуален прогон, па дури и простор за лобирање на блиски субјекти. Колку има вистина во тоа?

Секако дека официјално сите ќе негираат, но тоа нималку не ја сузбива перцепцијата за синхронизација на релација СДСМ-ВМРО. За тоа не само што говорат опозициските ДУИ и Левица, од каде што прашаа зошто СДСМ нема кандидати за градоначалници во многу општини и обвинија дека Карпош и Струмица биле предадени, туку за тоа, во разна форма и со различен интензитет, проговориле и социјалдемократи, како на пример Костадин Костадинов.

Во секој случај, ако сака СДСМ да ја врати во живот, Филипче ќе мора да се ослободи од впечатокот дека со партијата во заднина управува Заев заради лични цели и амбиции. Во такви услови, најавите за кадровски промени врз основа на изборните резултати, се само техничко решение, кое тешко може да направи суштинска разлика и исчекор. И, додека се чекаат новите кадровски засилувања во СДСМ, поранешни функционери почнаа јавно да се препукуваат.

ОБВИНУВАЊА ЗА МЕШЕТАРЕЊЕ

Меѓу двата изборни круга, оставка поднесоа првиот човек на Градската организација на СДСМ, Ѓорѓи Галетановски, и партиската потпретседателка Ана Чупевска. Веднаш по изборите, пак, оставка од функцијата прв човек на општинската организација поднесе и кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, кој воедно побара оставка и од Филипче. Но, тоа нема да се случи, бидејќи Филипче најави дека ќе продолжи да работи на процесот на консолидација.

Во меѓувреме, големо внимание привлече едно интервју на пензионираниот универзитетски професор и поранешен министер за внатрешни и надворешни работи, Љубомир Фрчкоски, кој индиректно ги обвини поранешниот шеф на полицијата Оливер Спасовски и поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов дека мешетарат во СДСМ. Патем, тој директно го спомена и експретседателот Стево Пендаровски дека мешетари, но Пендаровски ги отфрли таквите наводи.

Притоа, остана нејасно зошто Фрчковски директно го истакна Пендаровски во смисла дека мешетари во СДСМ, каде што, според Фрчкоски, моментално доминира фракцијата на Заев? Високи партиски извори од СДСМ велат дека довчерашната потпретседателка Чупевска била под силно влијание на Пендаровски, па можеби Фрчковски алудирал на оваа и слични наводни инсталации на експретседателот во Бихаќка.

Настрана ваквите препукувања, познавачите на приликите во СДСМ велат дека, и покрај незадоволството од Филипче нема критична маса која може да доведе до лидерска промена, од проста причина што Заев контролира една кохезивна структура од најмалку 20 илјади луѓе, кои во секое време може да го изгласаат Филипче или кој било друг подобен кадар за партиски лидер на непосредни избори, без стравување дека на друга страна може да се обедини структура што може да обезбеди повеќе луѓе, односно гласачи.

ТРАНСФОРМАЦИЈА ВО ПАРТИЈА

Од друга страна, со такви проблеми на двојно лидерство не се соочува ДУИ, каде се уште неприкосновен лидер е Ахмети, иако факт е и дека неговиот авторитет е далеку од она што беше некогаш. Сепак, истовремено факт е дека тој е лепакот кој ги држи заедно сите различни интересни групи кои се дел од ДУИ или гравитираат околу Мала Речица. Доколку го нема, партијата едноставно ќе се распадне на парчиња.

Затоа, Ахмети ќе остане на чело на ДУИ уште еден мандат, независно што се чини дека одамна е дојдено времето за неговото политичко пензионирање. Но, во ситуација кога партијата не може без него, но мора да направи коренити промени за да остане конкурентна по неуспехот што го доживеа на изборите со освоени само 4 мали рурални општини, се очекува да се пензионираат многумина постари и во голема мера компромитирани кадри.

За таа цел, од ДУИ најавуваат дека на претстојниот Конгрес ќе го променат Статутот, со цел да влезат што повеќе млади луѓе во раководствата на општинските ограноци, како и во централните органи. Со други зборови, ДУИ ќе смени се и сешто, освен вечниот лидер Ахмети, чие време одамна е поминато, но истовремено тој претставува нужност за одржување на хомогеноста во партијата.

Кога сето тоа ќе се земе предвид, ВМРО, ДУИ и СДСМ спремаат кадровски промени, крилата на АА се занимаваат со разни агенди – едни се спремаат за избори, а други за преселба во власта. Паралелно со тоа, ВЛЕН сè уште се токми да ја заокружи трансформацијата од коалиција во партија. Бездруго, ВЛЕН беше победник на изборите, но дали неможноста да ги испеглаат внатрешните разлики околу лидерството и други прашања ќе биде нивниот камен на сопнување во иднина?

Слични вести