Граѓаните на Исланд на референдум, со тесно мнозинство од 52 отсто, го отфрлија продолжувањето на преговорите за пристапување кон Европската унија. Со тоа, островската држава формално се откажа од можноста да стане 28-ма членка на Унијата, што претставува значителен неуспех за владата на премиерката Кристин Фростадотир, која се залагаше за влез. DW пишува за причините за таквата одлука.
Јавниот сервис ARD во својата анализа наведува дека со крајот на кампањата доминирале две теми: стравот на исландските земјоделци од конкуренцијата од европскиот континент и неизбежното прашање за риболовот.
ARD посочува дека зад сето тоа стои моќно рибарско лоби, составено од десетина големи компании кои уште од 1980-тите години ги контролираат повеќето риболовни квоти на Исланд и од тоа стекнале огромно богатство. Неодамнешните истражувања открија дека некои од овие компании вложиле значителни средства во кампања против приближувањето кон ЕУ. Покрај тоа, ARD ја спомнува и блискоста на рибарската индустрија со најголемиот дневен весник во Исланд, кој за време на кампањата служел како нивен политички гласноговорник.
На крајот, според ARD, стравот и желбата за суверенитет преовладале над аргументите на поддржувачите на членството. Тие аргументи вклучувале надеж за поголема економска стабилност и дополнителна безбедност што би ја донело членството, особено во време кога доверливоста на САД, најважниот партнер на Исланд, е сè посомнителна.
Весникот „Passauer Neue Presse“ пишува дека Исланѓаните ѝ „задале удар на Европската унија“. Весникот смета дека позитивниот исход од референдумот би бил корисен за ЕУ бидејќи, и покрај сите критики, тоа би ја потврдило привлечноста на европската заедница. „Мнозинството Исланѓани јасно гледаат повеќе недостатоци отколку предности во членството во ЕУ. Таа одлука секако е болна. Но, тоа не е крај на светот“, заклучува весникот.
Коментаторот на берлинскиот весник „Тагесцајтунг“ (Tageszeitung) смета дека одлуката на Исланд е сложена и дека Европејците не треба да ја сфаќаат лично. „Да се мери сопствената привлечност во светот врз основа на одлуката на Исланд би значело непотребно потценување на самите себе“, пишува весникот. Во коментарот се додава дека Исланд е земја што ја цени независноста и дека, како членка на Европската економска област, веќе ги користи предностите на Унијата. „Засега, значи, сè ќе остане убаво како што е и досега.“
Весникот „Ноје Оснабрикер Цајтунг“ (Neue Osnabrücker Zeitung) упатува поостра критика. „ЕУ веќе не е ветување за спас, како што самата се претставува. Јасно е дека е потешко да се убедат оние што даваат пари отколку оние што ги добиваат. Примерот со Исланд јасно го покажува тоа“, наведува весникот. Коментаторот се прашува колкава е привлечноста на ЕУ ако аргументот за единствениот пазар веќе не е доволен. „Одговорот би требало да биде дека ЕУ е нешто повеќе од економски простор. Но, таков одговор, полн со патос, веќе не „пали“. Европа денес ја следи имиџ на бирократски континент опседнат со правила и внатрешни конфликти“, заклучува текстот.
Весникот „Фолксштиме“ (Volksstimme) од Магдебург оценува дека на Исланѓаните „поблиска им е националната кошула отколку европскиот капут“. Весникот изразува жалење бидејќи смета дека Исланд би ја збогатил Европа, имајќи го предвид „примерниот напредок“ што го постигнал. „Но, склоноста на ЕУ кон прекумерна регулатива е добро позната во Рејкјавик. Главниот производ на Исланд е рибата, а ЕУ пропишува строги квоти за нејзиниот улов. Исландската рибарска индустрија воопшто не го сака тоа и затоа успешно ја водеше борбата против таквата политика“, пишува „Фолксштиме“.
Коментаторот на весникот „Зидојче Цајтунг“ (Süddeutsche Zeitung) смета дека самото одржување на референдумот било грешка и повлекува паралела со Велика Британија. „Британскиот референдум за членство во ЕУ беше најголемата политичка грешка на некоја европска влада во изминатата деценија“, се наведува во коментарот. Авторот додава дека Брегзит „е толку застрашувачки пример што ниту една друга влада не би требало да биде толку наивна за да им ја препушти таквата сложена одлука на граѓаните“.