На полноќ истекува рокот за поднесување на кандидатури за нов републички обвинител, а по првиот впечаток дека нема заинтересирани, последниот ден се заголеми бројот на пријавени кандидати.
Според досега познатите информации, први своите пријави ги најавија екс поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски, како и неодамнешниот шеф на скопското вишо обвинителство Мустафа Хајрулахи. Според информациите на ,,Фокус” пак пријави поднеле и обвинителката Лидија Раичевиќ, судијата во Кривичниот суд Ненад Савевски, како и актуелната в.д. републичка јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска.
Денеска својата пријава ја поднела и обвинителката Ленче Ристоска, која пред неколку дена објави дека ја тужи владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Ристоска изминатиот период е и под голем политички притисок и закани од владејачката паритија и премиерот, бидејќи ги застапува предметите ,,Талир 1″ и ,,Талир 2″, во кои е замрзнат имотот на ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинителката се пријави и за судија од Македонија во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, но власта го поништи изборот во кој Ристоска беше меѓу тројцата финални кандидати.
Како што дознава ,,Фокус”, меѓу кандидатите е и Пецо Везироски, шеф на вишото обвинителство во Битола.
За оваа важна позиција, државен јавен обвинител, според законот, може да конкурира лице што има непрекинат стаж од најмалку 10 години како јавен обвинител или како судија во областа на кривичното право.
На предлог на владата, конкурсот го распишува Собранието.
Откако огласот ќе заврши, на барање на владата, Советот на јавните обвинители доставува негативно или позитивно мислење за пријавените кандидати.
Потоа владата доставува предлог до Собранието за избор на еден од кандидатите што добил позитивно мислење.
Тогаш Собранието закажува расправа за гласање, а изборот се врши со просто мнозинство.
Доколку никој не е по нивна мерка, или Советот не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените, тогаш владата ќе побара од Собранието да го повтори огласот.
Оваа позиција е клучна во борбата против криминалот, бидејќи од шефот на сите обвинители може да зависи текот на предметите.
Дури и шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, во случајот Ислам Абази, за својата работа одговара пред државниот обвинител.
Валентина Вурмо