Груевски мисли дека ќе владее 100 години, ама таков аманет не добил од Господ

by Фокус 14:17
14:17

fokus-arhiva-1-150x1501Текстот е објавен на први мај 2015-та во неделникот „Фокус“ во бројот 1021

Ристо Гуштеров е успешен бизнисмен повеќе од 30 години, а неговиот капитал е распространет во САД, Бугарија и во Русија. Тој поодамна беше дел од Либералната партија, а, исто така, кратко време беше финансиер и на партијата „Достоинство“ на Стојанче Ангелов. Гуштеров ја предводеше кандидатската листа на предвремените парламентарни избори во 2011 година од истата партија. Тој без влакна на јазикот коментира за политичката криза во земјава, за „бомбите“ што ги објавува лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за лошата економска состојба во која се наоѓа државата, за протестите на средношколците и студентите. Исто така, познатиот бизнисмен, без трошка дилема смета дека Груевски и неговите министри мора да сносат одговорност и да си поднесат оставки

- Advertisements -

Разговараше
Ирена МУЛАЧКА

ФОКУС: Во една од „бомбите“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев можеа да се слушнат разговори меѓу премиерот Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кои заговараат купување градежни парцели и урбанизација на шумата Водно. Реагиравте бурно. Зошто?

ГУШТЕРОВ: Уште пред да бидат објавени „бомбите“ на Заев, јас бев добро информиран за сѐ што се случуваше и за сѐ што се планираше со тие парцели на Водно. Информациите ги имав од инсајдери од институциите, кои денешнава власт ги контролира. Министерот за транспорт и врски уште на почетокот на неговиот мандат беше информиран од моја страна да не прават таков злочин со тој потег на Водно и да не се ставаaт во позиција да уништуваат судбини на стотици семејства, кои во минатото изградиле објекти.

ФОКУС: Што конкретно беше причината за вашата реакција?

ГУШТЕРОВ: Уште пред да почнат да ја реализираат таквата налудничава идеја, да сечат 12.000 квадратни метри шума и да градат објекти кои ќе ја нарушат тектониката на тлото, а исто така ќе ја нарушат и безбедноста на државата бидејќи на тој потег се наоѓа и резиденцијата на премиерот, а исто така и некој комуникациски системи за безбедност, значи пред три години, на моја иницијатива имав средба со еден од експонентите на власта и припадник на бизнис-елитата на ВМРО-ДПМНЕ. Му сигнализирав да ја запрат реализацијата на веќе промовираниот проект од нивна страна за изградба на 23.000 квадратни метри станбен простор.

ФОКУС: Ве послуша ли?

ГУШТЕРОВ: Го информирав дека со тоа се уништуваат судбините на стотина семејства и дека тоа не е хумано. Тој експонент на власта, кој што го знам уште од мали нозе како детенце на родители што добро ги познавав, се направи наудрен и ескивираше со одговор дека тој воопшто не е замешан во тој проект и дека јас имам погрешни информации. И еве, по три години со „бомбите“ на Заев се потврди дека тој експонент на власта, не само што добро знаел каква ујдурма се спрема, туку и бил еден од носителите на реализацијата на тој налудничав проект.

ФОКУС: Премиерот ли стои зад иницијативата за узурпација на Водно?

ГУШТЕРОВ: Па, од „бомбите“ на Заев јасно и гласно се потврди кој стои зад таков налудничав проект, за кој јас знаев уште кога беше во зародиш, за што навреме сигнализирав. Ако Груевски во својот карактер има жичка на чесност, ќе треба да даде налог да се стопира тој проект за уништување на шумата на Водно, за што негативно мислење дадоа и експерти, уште кога овој проект беше како предлог.

ФОКУС: Дали власта ги зеде предвид мислењата на експертите?

ГУШТЕРОВ: На Груевски, изгледа дека мислењата на експертите не му значат, ама баш ништо и дека лично тој решава што и како треба да биде, а за судбината на стотици семејства и за хуманоста на просторот важно му е колку и за ланскиот снег. Но, за жал, во духот на „вистината“ Груевски рече дека „бомбите“ на Заев се креирани, лепени и измислени и дека само нему треба да му веруваме. Е па, сега видете и сами до каде ја дотеравме работава во нашава држава, кога премиерот им го одзема правото на граѓаните да размислуваат и носат заклучоци и решенија по свое убедување.

ФОКУС: Вие поседувате имот до спорните парцели и веќе подолг период барате стопирање на намерите за градба.

ГУШТЕРОВ: Јас изградив свој дом за моето семејство со тешко заработени пари по триесетгодишна тешка работа во туѓина. А и желбата ми беше, последната етапа од мојот живот да ја поминам во мојата татковина, каде што имам многу пријатели и роднини, да ги пораснам и едуцирам децата на кои што секогаш им велев дека најсреќни ќе бидат во својата земја. Тој сон како кула од карти почна да се руши, а и децата ја разбраа целата состојба за сѐ што се случуваше околу нашиот семеен дом. Ја гледаа мојата вознемиреност, моето талкање по судовите, барајќи ја длабоко закопаната правда.

ФОКУС: Се откажавте ли од талкањето по судските лавиринти?

ГУШТЕРОВ: По повеќегодишна голгота по „нашите“ судови, пред три години донесовме семејна одлука, дека како и многу други Македонци, ќе мора да бараме решение надвор од Македонија, да се иселиме и да го живееме сонот за Македонија во туѓина. Сега, по сѐ, еве и јавно го нудам својот дом да го купи нашиот премиер или некој од експонентите на власта, кои дебело се опариле во последните девет години, со што можеби ќе создадам можност да се спаси шумата Водно на потегот „Питу Гули“, а со тоа и да го зачуваме хуманиот амбиент за стотина други семејства, кои, исто така, со тешко заработени средства ги изградиле своите домови.gushterov 002НЕ МОЖЕ ДА ОПСТАНЕ СТАЛИНСКИ МОДЕЛ ЗА РАЗВОЈ НА МАКЕДОНИЈА

ФОКУС: Повеќе од два месеца лидерот на СДСМ, Зоран Заев објавува „бомби“ во кои може да се слушне како ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребува власта, купува градежни парцели, договара провизии, прави изборни фалсификати, корумпира медиуми, казнува и затвора фирми, мести судии, вработува по партиски клуч, крои човечки судбини, „фрла во ендек“, влече цигани за уши. Кој е вашиот став за тоа?

ГУШТЕРОВ: Зарем може да се има сомневање во „бомбите“ на Заев? Снимените разговори што ги слушаме се автентични и уверливи. Ако се има и малку сомневање во нив, власта ги има на располагање сите инструменти и технички и финансиски да се провери автентичноста на тие снимени разговори. Имам информации дека и мојот телефон веќе со години е прислушуван. Господ знае што сѐ очекувале и дали биле задоволени нивните апетити од сите тие прислушувања? Порано, а и сега, поради мојот успех во бизнисот ме доживуваат како најголем непријател на мојата татковина, а спротивно на тие нивни искривени видувања, јас фактички од 1979 година, па наваму само правам добри дела за Македонија и на најдобар можен начин ја промовирам мојата држава насекаде во светот, како меѓу политичарите,  така и меѓу бизнисмените со кои имам контакти.

ФОКУС: Ќе има ли ефект од доказите што ги објавува СДСМ?

ГУШТЕРОВ: Јас не сум заморче што ќе се стави во нивна служба, без да мисли со своја глава, како што тоа го прават и какви што сакаат да им бидат сите граѓани на Македонија. Но, како што гледате, тоа не им успева. Народот се буди, експлодира младешката енергија кај средношколците и студентите, сѐ посилен е бранот на интелектуалната мисла кај слободоумните интелектуалци,  поокуражен е обичниот граѓанин. Наместо да се замислат и како одговорни политичари и како одговорна политичка партија да понудат рационални решенија за излез од оваа тешка политичка и економска криза, како што гледате, сега засега, премиерот и неговата партија се бранат со вербални и неаргументирани напади и со силувани карвани и митинзи.

ФОКУС: Им дојде ли преку глава на граѓаните политиката на Груевски?

ГУШТЕРОВ: Народот е уморен, истоштен, доведен на границата на умирање поради што по мое мислење веќе има изгубено верба во оваа власт, која не е спремна да се соочи со реалноста и со вистината. Оваа власт сѐ уште се води од максимата дека се од Господ дадени и дека ќе владеат уште најмалку сто години. Но, како што мириса, изгледа дека таков аманет не добиле од Господ. Системот на уцени, на насилство, на невидена корупција, на окупација на сите институции во државата, очигледно сериозно е во распаѓање и не ќе може да го спаси никаква терапија, па дури ни онаа што ја предложи Љубчо Георгиевски.

ФОКУС: Ќе ја задржи ли лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во оваа ситуација премиерската фотелја?

ГУШТЕРОВ: Во услови на таков силен напредок во комуникациите на глобално ниво, на отворени граници, на уште посилни демократски процеси насекаде во светот, на силна едукација со помош на интернет-комуникациите, тешко ќе може да опстане еден таков недемократски систем, кој имавме чест да го „уживаме“ во последните неколку години. На Груевски треба да му биде јасно, дека во такви услови на долг рок не може да опстане Сталински модел за развој на Македонија. Таквиот модел е осуден на пропаст. По однос на тоа што го спомнав Љубчо Георгиевски, не ми е јасно зошто медиумите си го губат времето со неговите интервјуа и изјави, со кои го труе народот.

ФОКУС: Мислите дека нанесува штета со своите предлози за амнестија?

ГУШТЕРОВ: Па, зар треба да земаме памет и совети од еден човек, кој беше неуспешен премиер, од човек кој пишува порнопоезија, од човек, кој за да не биде гонет за сите афери околу него, зеде туѓо државјанство и на крајот од човек што не го признава постоењето на македонскиот народ. Георгиевски сака Македонија да има Нигериски модел, која власт како ќе дојде, да може да прави што сака, да си оди без да сноси одговорност, а следната власт што ќе дојде, да продолжи по ист пат и сѐ така во недоглед.Таков модел ќе ја доведе Македонија до распад и до дефинитивно исчезнување. Можеби тоа некој и силно го посакува!gushterov 003ГРУЕВСКИ И НЕГОВИТЕ МИНИСТРИ МОРА ДА СИ ПОДНЕСАТ ОСТАВКИ

ФОКУС: Примерот со масовно прислушување на 20.000 луѓе е без преседан во светот. Дури и афери со помали размери предизвикувале оставки!

ГУШТЕРОВ: Се сеќавате на аферата со прислушување во САД, која ја открија и ја лиферуваа во јавноста одважни новинари, кои бранејќи ја својата професија, ја одбранија и демократијата. Во таа афера, претседателот Никсон немаше друг избор, освен оставка. Но, САД се демократска држава и таму јавното мислење е решавачко во практицирањето на демократијата и власта. Е сега, погледнете ја политичката состојба во Македонија по избивањето на аферата со прислушувањето. Премиерот, сите коалициски партнери околу него, пратениците во Собранието, мува не ги лази и се прават како да не живеат во Македонија. И понатаму нивната пропагандна машинерија работи 24/7, од што народот веќе излудува.

ФОКУС: Што треба да се случи за да се променат состојбите?

ГУШТЕРОВ: Од Груевски сега се бара да покаже демократски капацитет, ако го има, да си даде оставка бидејќи со тоа ќе се отворат сите опции за најблагопријатно разрешување на оваа тешка политичка и економска криза. Секој изминат ден е судбински ден за Македонија, па затоа се бара од него и сите околу него да покажат највисоко чувство на морална одговорност за државните и националните интереси. Груевски мора да разбере дека во оваа состојба, тој е најголемиот дел од проблемот. Мора да разбере дека сите столбови на државата се пред крш лом, а ако таков лом се случи, Македонија и македонските граѓани ќе ја изгубат својата иднина.

ФОКУС: Во моментов на Заев му се заканува затвор, додека Груевски сѐ уште ја има моќта во свои раце.

ГУШТЕРОВ: Јавното обвинителство знае дека не располага со издржани факти за евентуална вина на Заев, па затоа и не посегнува по мерката притвор, која, пак, од своја страна ќе иницира и експресно паѓање на актуелната власт. Груевски мора да разбере дека Заев и генерал Ангелов се хероите на нашето време! Тоа го чувствуваат мнозинството граѓани, тоа го чувствувам и јас лично. И премиерот и јавниот обвинител многу добро знаат дека објавувањето на аудиоснимките за масовното противзаконско прислушување не може да се третира како велепредавство. И двајцата многу добро знаат за што се работи и дека од сѐ, во овој скандал најважна е суштината, а не местенката некој да биде обвинет и притворен.

ФОКУС: Но, јавниот обвинител сѐ уште молчи и чека инструкции од премиерот. Може ли да се прекине таа спрега?

ГУШТЕРОВ: Спрегата меѓу јавниот обвинител и Груевски не е веќе така силна како што се мисли. Таа спрега, што е воспоставена на противзаконска и противуставна основа, веќе станува порозна и се чувствува дека веќе не може да опстане. Затоа, Груевски ќе тактизира до последен момент, за да може да си обезбеди поблага егзит-варијанта за себе и за своите најблиски соработници.

ФОКУС: Ќе има ли политичка разрешница во скоро време?

ГУШТЕРОВ: Како што и напомнав погоре, треба да следи оставка на премиерот и неговиот кабинет, со што ќе се отвори патот за формирање преодна влада, која за период од најмногу две години ќе треба да подготви терен за фер и демократски избори, да донесе нов изборен закон, каде што Македонија ќе биде една изборна единица, да спроведе попис на населението, да го прочисти избирачкиот список, да ги стабилизира финансиите, да ја заздрави нашата позиција како земја-кандидат за членство во ЕУ и во НАТО. Целиот тој процес треба да биде под силен мониторинг на ЕУ.

ФОКУС: Сметате ли дека „бомбите“ ќе го турнат Груевски по деветгодишно владеење?

ГУШТЕРОВ: Од она што веќе го слушнавме, не треба да се поставува прашањето за заминување од власт на Груевски и неговата влада. Прашање е дали Груевски има демократски капацитет, за да го прифати чинот на оставка. Политички, на долг рок, тоа е подобро и за него и за неговата партија. Доколку во еден демократски амбиент и регуларна судска постапка се докаже дека Груевски нема никаква вина од тоа што е презентирано, тогаш ќе му се отвори патот во едни нови фер и демократски избори да покаже колку народот стои позади него и неговата партија. Не треба да се плаши, ако е убеден дека нема вина. Меѓутоа, засега верувањето кај граѓаните е дека аудиоснимките ја кажуваат вистината, од што не што ќе биде тешко да се побегне, туку тешко ќе биде таа да биде ретуширана.gushterov 004ЕГЗОДУСОТ НА 400.000 МЛАДИ Е НАЈГОЛЕМО ВЕЛЕПРЕДАВСТВО

ФОКУС: Веќе неколку месеци во земјава секојдневно има протести на студенти, средношколци, хонорарци, новинари… На што се должи тоа?

ГУШТЕРОВ: Зар младата генерација треба да ги затвори очите пред сето тоа што се случува во Македонија и да не мисли на својата иднина? Зар треба да се согласат да бидат заморчиња на една власт, која имплементира систем на тотална покорност и страв кај граѓаните? Зар средношколците и студентите треба да затворат очи пред тоа дека во условите, во кои Македонија се наоѓа денес, не нуди перспектива за нивна подобра иднина. Затоа ни се случува и тој егзодус кај младата популација што ја напушта Македонија барајќи перспектива за својата подобра иднина во некоја друга држава.

ФОКУС: Но, затоа, пак, во Владата врие од млади и неискусни луѓе!

ГУШТЕРОВ: Каква е таа порака што Груевски ја испраќа до младите, кога без и да помисли ја отфрла мудроста и животното искуство, а на одговорни места во Владата поставува голобради момчиња, кои преку ноќ, без речиси никакво искуство стануваат министри, кои треба да водат така чувствителни сегменти во државата, како што е надворешната политика, да спроведуваат социјални реформи и ред други одговорни државни политики. Тоа е несериозно и е на штета на државните и националните интереси! Или, пак, тоа е модел за полесно да се владее со една бескрајно послушничка влада, во која сите ќе сносат одговорност, ама не и премиерот. Одговорно политичко раководство ќе ставеше прст на чело и ќе се замислеше како да се разреши овој најтежок проблем за Македонија.

ФОКУС: Младите секојдневно ги пакуваат куферите и заминуваат во потрага по подобар живот. Како да се справиме со тоа?

ГУШТЕРОВ: Мислам, а во тоа сум и убеден, дека егзодусот на 400.000 млади, работоспособни едуцирани Македонци е најголемото велепредавство во кое одговорност имаат сите политички гарнитури до сега! На каков развој може да смета Македонија, ако нашата најсилна енергија отишла во неповрат? Тешко ќе закрепнеме по сево ова! Ќе треба да подигнеме неколку нови генерации додека застанеме на здрави нозе!

ФОКУС: Сите протестираат, само бизнисмените молчат. Зошто?

ГУШТЕРОВ: Изгледа дека им е толку добро, што нема што да кажат во прилог на тоа што ни се случува во последните години. Додека државата е најголемиот работодавач, сѐ дотогаш ќе постои таа голема зависност на бизнисот од волјата на актуелната власт. Во здравите економии, каде што имаа навистина демократски амбиент и каде што имате независно судство и владеење на правото, улогата на владата се сведува само на креирање поблагопријатни услови за бизнис и законодавство, кое ќе ги штити и интересите на државата, но и во максимална мера, интересите на бизнисот.

ФОКУС: Но, дел од нив богато се офајдија од владеењето на Груевски!

ГУШТЕРОВ: Тој е далеку од филозофијата за едно такво општество, бидејќи нема демократски капацитет за една таква форма на владеење. Груевски креира и владее со систем, каде што вгради во вистинска смисла на зборот највисока форма на зависнички менталитет кај бизнис-заедницата. Секако, мал број бизнисмени дебело се офајдија од овој систем на меѓусебна зависност во поделбата на општествените блага, па затоа кај нив владее мртва тишина за погрешните и нерационалните економски политики на владата.

ФОКУС: Во едно интервју изјавивте дека македонскиот бизнисмен има поданички менталитет. Како да се надмине?

ГУШТЕРОВ: Тој поданички менталитет е и извор и потстрекач на многу коруптивни зделки во нашето општество. Со здраво законодавство и независно судство, таквиот менталитет полека ќе остане во заборав. Во такви услови, бизнис-заедницата ќе биде главниот генератор на идеи и проекти за поуспешна економија, додека работата и улогата на владата ќе се сведе само во носење на потребните закони за креирање на тој благопријатен амбиент за развој на економијата, од кој што ќе се офајдат и бизнисмените и буџетот на државата.

ФОКУС: Има ли оваа влада демократски капацитет за промени?

ГУШТЕРОВ: Дали Груевски е спремен за такви промени во улогата на владата и бизнис-заедницата? Од тоа што го покажа во досегашното владеење мислам дека тој нема демократски капацитет за такви промени и дека тешко може да се откаже од неговото авторитарно владеење со полна контрола на сите сегменти во општеството. Затоа и сметам дека неговиот модел на владеење е веќе потрошен и застарен, па затоа и неговото понатамошно останување на власт е и штетно за развојот на државата.

ФОКУС: Целото незадоволство на граѓаните се прелеа на улиците. Се плаши ли Груевски?

ГУШТЕРОВ: Па, мислам дека тој го чувствува пулсот на граѓаните, и покрај тоа што прави преголеми напори да покаже дека сите процеси во државата се под контрола и дека нема никаква опасност по неговата власт и стабилноста на државата. Стравот и нервозата се поприсутни во неговите настапи и мислам дека тоа не може и со помошта на сите негови стратези и гласноговорници да се сокрие.gushterov 005ГРУЕВСКИ СЕ ПЛАШИ ДА НЕ МУ СЕ СЛУЧИ НАРОД

ФОКУС: Додека СДСМ „бомбардира“, Груевски и неговите министри одржуваат трибини низ земјава!

ГУШТЕРОВ: Стравот дека ќе му се случи народ е сѐ поприсутен. Тоа се гледа од авион по начинот на организацијата и бројноста на неговите митинзи што ги организира по разни градови во државата. Очигледна е и нервозата и злобата, што тој ја истура преку неговите говори на тие митинзи. Тоа не треба да биде одлика на човек што има доволно демократски капацитет, кога треба да се соочи со вистината и кога му е најтешко. Е сега, прашањето е дали навистина ќе се случи народ и дали Македонците имаат капацитет, енергија и храброст да издржат во еден таков процес?

ФОКУС: Но, дел од народот сѐ уште има втеран страв во коски.

ГУШТЕРОВ: Стравувам дека Македонците го немаат тој капацитет и храброст да побегнат од својот поданички менталитет и всадениот страв. Ако ова не било така, па ние како народ ќе сме можеле да направиме држава уште пред повеќе од двесте години, а не како поданици да војуваме под разни знамиња и за туѓи интереси. Ако овојпат се победи стравот и се скрши тој поданички и сеирџиски менталитет, мислам дека шансите се големи да се случи народ од поголеми размери, како што досега немало во Македонија. Зошто мислам дека постојат услови за таков процес? Затоа што како никогаш досега и Македонците и Албанците и сите други националности не биле обединети во заедничката цел за подобар живот, за демократија и заедничка европска иднина.

ФОКУС: Премиерот постојано најавува покачување на платите на администрацијата, зголемување на пензиите, нови вработувања, зголемување на платеното породилно отсуство и сл. Кои се причините за ова?

ГУШТЕРОВ: Поради стравот дека е на повидок губење на власта, Груевски прави уште поголеми грешки и станува уште попаничен. Знае дека буџетот не може да ги издржи тие негови најави за покачување на платите, а тоа, исто така, го знаат и  граѓаните, па затоа сите тие најави и немаат некој поголем ефект во неговата борба за останување и зацврстување на власт. Треба да се земе предвид дека, сепак, нашите граѓани се позрели, за да разберат дека со покачување на платите од 1.000 или 2.000 денари месечно, ништо позначајно нема да се промени во нивните животи и во надминувањето на секојдневните животни потешкотии. За граѓаните, сега е позначајно да им се врати демократијата, слободата, независното судство и транспарентноста во трошењето на нивните пари.

ФОКУС: Исто така, опозицијата објави телефонски разговори колкави провизии договорила власта за изградба на патна и железничка инфраструктура со заеми од Кина. Како ги толкувате овие снимки?

ГУШТЕРОВ: Тоа што го слушнавме во аудиоснимките, Македонија не ја прави исклучок и единствена земја во светот, каде што се случуваат такви скандали. Ако тоа било направено, како што беше објавено, секако дека тоа е скандал од поголеми димензии. Тука се работи за провизии, кои што требало да бидат исплатени од странска фирма на официјални лица во Македонија, поради што актерите на таа коруптивна зделка треба да понесат одговорност.

ФОКУС: Сепак, од владата велат дека станувало збор за утврдување на цената, а не за провизија.

ГУШТЕРОВ: Сега или во иднина, треба да се утврди, дали цената за изградба по километар била преплатена на штета на државата, или пак, како што вели Пешевски, тие во Владата се бореле да договорат максимално реална пазарна цена. Доколку се сака, тоа лесно се истражува и се утврдува. Тоа не се однесува само на овој проект, туку на сите проекти финансирани со буџетски средства. Инаку, не само Кина, туку и другите држави, доколку гледаат свој интерес, одобруваат такви коруптивни зделки.

ФОКУС: Како го оценувате ефектот на инвестициите во слободните економски зони, во време кога постојат контроверзни тврдења на оваа тема?

ГУШТЕРОВ: Сметам дека проектот со слободните економски зони, кој што беше почнат во 2006 година од владата на СДСМ и продолжи со реализација на владата на Груевски е добра работа за Македонија. Она што досега е направено е добро, но не е доволно за некој порапиден развој на македонската економија. Погрешен е приодот, каде што премиерот е главниот експонент на тие роуд шоуа, кои осум години по ред тој ги прави со еден таков интензитет, од кој што глава боли. Како резултат на тоа, ние имаме скромни резултати во СДИ и сме на дното на ранг листата од земјите во нашето опкружување.

ФОКУС: Значи ефектот од честите роуд шоуа на државниот врв е мал?

ГУШТЕРОВ: Дали резултатите се во функција на направените трошоци што премиерот ги правеше со преголемите свити, кои го пратеа на тие роуд шоуа е предмет за една подлабинска анализа за некоја идна влада. Моето очекување беше дека, како резултат на нив, Македонија ќе реализира барем 10 милијарди долари, со што позначајно ќе се намалеше стапката на невработеност и ќе се создадеа услови за поголем економски раст. Сегашниот ефект од досега реализираните СДИ е доста скромен, а тоа се гледа од обемите на реализиран увоз и извоз од слободните економски зони. Ќе забележите дека, кога Владата излегува во јавноста со податоци што е направено досега во слободните економски зони секогаш се удира во гради колку бил реализираниот извоз од нив, без притоа и да зуцне колкав е обемот на увозот!

ФОКУС: Од странските инвестиции велат дека најголемиот ефект се вработувањата, но и тие се со ниски плати.

ГУШТЕРОВ: Од инсајдерските информации кои ги имам, ме загрижува една друга работа околу фирмите кои што работат во слободните економски зони, а тоа е дека и во нив се вградува систем на ВМРО-изација при вработувањето, што ќе биде лош сигнал за странските инвеститори. Би сакал да верувам дека тие информации се неточни, во спротивно премиерот и неговите локални моќници треба да направат се за да се запрат таквите процеси, кои што креираат доста лоша слика за правењето бизнис во Македонија.

ФОКУС: Дали со ова темпо на задолжување, Македонија чекори кон некакво грчко или аргентинско сценарио?

ГУШТЕРОВ: Јас веќе подолг период зборувам за тоа дека македонската економија нема капацитет за такво темпо на задолжување. Ние веќе сме во водите на висока и загрижувачка задолженост, што ќе има тешки реперкусии по стабилноста на нашава економија и стандардот на нашите граѓани. Годините што претстојат ќе бидат многу тешки. Споредбата со Грција не е добар пример. Ние, како да и се ситиме на Грција поради проблемите што ги има, а забораваме дека грчката економија сепак е силна економија и покрај падот на БДП од 355 на 238 милијарди долари, дека Грција има силна геостратешка позиција и дека е членка на ЕУ и НАТО, поради што и полесно доаѓа до извори на финансирање на својата задолженост.

ФОКУС: Што може да се очекува по смената на власта во делот на економијата, со оглед на тоа дека буџетот е празен?

ГУШТЕРОВ: Сметам дека некоја нова влада, и покрај тешката состојба што ќе ја наследи, со здрава и реална политика во трошењето на народните пари, со стопирање на многуте мегаломански и нерационални проекти, со започнување на преговорите за наше полноправно членство во ЕУ и НАТО, ќе создаде услови за побрз раст во економијата со помош на користење на фондовите на ЕУ, кои што ќе ни бидат на располагање. Со рационална политика, ќе бидеме во можност да се избориме кај нашите кредитори и за репрограмирање на нашите долгови, што исто така ќе биде силен стимул за растот на нашата економија.

ФОКУС: Ако има избори, ќе гласате ли?

ГУШТЕРОВ: Секако дека ќе гласам, доколку во тој период бидам во Македонија.

ФОКУС: За кого?

ГУШТЕРОВ: Ќе гласам за опција што ќе понуди програма за излез на Македонија од овој ќор-сокак во кој се наоѓаме и за опција која што ќе понуди демократија, слобода и подобра иднина за сите граѓани на Македонија. Таква опција не гледам во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.gushterov 006

ВОДАМ ДЕСЕТИНА ПАРНИЦИ ЗА ГРАДЕЖНИТЕ ПАРЦЕЛИ НА ВОДНО

ФОКУС: Сметате ли дека судските инстанци намерно молчат за случајот со парцелите на Водно?

ГУШТЕРОВ: Водам повеќе од десетина парници по сите инстанци во „нашите“ судови од каде што, сепак, на крајот очекувам дека правдата ќе биде задоволена, бидејќи во судските инстанци, сепак, има и чесни луѓе, кои што не подлегнале под силниот налет од врхушката на власт. Исто така, имам поведено и Уставна иницијатива од името на жителите на улицата Питу Гули, кои се и најзагрозени со тој налудничав проект.

ФОКУС: Прекршени ли се законите?

ГУШТЕРОВ: Во анкетните листови што ги потпишавме и приложивме кон Уставната иницијатива, јасно и гласно се гледа кои сѐ закони се нарушени од страна на власта поради што Уставниот суд нема многу простор да донесе одлука, со која ќе се стави на страна на интересите на луѓе од власта, кои бескрупулозно ги кршат законите. Засега Уставниот суд речиси три години молчи како залиен, при што би сакал да верувам дека оваа уставна иницијатива не е земена во решавање поради преголемата оптовареност со други предмети што чекаат на ред.

ПРЕМИЕРОТ ЈА ТРЕТИРА МАКЕДОНИЈА КАКО ПРИВАТНА СОПСТВЕНОСТ

ФОКУС: Владата постојано ветува странски инвестиции, а речиси сите странски инвеститори завршија во затвор?

ГУШТЕРОВ: Ако алудирате на Субрата Рој, моето мислење уште од самиот почеток кога беше најавен како стратешки инвеститор во два мегапроекти, јас кажав дека од таа работа нема да биде ништо и дека и двата проекта немаат ништо заедничко со реалноста. Меѓутоа, на Груевски му требаа такви најави, и покрај тоа што како премиер требаше да биде доволно стручен да не влегува во проекти, кои беа само еден обичен балон на човек, кој измамил десетици илјади индиски граѓани. Кој сега ќе понесе одговорност за оваа тешко платена авантура, во која се искомпромитираа и Владата и државата? Кој ќе ја сноси одговорноста што Овче Поле се претвори во пустелија во последните две години? Груевски бега како од оган, да даде отчет за овој скандал и се однесува како Македонија да е негова приватна сопственост, па нема обврска никому да даде отчет. Навистина скандалозно! За таков скандал во други држави премиерот мора да понесе одговорност и да поднесе оставка.

Поврзани новости