Груевски може да избира меѓу романското сценарио на Чаушеску или бугарското на Живков!

by fokus 11:53
11:53

Текстот е објавен на 17 април 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1019

Есад Рахиќ, поранешен пратеник и висок функционер на СДСМ, беше претседател на собраниската комисија за надзор на УБК од 2006 до 2008 година, но никогаш немал можност да го контролира Мијалков. Со „Фокус“ зборува за опремата за прислушување од Израел, за снимките од прислушувањето, за СДСМ кој го напушти неодамна, за излезот од политичката криза

Разговарал
Љубиша АРСИЌ

ФОКУС: Дали додека Вие бевте на претседателското место во собраниската комисија за надзор на работата на УБК имавте можност и начин да ја контролирате службата на Сашо Мијалков, особено во делот на опремувањето и донациите?

РАХИЌ: Буквално ништо не можеше да се контролира. Тоа е класична демагогија. Ако се присетам, таа комисија најдобро работеше од 2003 до 2006 година. Тогаш реално се направија неколку посети во подрачните единици на УБК. Но, со оглед дека тоа беше по воениот конфликт, акцентот на нашите посети беше ставен врз вработувањата кои произлегуваа од рамковниот договор, односно застапеноста на етничките заедници, а не како се опремува таа служба и како навистина дејствува. Мора да се знае дека ниту една комисија не може ништо да направи и да воспостави контрола затоа што дефинитивно не постои политичка волја за тоа, и тоа е основниот проблем. И второ, ако власта сака нешто да скрие, лесно се крие зад превезот дека тоа е државна тајна. Само да потсетам дека во 2007 година, кога на комисијата за буџет зборувавме за некаков чуден трансфер на пари во МВР, односно во УБК, министерката Јанкулоска се правдаше дека тоа е тајна и дека не може да се знае каде ќе завршат парите на граѓаните.

ФОКУС: Како може да се крие каде и за што ќе се потрошат јавните пари, па макар тоа било и за опрема за тајната полиција?

РАХИЌ: Најодговорно тврдам дека секаде во светот, кога набавките се прават со јавни пари, со пари од буџетот на граѓаните, мора да бидат прво, оправдани, а потоа и јавно соопштени. Едноставно, парите мора да се трошат транспарентно. Се сеќавам дека на сите јавни повици директорот на УБК, Мијалков, за да ја исполни законската обврска за презентација на годишниот извештај за работата на УБК го праќаше својот тогашен заменик, Силјан Аврамовски, и со тоа вешто го избегнуваше парламентот. Се сеќавам на тогаш поставено пратеничко прашање до Јанкулоска дали со тие пари ќе се купува опрема за УБК, ми беше ветен писмен одговор, кој никогаш не го добив. Потоа се испостави дека тие пари, по сѐ изгледа, завршиле за купување опрема од Израел – еден дел од опремата за која денес зборуваме во јавноста.

ДА, ГРУЕВСКИ, ВИСТИНАТА Е КАКО ШИЛО!

ФОКУС: Значи дека и тогаш, како и во 2011 година, кога УБК купувала опрема, не известувала никого, односно комисијата не може да има увид што купува УБК и за колку пари?

РАХИЌ: Немаме буквално никаква контрола врз никаква активност на УБК. Кого прислушува, зошто го прислушува, дали има налог од надлежна институција за тоа? Понатаму, што купува од опрема и со каква цел, од кого купува, зошто купува од одредена компанија, а не од друга, дали има направено споредба на перформанси и цени со други компании? Во посериозни политички системи, ваквите комисии на парламентите дури носат одлуки или со некаков документ потврдуваат дека се набавила опрема за тајната полиција. Кај нас и во присуство на опозицијата во парламентот комисијата беше декор, сега, пак, не сакам ни да помислам – едноставно комисијата не ни постои, што само остава дополнителен простор за самоволие на службите.

ФОКУС: Дали знаевте Вие каква опрема за прислушување има УБК и дали Вам Ви беа пријавувани донации од странските држави, како што сега власта тврди дека на аудиоснимките се зборува за некаква донација од Израел?

РАХИЌ: Донациите одат на ниво на служби и за нив не мора да знае парламентот. Но, секоја помош кога стигнува од странство, особено да ги споменеме тие од САД и од Турција, јавно беше презентирана преку медиумите. Искрено ме чуди како е можно да се премолчи толкава донација. Во најмала рака, државата-донатор ќе сакаше да се експонира. Затоа, јасно е дека нема врска оти ова што го слушаме на снимките било донација. Зошто би се криела донација? Никој од МВР или од УБК не бара да се објави спецификација на опремата и што содржи таа, но задолжително се објавува колкава е донацијата и на која полициска единица се однесува и за што ќе се користи и толку. Основните податоци за опремата, во ниту еден случај, не може да бидат државна тајна и да се кријат.

ФОКУС: Тоа значи дека Израел ќе пројави интерес да открие за каква донација зборуваат Груевски и Мијалков и дали навистина таа постои или, пак, е манипулација?

РАХИЌ: Мислам дека не само Израел за опремата, туку и Кина за автопатиштата ќе реагира и ќе сака завршница на овие финансиски скандали. Затоа што со ова се загрозува и нивниот кредибилитет како држави. Иако, постои практика големите компании да нудат провизии за склучување бизниси, сепак, кога се откриени, тие ги сносат последиците. Затоа сум сигурен дека, ниту Израел, ниту Кина ќе го премолчат ова!

ФОКУС: Груевски во обид да го одбрани братучедот Мијалков кажа нелогична теза, дека опремата од Израел била наменета за некоја специјална полициска единица. Ако се знае дека полициските единици се под контрола на Бирото за јавна безбедност, тогаш зошто Мијалков од УБК зборува за провизии и за донации?

РАХИЌ: Која е таа специјална единица? Што е купено за неа, а што донирано? Зошто не откријат? Тоа што го напоменав пред малку – основните податоци мора јавно да се соопштат, како на пример дали се донирани панцири, оружје и опрема? Од авион се гледа дека се фатени 100 спрема нула. Немаат оправдување за тоа што јавноста го слушна како аудиодоказ. Залудни им се сите лаги и само се прашувам, кој им верува? Мислам дека и самите повеќе не веруваат во своите лаги. Специјалната единица за која зборува Груевски е дел од јавната безбедност, што има шефот на УБК да преговара, освен ако не за некаков интерес?

ФОКУС: Значи, од една страна Мијалков немал право да зборува за некаква донација ако таа била за единица на МВР, од друга, пак, зборува за провизија која власта сака да ја оправда како банкарска!

РАХИЌ: Каква банкарска провизија? Кого прават будали? Кој ќе поверува во таквиот филм, па нема банкарска провизија од толку проценти. Таму се зборува за пет, за 10 отсто, но и јасно се слуша дека тоа е провизија за некого, а не за некоја банка. Трансферот на пари се знае, исто како и банкарската провизија, особено на големи суми и таквите провизии почнуваат со нула, па по запирката има ситни бројки. Банкарска провизија ли е тоа на Миле Јанакиески кога на сопругата ѝ глуми како зборува кинески во два по полноќ? Банкарска провизија ли е ставот на Груевски дека опозицијата ќе ги наруши односите со Израел и Кина затоа што објавува криминални скандали, а не тоа што премиерот на Македонија ги нарекува Кинезите „жути“?

ФОКУС: Дали не е јасно дека провизијата е своевиден поткуп, особено ако се слушне дека се споменуваат приватна фирма и сметка во странска банка, а со тоа паѓа во вода обидот случајот да се претстави како донација?

РАХИЌ: Апсолутно! Од она што се слуша од снимките, се навестува дека станува збор за класично коруптивно дело и јас сум сигурен дека многу бргу ќе се дојде до вистината.

ФОКУС: Значи, Груевски и Мијалков упаднаа самите во замка? Оти најмалку еден од нив мора да лаже при пласирање на конструкцијата за кого е донацијата, а за кого провизијата?

РАХИЌ: Сигурно! Од толку многу конструкции и местенки, дефинитивно дека самите се вплеткаа во сопствените мрежи.  И што би рекол Груевски: Вистината е како шило, врти, врти и на крај ќе излезе! Но, кого ќе боцне, времето ќе покаже.

КОЛКУ И ДА СЕ ПРАВДААТ, ДЕФИНИТИВНО ЦАРОТ Е ГОЛ

ФОКУС: Колку е издржана тезата на власта дека странски служби ровареле низ државата и дека оперативци на УБК предавале материјали на странска држава, како што се настојува да се остави впечаток во јавноста со постојано цитирање на спогодбената пресуда на еден од обвинетите во „Пуч“?

РАХИЌ: Оној момент кога излегоа со тезата дека се инволвирани странски служби, Јанкулоска мораше итно да го разреши Мијалков или уште подобро Груевски да ги разреши нив двајцата. Ако ти, како влада, префрлиш толкави пари на една служба како УБК, постојано ја опремуваш и на крај да се соочиш со тоа дека странска служба прислушувала со години, а твојата служба не реагирала, тоа е брука. Тоа е самоубиство. Што правел Груевски? Живеел во заблуда? Таквата теза нема да помине, сѐ додека Груевски јавно не открие која е државата што слушала, која е службата на која оперативци на УБК ѝ предавале материјали, каков е интересот на странците толку долго и толку масовно да следат телефонски разговори на илјадници граѓани. Јас не верувам дека има таква држава која би прислушувала така, впрочем тоа и во едно интервју го кажа и коалицискиот партнер на Груевски, Павле Трајанов! И на крајот, клучното – што правела нашата служба?

ФОКУС: Ние имавме осудени во процесот „Шпион“ за кои беше посочено дека шпионирале за Унгарија и за Грција, ама со тие две држави односите не претрпеа никакви последици, што секако е нелогично.

РАХИЌ: Светската практика познава случаи на шпионирање, но потоа секогаш имало замрзнување на односите меѓу тие држави. Кај нас, излезе како Унгарија и Грција само да се искористени да се осудат таквите наводни шпиони, а реално никој никогаш не одреагира политички. Ниту еден амбасадор не беше повикан да му се врачи протестна нота или, пак, да се протераат од Македонија. Напротив, унгарскиот премиер Орбан дојде во посета на Скопје, како најголем пријател на Груевски, што е целосно несфатливо. Кога некој ќе фати некого дека шпионира, во најмала рака имате замрзнување или прекин на односите. А кај нас, покрај овие што се во затвор, ништо повеќе не видовме. Со тоа само се потврди дека некои случувања остануваат нејасни и се користат само за елиминација на измислени политички противници.

ФОКУС: Во ваква ситуација во која доминира УБК, а кога парламентот е парализиран, кој ја контролира оваа служба?

РАХИЌ: Мијалков самиот ја контролира УБК. Секако, заедно со Груевски. УБК, во рамките на службените овластувања, секогаш прислушувала барем  200-300 луѓе, и тоа го прават сите. Но, само со налог од надлежен орган. Тој број се зголемува повремено, во зависност од потребите. Може да стигнеме и до 500, како крајна бројка, ама да слушате 20 илјади, тоа е класична перверзија. Зошто би се слушале сами? Тие едноставно сметале дека имаат максимална контрола над сѐ и немале претстава дека снимките ќе се појават јавно. И тука само ќе напоменам дека пред да избие аферата, има смени на клучни позиции во Телеком, исто како и во МВР, па дури има и лица кои се привремено тргнати од Македонија заради нивна лична заштита. Што покажува сето тоа? Колку и да се правдаат, дефинитивно царот е гол.

ФОКУС: Значи дека и да има опозиција во парламентот, контрола врз Мијалков не е можна?

РАХИЌ: И да се формира собраниската комисија за надзор и во неа мнозинството да го има опозицијата, таа не може да припари до службата на Мијалков, а не, пак, да провери што работи. Груевски направи сѐ за да го минимизира собранието, па и комисиите. ВМРО функционира сега како ВМРО на Ванчо Михајлов, тие се држава во држава, тие одлучуваат кој ќе работи, каде ќе работи, кој ќе функционира во општеството, кого ќе сотрат, а кој ќе заврши во ендек. Создаваат нови бизнисмени и нови тајкуни. Има фирми кои за пет години енормно пораснаа. Од 2011 година изгубија целосна контрола врз себе. Тие сега се како комедијата „Има ли пилот во авионот“, со тоа што ова е трагедија, а не комедија.

ФОКУС: Но, каков што го знаеме, Груевски секогаш има џокер во ракавот, па лесно ги менува режиите на филмовите?

РАХИЌ: Па, тој мисли дека има, ама ова што се обидува да го протне, ќе му заврши како во Грција. Еве, земете ги економските зони што ги користи како адут пред јавноста и споредете ги со тие во Словачка или во Полска. Кај нас платата е 120 евра, во другите држави е над 1.000 евра. Се зборува за економски напредок, а народот е сведен на авганистанско-пакистанска работна рака. Е тоа се џокерите на Груевски. Една фабрика или рудник се затвора и веднаш имате пад на БДП-то. За жал, Македонија и според реалните показатели и според статистиката е економски стерилна и една од најсиромашните држави во Европа.

ЗАЕВ ТРЕБА ДА СЕДНЕ СО ЦРВЕНКОВСКИ

ФОКУС: Несомнено е дека власта ја откриваат аудиоснимките на СДСМ, од кои јасно се слуша како таа управува со државата. Сметате ли дека Зоран Заев е сам на фронтот или тоа е само лажен впечаток?

РАХИЌ: Би било лудо да се мисли дека тој го прави ова сам. И да почнал сам, поддршката верувам му се зголемува секој ден. Заев мора да добие поддршка од сите слободоумни граѓани. Ова се сериозни, но и гнасни работи. Сме имале различни ставови со Заев, но со ова сега, тој треба да добие максимална поддршка. Дали внатре во партијата се одвиваат работите како што треба, за тоа ќе има второ полувреме. За тоа ќе мора да се седне и да се зборува, сега приоритет е елиминацијата на оваа власт. На последниот партиски конгрес му реков дека на СДСМ му треба мудар, а не храбар лидер, но се покажа дека му треба и храбар. Заев е успешен бизнисмен и градоначалник. Неговиот имот и заработка се големи, не само за македонски услови. Кој би влегол во ваква авантура со толкава удобност? Ова што тој го објавува е геноцид врз народот. А утре, кога ќе ја урне власта, а е на добар пат, нема да може никој веќе вака да владее.

ФОКУС: Ако СДСМ го добие првото полувреме против Груевски, тогаш второто сметате дека ќе го игра самата против себе, односно ќе мора да ги консолидира сопствените редови?

РАХИЌ: По поразот на изборите, за мене покоректно ќе беше Заев да поднесеше оставка на конгресот, а таа да не му беше прифатена. Второ, и понатаму сметам дека попаметно ќе беше да го одложи конгресот, наместо во мај, да биде во септември, за да легнат малку работите. Трето, кое сѐ уште го сметам за важно, е потребата да седне и да зборува со Црвенковски и со другите крупни играчи, затоа што со нивната поддршка во базата и со таков ветар во грбот, на Заев ќе му биде многу полесно. И секако, да се договорат во интерес на државата, не на партијата. Едноставно, ова е време кога сите што мислат со своја глава, мора да застанат зад Заев. Дел од раководството мора да знае дека сега главната работа е на терен. Ова е мегаафера, не е локална тема.

ФОКУС: Но, додека СДСМ има две големи битки, првата да го совлада Груевски, а потоа да се средува самата себе, ВМРО-ДПМНЕ е во филм дека гази напред и дека „бомбите“ се само локален пожар.

РАХИЌ: Јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ е во перманентна кампања, во обид да го минимизира сето ова. Но, тоа тешко ќе го направат, затоа што овде не станува збор за локална афера, туку за систематско уривање на системот. Како на институциите, така и на моралните вредности. Очекувам дека ќе следуваат посериозни снимки, кои сѐ повеќе ќе го будат гневот на народот. Мора да се расчисти дека врхушката на ВМРО-ДПМНЕ не е исто што и членството, тоа бргу ќе се види затоа што ќе пукне и меѓу нив самите. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да се преиспита каде и со кого ќе оди? Не можете да глумите единство во ситуација кога неколкумина од врхушката работеле исклучиво за своите интереси.

ФОКУС: И кој ќе биде резултатот од овој натпревар? 

РАХИЌ: Ова ќе мора да заврши со избори. Ова е сериозна политичка криза. СДСМ ќе се врати во парламентот затоа што ова со преговорите во Брисел е само испитување на терен, загревање во првите минути од натпреварот. Но, кога ќе дојдат посериозни играчи од надвор, тогаш ќе мора да има и договор и избори. Клучното е дека колку побрзо се реши кризата, толку е подобро за државата и за народот.

ПРОВИЗИЈА Е НИВНОТО СРЕДНО ИМЕ

ФОКУС: Но, за какви избори можеме да зборуваме кога од снимките јасно е дека власта ја има окупирано целата држава?

РАХИЌ: Со оваа влада и со вакво ВМРО-ДПМНЕ, не СДСМ, туку Хилари Клинтон и Џеб Буш ќе ги изгубат изборите. Затоа ќе мора да има политички договор. Ако имате зрели политички елити, ќе договорат детали, особено чистење на избирачкиот список, со теренска активност, проверка од стан во стан. Тоа би било нормално за да се одржат избори. Но, ние докажавме дека не сме способни да опстоиме без тутори, за жал. Никола Груевски како последен неокомунистички лидер во светот ќе мора да избере меѓу романското сценарио на Чаушеску или бугарското на Тодор Живков, од него зависи како ќе заврши приказната.

ФОКУС: Но дали потезите на власта укажуваат дека таа ќе овозможи мирни избори и ненасилно надминување на кризата?

РАХИЌ: Сите падови на режими завршуваат насилно, е сега како да се реши мирно ова кај нас? Ако вие им ја качувате платата на полицајците, ако купувате водени топови, озаконувате употреба на гумени куршуми, значи се спремате за институционално насилство. Но, ние мораме мирно да го надминеме ова – прво политичките елити да решат како самите да ја пребродиме кризата и второ, со помош од страна, преку преодна влада, чистење избирачки список и со организирање избори. Нам ни треба преодна влада, која ќе има цел мандат. Да подготвиме нова генерација политичари затоа што ова е симулација на политика од страна на една политичка клептократија.

ФОКУС: Една од опциите за да се спречат избори може да биде затворање на Заев, со оглед дека процесот за „Пуч“ се одвива експресно.

РАХИЌ: Ќе си направат лоша услуга, и тоа тие го знаат. Секогаш ќе викаат дека Заев е предавник, но да го цитирам Нестор Огинар: поголем предавник од Заев е Груевски, тој мора да застане пред него, а не да се крие зад потписите на граѓаните. Не велам дека Заев можеби не направил некои грешки и дека за тоа можеби ќе треба да сноси одредени санкции, меѓутоа во овој случај е кристално чист. Овие се доктори на науки за криминал и се добива впечаток дека имаат проблеми со менталниот склоп. Тие насила ги уништуваат и тие со кои јаделе леб заедно. На свадбата на Миле Јанакиески главен гостин му беше Фијат Цаноски. Дури Јанакиески магистрираше на ФОН кај Цаноски, толку беа блиски. Потоа со Груевски договараат колку динамит да му постават на инвестицијата од 50 милиони евра, во време кога се носи законот за легализација на дивоградби, иако објектот на Цаноски не е воопшто дивоградба.

ФОКУС: Вашето последно работно место беше токму на ФОН како директор на маркетинг. Сигурно знаете некои податоци околу рушењето на „Космос“.

РАХИЌ: Се сеќавам дека еден ден дојдоа инспектори и полиција да ги конфискуваат градежните книги, со намера да ги уништат оригиналите и да ги фалсификуваат. Ние ги криевме за да не ги одземат оти знаевме дека случајот е конструиран, како што и се покажа сега со снимките. Во нив имаше одредена кота на објектот, но немаше напишано точна висина. Нејасно беше и како зградата отстапува од висината, кога не беше ни завршена. Имаше и поинакво решение за Цаноски – тој можеше да стави метар земја околу објектот и готово, така висината ќе беше тамам, ама тој не сакаше. Потоа на празникот Бајрам му го рушат „Космос“ за потоа како хиени Груевски и Јанакиески да се смеат и да зборуваат како од страв на Цаноски му течел измет низ ногавици, е па не е ли јасно каков човек ја води државата.

Очигледно, од снимките и начинот на кој тие разговараат, станува збор за луѓе кои во младоста имале фрустрации, кои сега се обидуваат да ги лечат врз грбот на граѓаните. Да правиш панорамски тркала и барокни згради на скопски водовод, а граѓаните да пијат вода од азбестни цевки, да правиш 10 пати поскапи споменици за некои непознати ликови од минатото, а да немаш пари за да го пратиш најдобриот математичар на натпревар во странство, а да зборуваш за реформи во образованието, тоа е перверзно. А перверзијата е нивното средно име. За среќа, секогаш постои крај!

Поврзани новости