
Пишувал: Зоран ФИДАНОСКИ
Кога пред неколку дена, опозициската ДУИ со јавно споделена фотографија од граничниот премин Табановце покажа дека на името на државата што стои на таблата на влезот на македонската територија, не е напишано и на албански јазик, очекувана беше жестоката реакција од Мала Речица. Ја обвинија власта за кршење на уставните и законските одредби, а владиниот партнер ВЛЕН, дека е немоќен да го заштити албанскиот јазик.
-Отстранувањето на албанскиот јазик од државните табли на граничниот премин „Табановце“, на територијата на Општина Куманово, претставува директно прекршување на законот и на уставните обврски за употреба на јазиците. Ова е тешка провокација и јасен доказ за екстремната немоќ на Вреди да ги заштити дури и најосновните права на Албанците, соопштија тогаш од Мала Речица.
Уште и побараа албанскиот јазик веднаш да биде вратен на државните табли, а надлежните институции јавно да се извинат.
-ВЛЕН носи директна одговорност за тоа. Наместо да го спречи деградирањето на албанскиот јазик, измислува празни оправдувања и со манипулативни видеа се обидува да ги измами граѓаните. Албанскиот јазик е службен јазик и неговата употреба е законска обврска. Срам за оваа потчинетост, без пардон критикуваа „интегративците“.
Уште повеќе ја обвинија владејачката албанска партија дека е нејзина вината што 90 отсто од средствата што владата ги доделила за спроведување на Охридскиот договор биле доделени на организации од српската заедница што, според нив, е „невиден скандал“.
Во одговорот на ваквите критики од ВЛЕН потенцираа дека:
–Али Ахмети го жртвуваше духот на Рамковниот договор во замена за иницијативата „Отворен Балкан“ – регионален проект предводен од Србија. ДУИ го блокира усвојувањето на Законот за правична застапеност, право што произлегува од Охридскиот договор. Повеќе од две децении, оваа партија не успеа да ја реализира оваа обврска, а денес се спротивставува на неговото донесување само затоа што законската иницијатива ја покрена ВЛЕН. Заштитата на Охридскиот договор не значи само негово спомнување во говорите. Таа бара постојана посветеност на неговата целосна имплементација, одговорија од владејачката партија.
Паралелно, пратениците од ДУИ, заедно со оние од опозициските партии на Албанците, крилото на Алијанса на Арбен Таравари и Албанската лига на Зијадин Села, најавија ќе го искористат бадентер (бидејќи бројките се во нивна полза) да го блокираат носењето на најмалку шест закони – за просветна инспекција, за заштита на културното наследство, за инспекторатот за употреба на јазиците, за филмска дејност, за основање национална агенција за европски образовни програми и мобилност, законот за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението, планирани за носење по годишните одмори на народните избраници. Заедно со претходно ставените „во фиока“ – пакетот закони за високо образование и, веќе споменатиот, законот за правична и соодветна застапеност.
Всушност, употребата на јазикот, примената на Бадентеровиот механизам и правичната и соодветна застапеност, се трите темели на Охридскиот договор, негови синоними со кои се поистоветуваше за целиот изминат период од четврт век.
ЦРВЕНКОВСКИ И ГЕОРГИЕВСКИ НЕ КОМЕНТИРААТ ЗА РАМКОВНИОТ
Точно денеска се навршуваат 25 години, откако на тој 13 август 2001 година во претседателската вила „Водно“ се потпиша договорот со кој се стави крај на вооружениот конфликт во Македонија. И, да се отвори ново поглавје во развојот на државата. На главната маса како потписници беа – политичките лидери на Македонците – Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски (кој тогаш беше актуелен премиер), како и тогашните првенци на македонските Албанци – Арбен Џафери и Имер Имери, и шефот на државата Борис Трајковски како покровител на целиот процес. Во просторијата преполна со луѓе беа присутни и гаранторите на договорот кои, исто така, се потпишаа, американскиот амбасадор Џејмс Пердју и специјалниот европски пратеник, Франсоа Леотар, како и вистинските покровители, генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана, редица македонски министри од тоа време и други поканети лица.
Договорот беше плод на две недели долготрајни исцрпувачки преговори во Охрид, во вилата Билјана (оттаму и името Охридски) и беше практично замислен како рамка за иднината и правецот по кој ќе се движи Македонија – како држава, како општество и како демократија.
Во 2001 година, приоритетот беше јасен, да престане вооружениот конфликт и Македонија да остане една унитарна држава. И, ова тогаш се наметна како императив, особено ако се има превид дека во предвечерјето на неговото потпишување, во моментите кога, според присутните очевидци, се воделе најжестоките разговори во Охрид, се случуваат и Карпалак и Љуботенски бачила и полициската акција во Љуботен како реакција – настани поради кои постоеше реална опасност сѐ да се прекине и војната да продолжи и да се одвива во правец и со последици кои никој не можеше да ги предвиди, ама сигурно со катастрофални размери.
Токму затоа и денеска сите претставници на Меѓународната заедница Договорот го прикажуваат како „брилијантна дипломатска победа над оружјето“, но и како урнек како се решава еден воен конфликт пред да прерасне во граѓанска војна.
Сепак, вистинското прашање што денеска се поставува – е каква Македонија требаше да добиеме, а каква Македонија добивме со Охридскиот договор. Повеќето од потписниците на договорната Рамка (вклучувајќи ги и Леотар и Пердју) не се веќе меѓу живите. Освен некогашните архетипски политички опоненти, едно време и сојузници, Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, чиј секој збор во деценијата пред и неколку години по Договорот, буквално ја тресеа политичката сцена во државата.
„Фокус“ до Кабинетот на поранешниот шеф на државата, Црвенковски, го упати ова прашање, заедно со уште неколку: Каква Македонија требаше да биде (како беше замислена) со Рамковниот договор, а каква стана денеска 25 години подоцна? Дали сѐ уште сте на став дека тој договор беше најдоброто компромисно решение за прекин на воениот конфликт? Што се направи (а можеби не требаше), а што не се направи од напишаното во договорот и дали Македонија е унитарна држава со мултиетничко и мултикултурно општество во вистинската смисла на зборот – со намера да добие став и мислење за нив од еден од неговите потписници.
-Претседателот Црвенковски останува на ставот дека не дава изјави за медиуми за кое било прашање, беше кусиот одговор што го добивме од неговиот Кабинет.
Истите прашања ги упативме и до Георгиевски, но ниту тој (иако во последно време е доста медиумски активен, вклучувајќи и водење поткаст со историски наратив) не се согласи да даде одговор.
-Љубчо Георгиевски не сака да коментира ништо што е поврзано со Рамковниот договор и ќе се воздржи од одговор на прашањата, беше пораката што ја добивме од лицата што се задолжени за комуникација со јавност на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
АХМЕТИ ВО УЛОГА НА ПРОМОТОР НА ДОГОВОРОТ
Ваква резервираност по прашањето на Рамковниот договор, ниту од далеку ја нема кај првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, кој многумина и денеска го сметаат за главна причина за потпишувањето на таквиот договор. Тој и по четврт век не ја предава на друг улогата на најголем промотор и бранител на Договорот. Пред некој ден по средбата со в.д. американската амбасадорка Никол Варнс потенцираше дека поддршката од САД е суштинска за Договорот.
-Американската поддршка беше одлучувачка за постигнувањето на Охридскиот рамковен договор и останува суштинска за зачувување на неговиот дух, унапредување на еднаквоста и зајакнување на општествената кохезија, потенцирал по средбата Ахмети.
Од неговата партија, пак, не пропуштија да упатат критика до власта, која се подготвува за прославата на 35 години од независноста на државата, каков третман му дава на Рамковниот во одбележувањето на тој јубилеј.
-Уште позагрижувачко е она што владата одлучила да го избрише од историјата. Во спотот го нема Охридскиот мировен договор – документот што стави крај на војната во 2001 година и ги постави темелите на мултиетничкиот карактер на државата, стои во писмената реакција од Мала Речица за мултимедијалниот видеопроизвод со кој се промовира јубилејот за независноста на македонската држава.
Владата има предвидено прослава за 25-годишнината од Охридскиот договор, иако таа не е видлива како погоре споменатата за самостојноста и сувереноста чија годишнина се заокружува на 8 септември. Прославата, под покровителство на Министерството за односи меѓу заедниците, веќе стартуваше со Панел дискусија посветена на Рамковниот договор, а се заокружува вечерва со главниот настан што треба да се одржи на Камени мост во Скопје.
„Фокус“ упати прашања и до ова Министерство поврзани со Рамковниот договор. Поконкретно, дали тие како институција, која, практично е продукт на ваквиот договор и која низ годините со различни имиња се грижеше за неговата имплементација, го оправдуваат своето постоење.
-Еден од постулатите на Рамковниот договор е зачувувањето на мултиетничкиот карактер на општеството и тој да најде израз во јавниот живот. За таа цел и Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор прерасна во Министерство, имајќи ја предвид важноста на овој договор и улогата на Министерството, кој ќе се грижи за целосното спроведување. Креирањето политики за непречено спроведување на Рамковниот договор, гарантирање и заштита на правата на етничките заедници, унапредувањето на меѓуетничките односи и јакнењето на мултикултурната кохезија, како и реализирањето на процесот на соодветна и правична застапеност, се главните цели на функционирањето, одговорија од Министерството.
Оттаму и со конкретна табела посочија колку е унапреден процесот на правичната застапеност во државната и јавната администрација, во последните 17-18 години, ако тој се погледне од статистички аспект. Додека кај помалите етнички заедници таа горе-долу стагнира или се разликува во рамките на статистичка грешка од неколку децимали, дотогаш бројката новопримени Албанци е зголемена за повеќе од двојно, а кај Македонците е намалена за близу 13 проценти. Тоа е така, како што велат од Министерството, затоа што, покрај стручноста и компетентноста, и соодветната и правичната застапеноста, се применува како задолжителен принцип.
Од Министерството уверуваат дека се грижат целосно и за инклузијата на помалите етнички заедници, која, велат, во сите сфери на општеството реално се зголемува, иако Рамковниот не ги дели заедниците со ваква дефиниција. Во Република Северна Македонија постои и посебна Агенција за остварување на правата на помалите заедници, чија задача е токму остварувањето на правата на помалите заедници и нивната инклузија во јавниот живот.
-Ние, како Министерство за односи меѓу заедниците, работиме интензивно за подобра инклузија. Секоја година делиме финансиски средства преку Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за невладини организации за области од интерес за помалите етнички заедници. Во Годишната програма за работа во континуитет се грижиме и за одбележување на деновите на заедниците што живеат во Република Северна Македонија, со оваа активност даваме јасен сигнал дека, како Министерство, сме насочени кон почитување на вредностите на сите заедници и дека нивната улога е важна во градење на мултиетничката држава, посочуваат во одговорот до „Фокус“ од Министерството за односи меѓу заедниците.
Уште и дополнуваат дека во нивен состав се и Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, како и Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Македонија.
Кога ќе се погледне од една временска дистанца, а 25 години не се малку, Охридскиот договор сѐ уште предизвикува политички емоции, кога и да се спомене. Дали е тоа документот што ја спасил државата од можен распад и обезбедил поголема рамноправност на Албанците и другите немнозински заедници во државата, како што го гледаат едни. Или, пак, тој е симбол на големите отстапки што македонското мнозинство било принудено да ги направи под притисок на војната, под притисок на меѓународната заедница, како и стравот од федерализацијата. Територијалната организација од 2004 година и денеска е тема за кај многумина предизвикува чувство дека многу е „попуштено“. Поради неа се организираше и референдум, кој поради цензусот не беше успешен.
Но, дали Македонија успеа да отиде подалеку од она што беше првично договорено. И, тоа влегува во она што се нарекува негов дух.
ДУХОТ НА ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР
За политичкиот аналитичар и добар познавач на внатрешните македонско-албански односи во општеството, Ибрахим Мехмети, нема дилема дека тоа е многу важна компонента, која треба да обезбеди одржливост на неговите цели.
-Исто така, овој Договор треба да се разбере и како историски момент во кој двете најбројни заедници, Македонците и Албанците, кои имаат слична историја, но во одредени периоди имале и меѓусебни конфликти, успеваат да отворат нова страница на соживот, преку која би можеле да дадат единствен пример за градење општество и држава на различни народи, кои можат да соработуваат и да живеат како рамноправни граѓани, вели Мехмети.
Според него, во изминатите 25 години, секако дека имало напори за реализација, но и многу нерешителност и политикантско калкулирање со постигнувањето на целите на Охридскиот договор. Најважната цел, вели, претставува меѓуетничката доверба, без која ниедно друго постигнување не може да се смета за одржливо. Во изминатите 25 години имало и периоди во кои довербата растеше, но како по некое правило, следуваа и периоди на обратни процеси, кои враќањето на довербата го правеа и прават многу потешко.
-Во различни периоди, зависно од политичките констелации, имаше различна динамика во градење нов политички менталитет и нови и подобри меѓуетнички односи. За жал, имавме периоди кога Охридскиот договор се стигматизираше и се ставаше под знак на прашање неговото остварување, со што се одолжи времето на исполнување на нормативниот дел. А уште поважно е што политичарите требаше, и сѐ уште треба, да се ангажираат за да им објаснат на граѓаните дека остварувањето на Охридскиот договор и прифаќањето на неговиот дух, како можност за градење на внатрешна стабилност на државата, е во корист и за доброто на сите граѓани, без исклучок, потенцира Мехмети.
Според него, Македонија има унитарен политички систем, а колку тоа одговара на нејзиниот мултиетнички и мултикултурен карактер, во голема мера зависи од политичките договори и од законите што произлегуваат од тоа. Барањата за поголема децентрализација на власта најчесто се поврзуваат со меѓуетничките односи, но треба да се каже дека тие не се само од етничка природа. Унитарноста честопати се користи за остварување на што поголема контрола на централната власт, над сите сфери на животот на граѓаните, што секако резултира и со злоупотреба на моќта.
Мехмети вели и дека поголемата децентрализација, проследена со механизми на транспарентност и отчетност, ќе значи ослободување на локалните ресурси, кои можат да придонесат за поголем развој, а во исто време ќе се овозможи поефикасно реализирање на етничките и културните особености на сите етнички заедници во земјата.
Наспроти тоа, новинарот и современик на сите важни политички случувања во земјава, Столе Наумов, е уверен дека прво што се заборави од Договорот беше мултиетничноста и граѓанскиот концепт на индивидуализам и еднаквост. А, доминира етничкиот колективитет со силни примеси на бинационализам.
ДОГОВОР СО СИЛНИ ПРИМЕСИ НА БИНАЦИОНАЛИЗАМ
-И Македонците и Албанците форсираат ексклузивен поглед, несакајќи се уште да разберат (можеби намерно по некоја романтичарска инерција и занес) во каква држава и во какво општество живеат. Мислам дека многу пополезно, попросперитетно и побезбедно за иднината на Македонија ќе беше во 2001 да се прифатеа предлозите за граѓански концепт, мерит систем, индивидуални права, јазик, култура, држава и нација, кои тогаш биле понудени како опција од странците. Ако на почетокот на независноста граѓанскиот Устав беше невозможен поради конечното отелотворување на вековниот сон за независна македонска држава, 2001-та беше идеална шанса за тоа. Шанса за која се зборува и денеска a propos блокадите од Бугарија, посочува Наумов.
Според него, компромисот на овие простори се доживува како пораз. Политиката, геополитиката функционираат со договори и отстапки што ги прават и најмоќните.
-Умешноста на преговарање и договарање, за жал, се покажа како невозможна мисија во Македонија. Без вклучување на меѓународните механизми, олеснувачи и притисоци ние не сме способни за тоа. Едноставно не сакаме да разбереме во каква држава живееме и да се договориме во каква држава ќе живееме. А компромисот, кој беше изнуден со мачни преговори и притисоци, нужно нѐ чека денеска, во скорешна и во далечна иднина и за тоа треба да станеме свесни и одговорни, вели тој.
За Наумов нема дилеми дека Договорот е Устав. За жал, секој си го толкува по свое, а тоа треба да го прави Уставниот суд и странците како гарантори. Беше вистинско време за да се смени изборниот систем, да се воведат отворени листи и да се почне со департизација на општеството. Партиите успеаја секоја добра работа од Рамковниот договор да ја извитоперат и расипат или уништат, а секоја маана и недореченост да ја користат како политичка муниција и предност.
-Албанците се пишуваа Македонци, Македонците Албанци, сите заедно Роми, Турци за да си примаат партиски кадри. Фино меѓуетнички си соработуваа како едно семејство градоначалниците од Гостивар, Свети Николе, Валандово, Желин… и си правеа размена на кадри и нови вработувања за да го зезнат „балансерот“, дециден е тој.
Македонија, дополнува, унитарно се уште се држи. Мултиетнички и мултикултурно се запоставени помалите етнички заедници, нивните јазици, образование. Духот на Рамковниот договор за рамноправност, правична застапеност и еднакви шанси во иднина се повеќе ќе се повикува за Ромите, Бошњаците, Власите, Турците, Србите, а веројатно во блиска иднина и за Бугарите, Грците, Хрватите, Словенците, Евреите, Египќаните… И секако за ранливите неетнички општествени групи, кои секојдневно се на удар на економската, образовната, социјалната, сексуалната, родовата и многу други видови исклучивост и дискриминација.