Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска се невеста и зет на годинашната „Галичка свадба“

by Fokus

Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска се невеста и зет на годинашната „Галичка свадба“, најавтентичната културно-сценска манифестација кај нас која ќе се одржува од 11 до 13 јули. Младенците ќе се венчаат в недела, 14 јули, во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди.

Тридневната манифестација ќе започне во петок, 11 јули, со премиерна изведба на монодрама во чест на 150 години од издавањето на Тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, што ќе биде изведена на мијачки дијалект. Потоа ќе следува забава со диџеј сет за помладите посетители.

Во сабота, на 12 јули, започнуваат свадбарските обичаи, со пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро. Особено впечатлив момент ќе биде изведбата на ората кои го симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој крај – „Невестинското“ и „Тешкото“ – од страна на националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред прочуената чешма Упија. Во вечерните часови, невестата придружувана од свадбарите, со борини и факели во рака, ќе оди да полни вода од прочуените три чешми во селото: Секуличе, Динговиче и Упија – обичај поврзан со семејната среќа.

Во недела, 13 јули, денот ќе започне со традиционалните „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, во чии рамки е и прочуениот обичај „гледање низ прстен“. Потоа следуваат испраќањето на невестата и дарувањето, како и венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.

Целата програма, која ги вклучува сите традиционални свадбарски обичаи, ќе биде емитувана преку видео-екран поставен на централното плато во селото, а ќе биде емитувана „во живо“ и на социјалните мрежи, со што манифестацијата се доближува и до оние кои немаат можност да бидат физички присутни на настанот.

Поврзани новости