Заклучно до 8 август, во земјата се регистрирани 58 случаи на западнонилска треска, од кои 54 се потврдени, а 4 се водат како веројатни, информираат од Институтот за јавно здравје.
Починати досега се 8 лица, се наведува во најновиот извештај на ИЈЗ.
Во текот на изминатата недела (2-8.9.2026) пријавени се 2 нови случаи, од Скопје и Свети Николе. Регистрирани се и 2 нови смртни исходи, од Скопје.
Сите починати се од Скопје и се мажи. Просечната возраст на починатите е 71,9 година, сите биле хоспитализирани, а 7 имале коморбидитети.
И од вкупно заболените 58 лица, повеќето се мажи (46), а 12 се жени.
Според место на живеење на заболените, 55 случаи се од Скопје, а по еден случај е од Велес, Куманово и Свети Николе.
Регистрирани се 57 автохтони случаи и еден случај со историја на патување во Грција, но инкубацискиот период покрива и престој во Македонија.
Западно-нилската треска за прв пат во Македонија е регистрирана во 2011 година.
Во периодот од 2011 година до крајот на 2025 година, регистрирани се вкупно 54 лабораториски потврдени случаи. За истиот период, регистрирани се 5 смртни случаи асоцирани со оваа болест.
Во 2026 година е регистрирано значително зголемување во однос на претходните години, и на заболени и на починати.