Јавното обвинителство веќе ги презеде сите чекори за да се овозможи ефикасно и непречено водење на сите тековни постапки, а ниту еден процес кој е веќе започнат нема да претрпи неоправдано одолговлекување или пак усложнување, додека пак во судница ќе има јавен обвинител кој ќе е подготвен да го застапува обвинението, се наведува во денешната реакција на Основното јавно обвинителство по реакцијата на родителите на жртвите од „Пулс“ кои на вчерашниот марш во Кочани побараа враќање на обвинителката Ивана Алексова Трајчева на случаите поврзани со трагедијата во Кочани, откако не и беше продолжен мандатот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Оттаму велат и дека евентуална промена на јавен обвинител во текот на водењето на предметите, што може да се случи од најразлични причини, не се одразува врз динамиката и начинот на водење на постапките, додека пак промената на обвинител судот ја нотира, а судењето продолжува онаму каде што запрело, односно нема никаква потреба за повторување на постапките.
„Затоа Јавното обвинителство апелира на внимателно и одговорно јавно коментирање и информирање на јавноста, особено за предметите поврзани со кочанската трагедија, бидејќи сите јавно изнесени шпекулации и невистини за тоа како промената на јавен обвинител би можела да се одрази врз постапките кои се во тек, длабоко ги вознемируваат семејствата на жртвите, но и целокупната јавност“, стои во реакцијата на ЈО.
Дополнително, од таму упатија повик до Здружението на новинари и до другите организации да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за известување при јавно коментирање на вакви трагедии за да не се дозволи неосновано зголемување на болката и страдањата на најпогодените од трагичниот настан.
„Апелираме и до сите останати повикани јавно одговорни чинители да придонесат за ефикасност на постапките, но и за одмереност во јавните настапи и коментари каква што налага сериозноста на последиците и колективната траума предизвикана од пожарот во “Пулс”. Имајќи ја предвид сериозноста на овој настан, сите јавни личности кои имаат општествено влијание треба да внимаваат да не предизвикуваат неоснован немир во јавноста преку изјави, објави на социјални мрежи или која било друга форма на јавно изразување која би била вознемирувачка“, велат од ЈО.
Инаку, вчера, по паузата поради одбележувањето на годишнината од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, родителите на починатите повторно излегоа на улиците во Кочани, каде на триесет и деветтиот по ред протестен марш уште еднаш побараа правда за своите деца, изразувајќи сериозен револт од последните случувања во истражните и судските институции.
Главната загриженост на семејствата претставува одлуката на Советот на јавни обвинители да не ѝ го продолжи мандатот на обвинителката Алексова Трајчева, во чија надлежност беа предметите против обвинетите полицајци за кочанската трагедија.
Според родителите, преминувањето на предметот кај нов обвинител кој ќе мора од почеток да се запознава со случајот и со обемните докази, носи огромен ризик од дополнителни одложувања и нарушување на континуитетот на постапката.