Им „покажуваме заби“ на Британците

На крајот од разговорот, во кој се забележуваа јасни контрадикции во излагањето на Гринсток, повторно беше нагласено дека промената на името ќе значи дестабилизација на земјата и на регионот, бидејќи Македонија е најчувствителниот нерв на Балканот (а не Косово) и дека тоа очигледно не се разбира или недоволно се разбира во европската заедница.

by valentina 17:06
17:06

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Од записникот од состанокот во Лондон, на делегацијата на нашето МНР, предводена од потсекретарот Ристо Никовски, испратена без мое знаење како министер за надворешни работи, Британците продолжуваат да ги изложуваат подробностите од постапката за нашиот прием во ОН. Резолуцијата на Советот за безбедност (кога ќе се донесе), не е за преговарање – од вас се бара само да соработувате во процесот, а резултатот можете да го одбиете. Исходот: „речиси веднаш“ прием во ООН значи во рок од една до две недели, колку што е потребно за процедурата меѓу ГС и СБ (проблем може да биде ако ГС нема седница). Приемот во ООН не се врзува за посредувањето. На нашата забелешка… „за задолжителноста на посредувањето, Гринсток одговара дека „…од нас се бара соработка и дека не е ниту легално, ниту уставно резултатите од арбитражата да бидат обврзувачки“. „Во процесот, вие можете да бидете прашани од СБ да ги прифатите резултатите, но вие може и да ги одбиете“, ги цитира извештајот на Никовски зборовите на Британецот. „На тоа беше реагирано“, се вели во Извештајот, дека со тоа би биле доведени во безизлезна ситуација како страна што се противставува на СБ (денес е тоа Ирак), односно да се конфронтираме со целиот свет.

ИЗВЕШТАЈОТ НА НИКОВСКИ

Се противставува или не, сеедно, во Извештајот стои дека им „беше нагласено дека приемот на РМ во ООН без име е неприфатлив, исто како и користењето на терминот Поранешна Југословенска РМ“. Оваа реченица, за секој случај, е подвлечена.

„Беше истакнато дека нацрт-резолуцијата, која е циркулирана во форма каква што е, е неприфатлива бидејќи се концентрира на името…“. „На ова, стои во Извештајот, не беше реагирано од британска страна“.

На прашањето за механизмите што во разрешувањето на спорови би ги користеле Венс и Овен било одговорено дека „тие ќе разговараат со двете страни во Скопје и во Атина. Притоа, нагласи Гринсток, многу се важни мерките за градење доверба…“. „Гринсток беше прашан како замислува Венс и Овен да најдат решение за неколку недели, а нивниот амбасадор О Нил не успеа да најде за 6 месеци, а европската заедница за цела година?

Одговор немаше. Според Гринсток, мерките за градење доверба би биле на линија на заклучоците на О Нил – гаранции за границите, договор за добрососедство и соработка, промена на делови на Уставот (49), но додава дека ќе бидат вклучени и симболите“.

Во Извештајот натаму стои дека се истакнала „македонската заинтересираност за стабилна и просперитетна Грција“, потоа зборови како „добрососедство и соработка…“, нашиот „…интерес да се спаси образот на Грција, која самата досега толку го извалка, а заради мирот во регионот и имајќи предвид дека РМ не е во можност да преговара за името бидејќи тоа би водело до дестабилизација, беше прашано нели е излезот посредувањето да биде концентрирано на нешто друго што не би имало толку опасни консеквенци за македонската страна. Истовремено, кога зборуваме за МКД, ние не можеме да го оставиме надвор прашањето за македонското малцинство во Грција, а особено Македонците што ја напуштија таа земја за време и по граѓанската војна, а сега не можат да се вратат во Грција да ги посетат семејните гробови или да го решат проблемот со имотите што им се бесправно одземени“.

Гринсток реагираше дека тоа треба да биде вклучено, дека можеби решението е да се гарантира слободно патување или слично. Тука, во разговорот се вклучи и директорот Греј, кој напомна дека тоа би го комплицирало целиот процес. Одговорено беше дека за сѐ што се залагаат се апсолутни грчки интереси и дека, за жал, ниеден интерес на РМ не е земен предвид. Во таква ситуација, не е чудно што Грција веќе однапред ги прифаќа овие решенија“.

РУБИКОН, KOJ НЕ МОЖЕМЕ ДА ГО МИНЕМЕ

„На крајот од разговорот, во кој се забележуваа јасни контрадикции во излагањето на Гринсток, повторно беше нагласено дека промената на името ќе значи дестабилизација на земјата и на регионот, бидејќи Македонија е најчувствителниот нерв на Балканот (а не Косово) и дека тоа очигледно не се разбира или недоволно се разбира во европската заедница. Испратена ни е мисија на КЕБС, без да нѐ примат во членство во оваа организација, имаме сили на ООН, а не можеме да бидеме членка на истата „сето тоа личи на ситуација во која се обидуваме да лечиме тешка болест со аспирин. Затоа, таквата ситуација ќе биде за нас тешко прифатлива. Со својата политика нѐ враќаат, не само година назад, туку на почетокот на векот, кога за Македонија се водеа војни. И не само тоа, однесувањето на ЕЗ потсетува на приквечерјето на Втората светска војна, кога сите знаеја што прави Хитлер, а ништо не направија за да го спречат тоа. Ако се продолжи со истата политика кон РМ, судирите овде ќе бидат неизбежни, а потоа ќе се заврши и со новата европска архитектура, и со Маастрихт и со Европа без граници што тие толку настојчиво сакаат да го реализираат. Војната на овие простори ќе вклучи пет, најверојатно шест држави (и Турција) и таа ќе биде долгорочна. Покрај нас, една од најголемите жртви ќе биде Грција, која тогаш дефинитивно ќе биде надвор од Европа и вистинска балканска држава, како што и денес се однесува… Ќе продолжиме да соработуваме во барање решение, но постои рубикон, кој не можеме да го минеме, тоа мора да биде јасно… Ни беше потврдено дека без наша согласност, не е возможно продолжување на оваа постапка, завршува извештајот за состанокот, кој траел повеќе од два часа.

(Продолжува)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Слични вести