ИРЛ: Нова истрага за трагедијата во Кочани – скриен токсичен гас можел да биде кобен

by irena 16:16
16:16

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави ново истражување за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, најтешката трагедија во македонската историја по независноста, во која на 16 март годинава загинаа 62 претежно млади лица. За случајот во тек е судски процес против околу 30 физички лица и три компании.

ИРЛ објавува детали од обдукциските наоди кои, според нив, отвораат сериозни сомнежи околу официјално утврдените причини за смрт. Имено, за 50 жртви како причина е наведено задушување со јаглерод диоксид, но обдукциите покажуваат дека тие немале фатални нивоа на карбоксихемоглобин – клучен индикатор за труење со јаглерод моноксид. Наместо тоа, постои основано сомневање дека дел од жртвите починале од труење со водороден цијанид, гас кој се ослободува при горење на полиуретански сунѓер.

Според истражувањето, кај ниту една од овие 50 жртви нивото на карбоксихемоглобин не ги достигнало фаталните 60 до 70 проценти. Кај дел од нив биле измерени вредности од 5 до 6 проценти – карактеристични за активни пушачи, додека кај најголем дел концентрациите се движеле меѓу 10 и 30 проценти, што предизвикува лесна до умерена интоксикација, но не и нагла смрт.

Дополнителни индиции за можно цијанидно труење доаѓаат и од анализите кај повредените кои биле лекувани на Клиниката за токсикологија. Кај дел од нив биле утврдени значително покачени нивоа на лактати во крвта – индиректен биомаркер што укажува на нарушена клеточна оксигенација, типична за изложеност на цијанид.
„При вакви пониски нивоа на карбоксихемоглобин, морало да има уште еден токсичен гас како причинител на смртта“, изјави за ИРЛ професорот Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија.

И покрај овие индиции, во Институтот за судска медицина не биле направени токсиколошки анализи за присуство на цијанид во крвта на загинатите, а од институцијата не одговориле конкретно дали такви испитувања биле побарани од Јавното обвинителство.

ИРЛ наведува и дека сунѓерот за акустична изолација на таванот, кој според видеоснимките прв се запалил од пиротехниката, целосно изгорел и не можел директно да биде анализиран. Истражителите затоа ги обезбедиле фактурите од компанијата „Силпен“, од која во 2012 година бил набавен материјалот, како и примерок од истиот сунѓер. Анализите покажале дека станува збор за полиуретански, а не за графитен сунѓер, како што било наведено во проектната документација.

Полиуретанот е материјал без отпорност на оган, кој при согорување испушта густ, токсичен чад и водороден цијанид – гас со исклучително брзо и смртоносно дејство. За разлика од јаглерод моноксидот, кој делува постепено и без мирис, цијановодородот предизвикува нагла дезориентација, губење координација, парализа и смрт за неколку минути, симптоми какви што опишуваат и преживеаните од пожарот во „Пулс“.

Слични вести