Интерпол го објави идентитетот на жената осомничена за бомбашкиот напад во Монако во кој украинскиот бизнисмен Вадим Јермолаев, неговата партнерка Ана Насобина и нивниот 13-годишен син беа тешко повредени. Станува збор за 39-годишната Анастасија Березовска, Украинка која, според достапните податоци, живее во Германија.
Како што објавува италијанскиот „Кориере дела Сера“, обвинителството во Минхен издаде налог за апсење, кој беше проследен до Интерпол, по што беше издадена црвена потерница за Березовски.
Француските медиуми „Ле Фигаро“ и „БФМТВ“ претходно објавија дека осомничената била снимена на камери за надзор како носи црна рибарска шапка и дека, според истражителите, се преправила во маж за да го скрие својот идентитет.
Интерпол вели дека Березовска има кафеава коса и препознатлива тетоважа со змија на десната рака. Во времето на нападот, таа носела светли панталони, елек и темна шапка.
Според медиумите, истражителите веруваат дека таа ја посетила зградата каде што живеел Јермолаев неколку пати во деновите пред нападот.
Јавниот обвинител на Монако, Стефан Тибо, објави дека осомничената е идентификувана благодарение на снимките од надзорните камери и брзата меѓународна полициска и судска соработка. Против неа е покрената истрага за обид за убиство и неколку други кривични дела.
Нападот се случи во понеделникот вечерта, кога непознато лице остави пакет во влезот на станбената зграда. Експлозивната направа се активирала во моментот кога Вадим Јермолаев, неговата партнерка Ана Насобина и нивниот 13-годишен син влегувале во зградата.
Истрагата покажа дека бомбата била наполнета со шрафови и метални куглички со цел да се нанесат што е можно потешки повреди.
Момчето се здобило со полесни повреди, додека двете возрасни лица биле итно пренесени во болница во Ница. Животот на Јермолаев повеќе не е во опасност, но Ана Насобина сè уште е во критична состојба. Таа претрпела толку тешки повреди во експлозијата што лекарите морале да ѝ ги ампутираат двете нозе.
Првично се веруваше дека е повредена сопругата на Јермолаев, но подоцна се испостави дека станува збор за неговата долгогодишна партнерка Ана Насобина, со која, според медиумите, има 13-годишен син.
Насобина потекнува од Днипро, ќерка е на поранешен заменик-регионален обвинител, а од 2023 година ја води инвестициската компанија „Wycombe Square Investments LLP“. Таа е и коосновач на приватниот книжевен и уметнички клуб „Club Éclectique“.
Вадим Јермолаев (58), роден во Украина, сега е државјанин на Кипар и еден од најбогатите бизнисмени со украинско потекло. Тој бил директор на индустриската групација „Alef“, која работи во секторите недвижности, производство, земјоделство и производство на алкохолни пијалаци.