Изборниот законик “заглавен“ засега без идеја како да се “одглави“

Ниту власта, ниту, пак, опозицијата не попуштаат, ниту отстапуваат од своите позиции поврзани со изборната регулатива, по што евидентно е дека тој ќе остане “заглавен“ во собраниските процедури каде СДСМ и Левица веќе поднесоа 13,5 илјади амандмани со што носењето на измените станува невозможна мисија. За утре е најавена нова средба на работната група на која ќе се направи нов обид за надминување на огромните разлики меѓу двете страни

by jadranka 13:11
13:11

Се уште нема никакви поместувања на позициите меѓу власта и опозицијата по прашањето за Изборниот законик. Отако премиерот Христијан Мицкоски понуди, наместо електронски, дијаспората да гласа по пошта како своевиден компромис во нивниот предлог, во замена за повелкување на амандманите од опозицијата, засега нема одговор на таквата позиција. За утре е најавена можна средба на работната група за изборната регулатива, на која социјалдемократите и Левица треба да одговорат на премиерскиот предлог.

Но, според реториката што се употребува и жестината со која се прави, кога станува збор за оваа тема, мали се шансите дека двете опозициски партии ќе го прифатат понуденото, во замена за одблокирање на носењето на законските измени. СДСМ и Левица заедно имаат поднесено над 13,5 илјади амандмани и нивното поднесување, го прават и теоретски невозможно донесувањето на измените на Изборниот законик. Од собраниските служби информираат дека се подготвува преводот на албански јазик на сите поднесени амандмани, поради што беше и прекината седницата на парламентарната Комисија за политички систем, каде стартуваше нивното разгледување.

Во последното партиско соопштение на оваа тема од Бихаќка ја обвинија власта дека  подготвува нов обид за, како што наведуваат од партијата, злоупотреба на гласовите на македонските државјани кои живеат во дијаспората, преку измените што се разгледуваат за начинот на нивното гласање.

Во партиското соопштение, СДСМ ги отфрла тврдењата дека се против гласањето на дијаспората, нагласувајќи дека се против решенија кои, според нив, би можеле да овозможат изборни манипулации.

„Лага е дека СДСМ е против тоа дијаспората да гласа. СДСМ е против Мицкоски да гласа наместо дијаспората“, наведуваат од партијата.

И, Левица ги отфрли тврдењата на Мицкоски и влдејачката ВМРО-ДПМНЕ дека сите нивни барања за Изборниот законик биле целосно прифатени.

Напротив, велат, нивните барања, пред сè оние кои се однесуваат на една изборна единица и укинување на платеното политичко рекламирање биле одбиени, иако партијата во текот на целиот процес за подготовка на Изборниот законик во Работната група била конструктивна и нејзината цел била постигнување консензус и имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

„Една изборна единица и нов Изборен законик беше причината поради која Работната група воопшто беше формирана. Една изборна единица не е ново барање на Левица измислено преку ноќ, за неа се говори со децении. Таа стои запишана дури и во партиската програма на ДПМНЕ. Пред само една година, Мицкоски лично апелираше за нејзино имплементирање како вистинска демократска реформа. Денес, истата таа идеја не само што ја нема во предложениот текст на законикот, туку целосно исчезна и од речникот на ДПМНЕ. Наместо реформа што обезбедува вреднување на секој глас, јавноста се занимава со тема која вчера не постоеше, а денес одеднаш е претставена како предуслов без кој нема изборни реформи и демократија – електронско гласање на дијаспората“, велат од партијата на Апасиев.

На ваквиот став, од власта беше реплицирано – дека Левица и Димитар Апасиев, се занимаваат со површни пи-ар политики и дека се прочитани од граѓаните.

„Пред граѓаните велат дека проблемот е во тоа што изборниот модел треба да биде со една изборна единица, нешто што и ние го поддржуваме, а зад завесата впрочем ги интересираат само пари. Да биде кристално јасно за граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ ги прифати сите барања на политичката партија Левица за новиот Изборен законик, а тие наместо еднаш да се покажат дека можат да стојат на договорот, односно на договореното, одбија да го потпишат консензуалниот договор за новиот Изборен законик, а потоа и го блокираат заедно со СДС“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Валентин Манасиевски.

Денеска и претседателот на Собранието Африм Гаши јавно ја поддржа идејата за електронско гласање.  Под услов, како што рече, претходно бидат гарантирани идентификација на гласачите и тајноста на гласањето. Ги повика координаторите на пратеничките групи да се обидат да ги надминат различните ставови и да постигнат компромис за Изборниот законик.

На брифинг со новинарите претседателот на Собранието Гаши денеска рече дека електронското гласање било и во програмата на неговата политичка партија Алтернатива.

З.Ф. 

 

Слични вести