Новиот министер за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа одржа итна координативна средба на која беа повикани заменик-министерката за животна средина и просторно планирање – Ане Лашкоска, директорката на Државниот инспекторат за животна средина – Ивана Гиновска, како и одговорни лица за квалитет на воздухот во министерството.
Министерот Хоџа побара од директорката Гиновска информации во врска со надзорот на работењето на Усје, како и да се изврши надзор над работењето на сите останати правни субјекти кои поседуваат А-интегрирани дозволи за кои е надлежно министерството.
Целта на ваквата постапка е заедно со вонредни инспекциски надзори да се испита состојбата на терен со обврските кои произлегуваат од поседувањето на вакви еколошки дозоволи.
Воедно, од одговорните лица е побарано известување за имплементација на актуелните мерки за справување со аерозагадувањето, и дадени се задолженија за проверка на степенот на нивна реализација.
Мобилизацијата во министерството доаѓа неколку часа откако Град Скопје даде зелено светло за дислокација на цементарницата „Титан Усје“ надвор од градот.
По низа протести и барања од граѓанските иницијативи за чист воздух, Градот ја прифати иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“ надвор од градот.
Владата треба да го разгледа начинот за започнување на постапка за дислокација на Усје и сите големи индустриски загадувачи на соодветни места надвор од скопската котлина.
Но, оваа операција за дислокација на тешка индустрија е сложена правно-финансиска операција која може да трае со години без да има евентуални судски постапки затоа што има отворени прашања за надлежности, пазарна вредност, цена на експропријација и нова локација.
Фабричкиот комплекс на Усје Титан која е грчка компанија во моментов има проценета вредност од 100 милиони евра, пари кои Македонија ги нема, ниту пак ќе се задолжи за ваква операција.
„Нашата порака е јасна: нема повеќе молк, нема повеќе одложувања и нема повеќе жртвување на здравјето на граѓаните за сметка на профитот“, изјавија организаторите на протестот од иницијативата „Стоп за Усје“.
По 13-часовна седница, од „Зелен Хуман Град“ информираа дека Советот едногласно ја усвоил нивната иницијатива со следниве мерки: Град Скопје ќе побара од Министерството за животна средина да испита дали „Усје“ и другите индустриски загадувачи ги исполнуваат законските услови, Државниот инспекторат ќе спроведе ненајавени инспекциски надзори за утврдување на фактичката состојба, Општините ќе мора да ги земат предвид наодите при урбанистичко планирање, Градоначалникот ќе побара од Владата да разгледа постапка за дислокација на „Усје“ и други загадувачи надвор од скопската котлина.
Пред протестот, „Титан-Усје“ ги отфрли обвинувањата дека е главен виновник за загадениот воздух и компанијата тврди дека работи согласно најдобрите достапни техники и стандарди на ЕУ и дека е под постојан надзор на Државниот инспекторат за животна средина.
„Компанијата работи одговорно и транспарентно, а реалните факти покажуваат дека причините за загадувањето се на друго место“, посочија од „Титан-Усје“.
Инаку, фабриката има производствен капацитет од 1.000.000 метрички тони (MT). Групацијата ТИТАН поседува 94,8% удел во компанијата. Објектот управува со три каменоломи (лапорец, варовник и песок) и вклучува единица за готов бетон.
Дислокација на цементарницата „Усје“ не е проблем за Владата – вели премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ги заклучоците усвоени на вчерашната седница на Советот на Град Скопје.
„Прво да ги видиме заклучоците од Град Скопје бидејќи сè уште не сме имале можност да ги видиме и нормално дека согласно ингеренциите кои ги имаме ќе постапиме. Од тоа што можев да го слушнам во јавноста, се бараат вонредни инспекциски контроли, континуиран надзор. Тоа не е никаков проблем бидејќи и сега функционира. Што се однесува до дислокацијата – и тоа не е проблем што се однесува до Владата“.
Сепак, според премиерот, проблемот со аерозагадувањето е резултат на, како што вели, децениската негрижа за граѓаните, особено на оние во источниот и во западниот дел од главниот град на кои не им се понудени и обезбедени алтернативни извори на енергија со кои во текот на грејната сезона ќе ги затоплуваат своите домови.
„Тоа е децениска негрижа и основната суштина во целиот овој процес. Ние како Влада работиме и развиваме еден проект за кој очекувам деталите да бидат познати на почетокот на следната година. Веќе разговараме и со инвеститорот со кој потпишавме меморандум за разбирање да го развиеме проектот за когенеративна гасна централа со која сме сигурни дека сериозно ќе се реши проблемот со затоплувањето на домовите на источната порта на градот, а потоа истото тоа ќе го направиме и во западната порта. За жал, треба време, притисокот е голем, но важно е дека имаме цел и чекориме кон остварување на таа цел“, додаде Мицкоски.
Орце Костов