Пишува: Александар НАУМОСКИ, член на Извршниот одбор на СДСМ
Две години ДПМНЕ на власт и едно прашање кое повеќе не може да се избегнува: каде се парите?
Две години ДПМНЕ е на власт со огромно парламентарно мнозинство и политичка моќ која е апсолутна со Претседател и 80% од општините и Градот Скопје. Со скоро пет години и локална власт, просекот на години и моќ е поголем. Имаат и имаа доволно време и услови своите ветувања да ги претворат во резултати. Затоа денес веќе не е доволно секој проблем да се објаснува со наследството од претходните влади. По две години, граѓаните имаат право на реален отчет.
Буџетот е значително зголемен, јавниот долг е пораснат за околу две милијарди евра, а според економистот Бранимир Јовановиќ, околу 350 милиони евра годишно се издвојуваат само за камати. Задолжувањето само по себе не е погрешно – проблемот е за што се задолжуваме и што останува зад нас. Ако кредитите создаваат нова инфраструктура, производство и работни места, тогаш тие се инвестиција. Но, ако се користат за покривање на старите обврски и тековните расходи и лажни ветувања за погрешни проекти, тогаш денес ја трошиме иднината на државата.
Токму тука е проблемот, граѓаните сè уште не го чувствуваат ефектот од милијардите со кои државата располага. Цените растат, минималната кошница станува поскапа, а платите тешко го следат животниот стандард. Во исто време, здравството, образованието и инфраструктурата и понатаму се соочуваат со сериозни проблеми. Сомнителни реализации на тендери „фрчат“ секој ден.
Затоа економскиот успех не може да се мери само со големината на буџетот или со новите кредити. Се мери со тоа дали граѓанинот живее подобро, дали има повисока реална плата, подобри јавни услуги, подобра инфраструктура и поголема сигурност. Најбитното, дали младите сакаат да живеат во Македонија или за демографијата и иселувањето на цели семејства „топтан“ е виновен повторно некој претходно.
УНГАРСКИОТ КРЕДИТ – КАДЕ Е ЕДНАТА МИЛИЈАРДА?
Посебно внимание заслужува кредитот од Унгарија, во вкупен износ од една милијарда евра.
Јавноста има право да знае каде се парите: кои компании и институции добиле средства, за кои проекти, по кои критериуми и колку од кредитот досега е искористен.
Прашањата стануваат уште посериозни по информациите дека унгарските власти отвориле кривична истрага за работењето на Ексимбанка, при што е опфатен и заемот од една милијарда евра за Македонија.
Тоа не е доказ дека во Македонија е сторено кривично дело. Но е сериозна причина Владата да покаже целосна транспарентност. Наместо политички препукувања, јавноста треба да ги види договорите, корисниците, износите и проектите.
Ако сè е чисто – нема причина овие информации да бидат проблем.
ДВЕ ГОДИНИ СЕ ДОВОЛНИ ЗА ОТЧЕТ
ДПМНЕ има власт, мнозинство и буџет. Затоа граѓаните веќе не бараат ветувања, туку резултати.
Како што вели Јовановиќ:
„Алхемичарите пробувале од ништо да направат нешто. Овие се обратни алхемичари – од нешто прават ништо.“
Дали оваа оценка е точна, треба да покаже математиката:
Колку пари влегле? Колку се потрошени? На што се потрошени? И што доби граѓанинот?
Зашто политичарите можат да се сменат, владите можат да паднат, но долговите остануваат.
А нив не ги враќаат партиите.
Ги враќаат граѓаните.
Затоа прашањето што оваа Влада повеќе не може да го избегнува е едноставно:
КАДЕ СЕ ПАРИТЕ?