Градоначалникот на Општина Карпош – Стевчо Јакимовски смета дека една од причините за унапредувањето на судијката Даниела Димовска во в.д. претседателка на Кривичниот суд – Скопје е награда за пресудата со која таа го осуди на три и пол години затворска казна во врска со градењето на административната зграда на Општината.
Јакимовски ѝ честиташе на Димовска за изборот на позицијата, но оцени дека напредување во кариерата преку, како што рече, газење по лешеви, е нечовечки.
Тој вели дека фактот што нејзиниот избор за в.д. претседател на Кривичен предизвика лавина реакции, особено од нејзини колеги, му дава за право да се сомнева дека една од причините за нејзиното унапредување е пресудата која таа ја донесе против него за нешто што, како што рече, не го сторил.
„Ова е само уште една потврда дека судството е партизирано. Можете да ја видите паралелата. Судијката напредува по заслуги, ама партиски. Јас сум бил четири пати градоначалник на Карпош исто така по заслуги, ама тоа е поради доброто служење на граѓаните. Нормално е да размислувам дека нејзиното унапредување е награда за пресудата што беше изречена од страна на она арамиско гнездо сместено во Белата палата, а дека таа само беше поштарот што ми ја соопшти пресудата на 23 април и која што впрочем сè уште ја немам добиено“, рече Јакимовски.
Тој додаде дека бил разочаран кога во април годинава му била пресудата, но дека по денешниот настан, со кој, како што рече, се докажува оти таа е политичка, му дава мотивација да ги бодри жителите на Карпош за на претстојните избори општината да не западне под, како што рече, канџите на Христијан Мицкоски.
„Ова е само мотив повеќе да ги бодрам карпошани на идните локални избори да се борат и да не дозволат канџите на Христијан Мицкоски и неговата ДПМНЕ заедно со неговата клика да ги вгнезди, да ги зарие во карпошовото месо и Карпош го претвори во партиска испостава. Јас сум настапувал со политички партии но никогаш не сум дозволил Карпош да биде партиски штаб со една политичка партија. Напротив, ова било место каде што се решавале проблемите на граѓаните и подеднакво право имал секој граѓанин на Карпош без разлика на политичката, верската, националната, религиозната припадност. За жал денеска сме сведоци во највиталниот дел од општеството, а тоа е судството дека и оваа власт се потруди максимално да го испартизира“, рече Јакимовски.