АД „Пошта“ е државна компанија со најголема загуба, но и понатаму секој нов менаџмент ги расфрла парите за непотребни расходи. Новиот менаџмент требаше да ја извади АД „Пошта“ од длабоката криза, но како и претходниот менаџмент, овој избра да работи недомаќински, избирајќи надворешна компанија за чистење на просториите во АД „Пошта“ за која ќе треба да се платат 1,2 милиони евра.
Пишува: Орце КОСТОВ
Акционерското друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија“ е едно од двете најголеми компании загубари во државна сопственост.
Компанијата, која вработува над 2.000 вработени во последниве осум години, постојано работи со загуба и тешко генерира приходи од кои ќе им исплати плати на вработените.
Поради лошата состојба на компанијата, често имаше протести иницирани од синдикатот за нередовна исплата на плати, но нивниот глас не го слушаше ниту еден менаџерски тим.
Згора на тоа, претпоследниот менаџерски тим, во септември 2023 година си ги зголеми платите, и покрај повиците на вработените за консолидирање на работењето за да не останат без плата и работни места.
Така, директорите на сектори во „Пошта“ добиле повисока плата за 42 отсто, а заменикот и генералниот директор за 58 отсто, што, според ревизорите, не е во согласност со Законот за трговски друштва. Работењето со загуба во ова друштво почнало од 2017 година и за 7 години досега се акумулирани 20 милиони евра. Само во 2024 година, акумулираната загуба на претпријатието била 2,5 милиони евра, а во 2023 изнесувала 2,2 милиони евра.
На 9 август 2024 година, функцијата генерален директор на АД „Пошта“ ја презеде Орхан Куртиши, кој доаѓа на местото на Идри Истрефи. Куртиши доаѓа од позиција на шеф на огранокот на Алтернатива во Куманово, која, пак, е дел од коалицијата ВРЕДИ, партнер на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
–Ветувам дека оваа задача ќе ја извршувам со одговорност, чест и посветеност во служба на граѓаните! Им благодарам на структурите на огранокот на Алтернатива во Куманово, но и на сите структури на коалицијата Вреди. Посебно им благодарам на претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, на претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и на организациониот секретар Башким Муртези, кои ми ја дадоа довербата да ја водам оваа важна функција, напиша Куртиши на својот профил на Фејсбук.
Негов заменик е Николчо Угринов од Струмица, а за останати членови на Управниот одбор се назначени Даница Јованова, Хатије Етеми, Агим Бафтија, Бојан Кереместевски и Дејан Николовски.
Овој менаџмент требаше да ја извади АД „Пошта“ од длабоката криза, но прва што направи генералниот директор беше барањето од владата за помош од 5 милиони евра за излез од кризата објавено веднаш по објавувањето на ревизорскиот извештај.
-Побаравме околу 5 милиони евра. Сè уште немаме одговор, но ова е привремен излез од кризата. Треба да го следиме примерот на Србија, каде што една година владата застана зад Поштата на Србија и ѝ даде финансиска поддршка од 20 или од 25 милиони евра. Што се однесува до физибилити студијата за која се потрошени 800 илјади евра, всушност, стои во фиоките на Поштата, никој не се занимавал со неа. Почнав да ја читам, да видам што замислиле таму, но реалната состојба и напишаното се во конфликт – истакна Куртиши во телевизиско интервју“, рече Куртиши.
Тој додаде дека добил уверување од министерот за транспорт, Александар Николоски, дека нема да се бара приватен партнер.
ТЕНДЕРИ ЗА ЧИСТЕЊЕ
И наодите на Државниот завод за ревизија само ја потврдија катастрофалната состојба во која се наоѓа акционерското друштво „Македонска пошта“, кое е во државна сопственост.
Состојбата кулминираше во 2023 година, кога АД „Пошта“ на тендер избра фирма на која ѝ плати 1,2 милиони евра за чистење и одржување за период од две години.
Скопската компанија „Стед-комерц“ ја одржуваше хигиената во 16 деловни единици на државната компанија „Пошта“ за период од 2 години и за тие услуги наплати до 1,2 милиони евра.
„Пошта“ мораше да отстапи и свои вработени хигиеничарки на фирмата што ја дава услугата. Тоа беше регулирано во договорот во кој пишуваше дека носителот на набавката односно „Стед компани“ се обврзува дека нема да исплаќа плата под минимално утврдената на тие хигиеничарки што ќе ги превземе од државната пошта.
Две години откако се реализираше овој тендер, АД „Пошта“ распиша нов тендер на кој требаше да избере фирма што ќе ги чисти објектите во следните две години.
Донесена е Одлука за избор на најповолна понуда Друштво за трговија и услуги БС КЛИНИНГ увоз-извоз ДООЕЛ Скопје е избран за најповолен понудувач. Во средината на октомври е избран и потпишан договор за „услуги за чистење на објекти“.
Компанијата БС Клининг ќе заработи приход од 1.189.593 евра за две години и ќе ги добие истите права и обврски како и операторот пред неа.
Според тендерската документација, од економскиот оператор се бараше фирмата да има професионално искуство во последните три години што подразбира да извршувал услуги за хигиенско одржување на деловни простории. Поточно, да има склучено минимум три договори за одржување на хигиена на административно-деловен простор во вредност над 6.000.000 денари на годишно ниво, склучени во последните три години.
„Да има минимум 50 вработени во моментот на поднесување на понудата; Да преземе 2 вработени (хигиеничарки) од сегашниот носител на јавната набавка, кои имале статус на претходно вработени во АД „Пошта“ на Северна Македонија, Скопје, кои ќе бидат ангажирани исклучиво во деловните простории на АД „Пошта“ на Северна Македонија Скопје;
Да има вработен/ангажиран технички персонал за извршување на услугата во сите локации (единици на поштенска мрежа во Република Северна Македонија), согласно фреквенцијата на чистење и техничката спецификација, а притоа земајќи ги предвид и вработените што ќе ги преземе: да има техничка опременост и оспособеност за реализација на услугата за хигиенско одржување деловни простории, што подразбира поседување опрема со цел извршување на конкретните услуги наведени во спецификацијата и тоа: – минимум 5 машини за чистење тврда подлога и – минимум 5 машини за чистење текстилна подлога“, стои во тендерската документација.
Според податоците од Централниот регистар, фирмата што ќе ги чисти просториите на „Пошта“, компанијата БС КЛИНИНГ почнала со работа на 10 јули 2024 година, а сопственик е лицето Горан Дивлев.
За година и пол откако е регистрирана, остварила приходи од само 74.300 денари, расходите и биле 19.401 денар, а остварила нето-добивка од 54.156 денари. Фирмата нема вработени.
Оваа компанија немала воопшто приходи од минимум 100.000 евра на годишно ниво остварени во последните три години, ниту минимум три договори за одржување хигиена, како што се бараше во тендерската постапка и затоа е нејасно како била избрана на јавниот повик.
БС КЛИНИНГ е непозната за македонската јавност, но компанија со исто име БС КЛИНИНГ ДОО и со иста дејност постои во соседна Бугарија, односно во бугарскиот град Варна.
ШТО ВЕЛИ РЕВИЗИЈАТА?
Континуираните загуби негативно се одразуваат на тековното и идно работење на друштвото, не овозможуваат негов развој и го доведуваат во прашање ефикасното, трајното, уредно и квалитетно вршење на дејноста како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај.
Согласно ревизорскиот извештај, друштвото се наоѓа во неповолна финансиска положба, почнувајќи од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето, а најголема загуба во износ од 3.726.000 евра е искажана во 2022 година.
Друштвото се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушува ликвидноста. Вкупните обврски за краткорочни кредити и заеми на крајот на 2023 година изнесуваат 219.650 илјади денари, а се однесуваат на земен краткорочен заем од МЕПСО – АД за пренос на електрична енергија во износ од 100.000 илјади денари и два краткорочни кредити од деловни банки во вкупен износ од 119.650 илјади денари. За доспеаните, а неисплатени кредити во 2024 година, пресметана е договорна казнена камата од 24,45 отсто или 6,7 милиони денари, односно 109.000 евра.
Во текот на 2023 година бил вратен краткорочен кредит во износ од 40.000 илјади денари, кој бил одобрен во 2022 година, а одобрен е друг кредит од деловна банка на износ од 32.500 илјади денари кој доспева за враќање на крајот на 2024 година.
Сите земени кредити се со висока каматна стапка која се движи во интервал од 4,8 отсто до 6,25 отсто.
Ревизорите направиле анализа на квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга и утврдиле ненавремена достава на пратки. Во 2023 година, 59,7 отсто од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5 отсто биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75 отсто и максималниот стандард од 88 отсто за успешно и навремено доставени пратки.
Утврдени се сериозни неправилности во работењето на АД „Пошта“ на Северна Македонија. Недостасуваат точни и усогласени евиденции за земјиштето и градежните објекти, што влијае врз квалитетот на податоците во трговските книги. Дел од објектите, како и две одморалишта во Охрид вредни 6,4 милиони денари, се во лоша состојба и потребна им е санација, а за еден е утврдено бесправно користење.
Исто така и процесот за поделба на имотот меѓу АД „Пошта“ и Македонски телеком, почнат во 1996 година, не е завршен, а од 2017 година е запрен и до денот на ревизијата не се дадени насоки за понатамошно постапување со заедничкиот имот на двете друштва.
Во делот на јавните набавки, ревизорите утврдија дека АД „Пошта“, без спроведена постапка за јавна набавка, има преземено обврски за набавка на стоки и услуги, во вкупен износ од 3,7 милиони денари или приближно 60 илјади евра, што претставува надминување за 36 илјади евра или приближно 2,2 милиони денари над утврдениот вредносен праг од 24 илјади евра во денарска противвредност.
Со ревизијата утврдени се чести измени на актот на систематизација, особено во однос на бројот на извршители, работното искуство, степенот на образование и видот на стручна подготовка. Утврдени се и неправилности во пополнување на работните места и евиденцијата на работното време, како и во пресметката на додатоци, надоместоци и награди за дел од вработените. Понатаму, друштвото има склучено договори со 276 пошторазнесувачи, но дел од нив, наместо за договорените услуги, ангажирани се за извршување други административни задачи.
Во септември 2023 година, и покрај континуираниот негативен финансиски резултат, друштвото извршило зголемување на месечната нето-плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42 отсто до 58 отсто соодветно, што не е во согласност со Законот за трговски друштва. Според законот, „во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор, може да се намалат”.
Ревизорите укажуваат на потребата од поголема меѓуинституционална соработка за обнова на руинираните делови од зградата во која се наоѓа Дирекцијата на АД „Пошта“. Во 2013 година, зградата беше опожарена, при што „Шалтер салата“ и други делови беа сериозно оштетени. Дел од просториите се обновени и прилагодени за работа, но околу 40 отсто од објектот сѐ уште не е реставрирано и останува со различен степен на оштетеност. „Шалтер салата“ и дел од зградата, која има големо културно и национално значење, се напуштени и неупотребливи. Во 2021 година, зградата беше ставена на листата на седум најзагрозени споменици во Европа.
Министерството за транспорт не донело Стратегија за развој на поштенските услуги, која треба да биде усвоена од Собранието. Во 2021 година, за спроведување длабинско снимање на работењето на АД Пошта и изготвување на физибилити студија, биле исплатени 795.000 евра. Но, иако располага со направената студија, таа не се применува.
ЕДЕН ШЕФ НА ЕДЕН РАБОТНИК
На почетокот на 2024 година, вработените во Македонска пошта бараа целосна реорганизација и систематизација на државниот загубар, кој се соочува со големи кадровски проблеми, недостаток на персонал во технолошкиот процес и нередовна исплата на плата.
Претседателот на Синдикатот на Пошта, Боро Велигденов, рече дека со сегашната состојба, вработените се загрижени за опстојувањето, иднината и зачувувањето на работните места.
– Осумдесет отсто од вработените имаат просек колку минимална плата, а февруарската плата уште не е исплатена и покрај тоа што законскиот рок е до 15-ти. Финансиската состојба на друштвото е лоша и се стравува дека ќе нема редовна исплата, рече Велигденов, припишувајќи ги проблемите на лошата кадровска политика и менаџирањето.
Тој рече дека има недостиг од работници во технолошки процес – поштари, шалтери и работници, но затоа има преполни работни места во администрацијата и шефовските позиции.
– Имате еден шеф на еден работник, рече тој.
Во моментов, во Македонска пошта има 1.800 вработени и 200 договорни поштари, а синдикатот меѓу другото бара и да се реши статусот на договорните поштари, кои со години работат без здравствено осигурување и на минимална плата. Има и одлив на вработени, кои самите си даваат откази, особено работниците од технолошкиот процес.
Анализата на Агенцијата за пошти покажува дека во првото полугодие од 2023 година работеле 36 даватели на поштенски услуги. Сто и три рекламации биле поднесени за услугите на „Пошта“ за само шест месеци, а 659 за услугите на приватните пошти. Рекламациите за државната пошта се за препорачани писма, односно 89,3 проценти се за пречекорување на рокот за достава, а 10,7 проценти за изгубени препорачани писма.
„Пошта“, во првото полугодие од 2023 година има намалување на речиси сите услуги и тоа во рамките на универзалната услуга за 5 проценти. Пратките за кореспонденција, како услуга која треба да биде достапна до сите корисници е со опаѓање од 4,9 проценти, а влијание врз оваа надолна тенденција има и намалувањето на бројот на поштари од 648 на 549 за една година.
Истражувањето за потребите на корисниците на поштенски услуги за 2023 година, кое го направи Агенцијата за пошти, покажа дека корисниците сѐ повеќе ја одбегнуваат државната „Пошта“ и избираат друг давател на услуги, најмногу поради брзината на достава и брзото преземање на пратката, но и поради неколкумесечното чекање на своите пратки.
Текстот е објавен на 20 ноември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.572.