Откако Вишото обвинителство ја укина одлуката за запирање на истрагата за случајот ,,Мазутот во ТЕЦ Неготино” и нареди продолжување на истражните дејствија против бизнисмените Асмир Јахоски, Ратко Капушевски и останатите осомничени за криминал од 167 милиони евра, предметот повторно се враќа во Обвинителството за гонење на организиран кримнал и корупција, и тоа во рацете на истата обвинителка, Катерина Коларевиќ. Иако Коларевиќ тврдеше дека нема ниту еден доказ против осомничените, сепак процедурата налага предметот да се врати кај истиот обвинител кој веќе еднаш постапувал.
По овој предмет во Вишото обвинителство постапуваше вишиот обвинител Јован Цветановски, кој сега и даде насоки на обвинителката Коларевиќ.
Нејзино изземање е возможно само доколку се утврди нестручно или несовесно работење, но вакво нешто засега воопшто не се испитува и според информациите од обвинителството за ,,Фокус”, предметот останува кај Коларевиќ.
Сепак пред републичкиот јавен обвинител Ненад Савески е исправено барање за контрола врз овој предмет кој до него, пред неколку месеци, го достави ЕСМ, компанија која е оштетена во случајот. Савески неодамна истакна дека нема да постапува по барањето се додека не се изјасни Вишото обвинителство, за да не се прави притисок.
-Барањето е со цел да се утврдат недоследностите за водење на постапката, соопштија неодамна од ЕСМ.
Републичкиот обвинител Савески тогаш повтори дека јавнообвинителските одлуки не се пресудена работа. Исто така посочи и дека нема да ја коментира изјавата на министерот Панче Тошковски дека бил шокиран од затворањето на истрагата за овој случај.
-Доколку произлезат нови докази и нови околности постапката може одново да почне. Тоа е единствениот легалистички начин да дојдеме до правдата и вистината.
Битно е да се истакне дека обвиненијата секогаш треба да бидат засновани врз основа на докази од кои тоа обвинение би се докажало пред судот надвор од разумно сомение. Исто така, доколку во текот на кривичната постапка судот донесе ослободителна пресуда и таа стане правосилна тогаш тоа е пресудена работа (res judicata), појаснуваше Савески.
Инаку, сега, Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжи ОЈО ГОКК да прибере и анализира повеќе податоци од неколку други институции, како и да нареди нови вештачења со цел прецизно испитување на сите околности и утврдување евентуална кривична одговорност.
Инаку еден од главните аргументите на обвинителката Катерина Коларевиќ за запирање на истрагата за „Мазутот во ТЕЦ Неготино“, случај тежок 167 милиони евра, беше дека ЕСМ не пријавило штета.
Во фокусот на истрагата беше фирмата РКМ која го добила тендерот и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и сопственикот на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски, син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски. Сулкоски е поранешен вработен во Пуцко Петрол, а потоа стана еден од сопствениците на РКМ заедно со Капушевски. Во истрагата беше опфатен и екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство и се бараше со меѓународна потерница за случајот Адитив. Опфатен беше и уште еден поранешен директор на ЕСМ, Адријан Муча.
В.В.