Јадровски: Мора да се отстрани системската дискриминација кон жените земјоделки

Комисијата за заштита од дискриминација неодамна поднесе тужба од јавен интерес со која се бара судот да утврди постоење на индиректна, продолжена и интерсекциска дискриминација кон жените земјоделки врз основа на пол, род, личен статус и припадност на маргинализирана група, во однос на пристапот до платено породилно отсуство и платено боледување. Игор Јадровски од Комисијата во разговор за Фокус говори за тужбата како и за статусот на земјоделките кои не можат да остварат право на платено породилно отсуство и боледување како и другите здравствени осигуреници кои плаќаат придонеси за здравствено осигурување.

by admin 10:23
10:23

– Комисијата за спречување и заштита од дискриминација поднесе тужба против државата затоа што во Законот за здравствено осигурување не ги додава и земјоделките како корисници на надомест за породилно отсуство. Како се одлучивте на ваков чекор и што поточно содржи оваа тужба?

Комисијата веќе постапуваше по оваа правна работа, односно, во постапка пред Комисијата беше донесено мислење со кое се утврди индиректна, продолжена и интерсекциска дискриминација кон жените земјоделки врз основа на пол, род, личен статус и припадност на маргинализирана група во пристапот до платено породилно отсуство и платено боледување, која произлегува од Законот за здравствено осигурување. Во рамки на споменатото мислење, КСЗД му препорача на Министерството за здравство да иницира измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување, со кои ќе се отстрани оваа системска дискриминација и ќе им се овозможи на жените земјоделки да остваруваат право на платено породилно отсуство и платено боледување на еднаква основа како и другите здравствени осигуренички кои плаќаат придонеси за здравствено осигурување.

Со оглед на тоа што Министерството не постапи по дадената препорака во предвидениот рок, Комисијата, за прв пат, поднесе тужба од јавен интерес (actio popularis) во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права. Со тужбата бараме судот да утврди постоење на индиректна, продолжена и интерсекциска дискриминација кон жените земјоделки врз основа на пол, род, личен статус и припадност на маргинализирана група, во однос на пристапот до платено породилно отсуство и платено боледување. Дополнително, бараме судот да му наложи на Министерството за здравство да иницира измени и дополнувања на споменатиот закон, со цел отстранување на системската дискриминација кон оваа група на осигуренички.

Во суштина, бараме она што беше препорачано со нашето мислење како советодавен акт, сега да стане предмет на судска пресуда со задолжителен правен ефект за Министерството.

– Зошто сметате дека е направен ваков пропуст и земјоделките не можат да го добијат ова право? 

Индивидуалните земјоделки не се препознаени како работнички во Законот за работните односи, но тие вршат земјоделска дејност и за својот труд не добиваат плата, туку приход од вршење на дејноста. Дополнително, овие лица имаат законска обврска за плаќање придонеси за социјално, здравствено, пензиско и инвалидско осигурување, при што основицата за пресметка изнесува 20% од просечно исплатената месечна плата по работник.

Кога овие лица се наоѓаат во состојба на болест, повреда, бременост, раѓање и мајчинство, исто како и другите работници, не се способни да го извршуваат својот труд, односно да ја вршат земјоделската дејност, и како последица на тоа, не остваруваат приход. Оттаму, индивидуалните земјоделки се наоѓаат во слична положба со категоријата самовработени лица (на пр., адвокати), кои иако не се опфатени со Законот за работните односи, сепак уживаат право на надоместок на плата во случаи на привремена спреченост за работа поради бременост, раѓање, мајчинство, болест или повреда. Од ваквата законска поставеност произлегува дека индивидуалните земјоделки, како задолжителни здравствени осигуренички, се ставени во нееднаква и понеповолна положба во однос на останатите осигуренички. На тој начин се врши продолжена, индиректна и интерсекциска дискриминација.

Затоа, овие осигуренички мора да ги остваруваат правата од здравственото осигурување — и во однос на здравствените услуги, и во однос на паричните надоместоци — на еднаква основа со останатите осигурени лица.

– Во каква позиција се земјоделките и зошто не се признаваат како работнички? Дали во моментот земјоделките се оставени сами на себе доколку се одлучат да станат мајки и каква е поддршката од државата сега?

Во моментов постои Програма за поддршка на социјалната сигурност на жените кои вршат земјоделска дејност, донесена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со која се овозможува користење на надоместок за мајчинство за време на спреченост на вршење на земјоделската дејност поради раѓање.

Проблемот со оваа програма го согледуваме на неколку нивоа:

  • Прашањето за добивање паричен надоместок во случај на бременост, раѓање и мајчинство не смее да се уредува со подзаконски акт, односно програма, чие донесување зависи од политичката волја на ресорниот министер, а чија финансиска реализација зависи од Министерството за финансии.
  • Не постои гаранција дека програмата ќе биде донесена и во иднина или дека ќе бидат одобрени потребните средства.
  • Буџетот на програмата е ограничен — за 2025 година се предвидени 3 милиони денари, при што секоја земјоделка која ќе го оствари правото добива 100.000 денари за деветмесечен период (приближно 11.000 денари месечно), што е значително помалку од износот што го добиваат другите здравствени осигуренички како платено породилно остуство.
  • Постапката за остварување на правото преку оваа програма е обременета со исполнување на низа услови кои не се применуваат за другите здравствени осигуренички.
  • Согласно статистиката за 2023 и 2024 година, само 10 земјоделки аплицирале за ова право, а одобрено им било само на 2 од нив, што говори за неефикасноста на програмата.

Оттука, оваа програма не претставува трајно и одржливо решение, ниту обезбедува еднаков третман. Земјоделките остануваат надвор од системот на здравствено осигурување, а програмата е ограничена и временски и финансиски, со што продолжува неизвесноста во остварувањето на правото на платено породилно отсуство. Платеното породилно отсуство претставува основно човеково право кое мора да биде регулирано со закон. Дури и ако наведената програма го покрива ова право, Законот за здравствено осигурување и понатаму ќе продуцира дискриминација доколку не се измени на начин што ќе обезбеди еднаков третман за сите осигурени лица, вклучително и жените земјоделки.

К.О.

Слични вести