Премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, како и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објавија фотографии и видео од првото возење на единствената отворена линија од Градскиот воз, Зелениково – Скоппје со еден од кинеските возови кои им ги купи нивниот екслидер Никола Груевски.
Кинескиот воз е една од трите гарнитури возови кои се резервирани за вкупно 8 линии во еден правец на Градскиот воз од Скопје до Зелениково и назад.
Од фотографиите и видеата во медиумите и на социјалните мрежи се гледа дека на патниците, односно политичарите и нивните ПР тимови им е тесно во седиштата на кинескиот воз кој е еден шесте патнички композиции кои ги нарача поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски.
Во тендерската спецификација имаше неколку барања од државата како купувач на четири моторни и две електромоторни патнички композиции кои ги плати 25 милиони евра.
„Понудувачот треба да ги нагласи аспектите на удобност, естетика, безбедност и сигурност што ќе резултира со удобно патување. Преминувањето на патниците низ возот треба да биде лесно и безбедно. Погледот треба да биде транспарентен и да не е попречен од бариери. Тоалетите ќе бидат поставени на истиот начин. Возовите треба да бидат опремени со соодветна климатизација, греење, вентилација, осветлување, акустични и визуелни информации, системи за безбедност и итни случаи, во согласност со стандардите.
Понудувачот ќе предвиди полици за багаж според состојбата на ентериерот и искуството од други DMU/EMU проекти за меѓуградска употреба, како и корпи за отпадоци, куки за гардероба, таблети што се преклопуваат, приклучоци за напојување за мобилни уреди итн“, стои во делот на документацијата за опрема во возовите.
На тендерот се барале седишта од втора категорија со димензии кои треба да бидат усогласени со прописите за меѓуградски возови, а треба да бидат анатомски обликувани, со антивандалистичка конструкција и опремени со рачки, лесни за чистење и отпорни на графити.
Во спецификацијата нема ниту едно барање кое се однесува на транспортот на миленици и на велосипеди, што е нормално за патничките градски возови ширум Европа, а тоа впрочем го побараа и неколку организации од невладиниот сектор кои промовираат користење на велосипеди или пак чување на миленици.
Поради немање услови за транспорт на багаж и животни во кинеските возови, МЖ транспорт во 2022 година донесе Правилник за превоз на патници, багаж и животни.
Поголеми кучиња можат да носат само припадниците на МВР, ловците или слепите лица. Може да патуваат во патнички вагони со купе од втора класа, но само ако не се противат сопатниците.
Во правилникот постојано се нагласува дека со миленици може да се патува само во вагон со купе. Но, откако во 2016-та година пристигнаа кинеските возови, МЖ Транспорт оперира во патничкиот сообраќај само со тие композиции и ретко во возниот ред може да се види воз со купеа што ги дискриминира патниците кои нема каде и кому да ги остават своите кучиња.
Заборавени жителите надвор од Скопје
„Реализацијата на градскиот воз е доказ дека кога се има јасен план, концепт и визија, може да се реализираат големи инфраструктурни проекти. Ако железничкиот превоз пред две години се сметаше за заборавен и напуштен, со девастирани пруги, сега веќе две години имаме јасен и активен карго превоз, но и градски воз кој е ставен во функција“, истакна Александар Николоски, министер за транспорт и врски.
Во плановите и визиите на Владата беа и повторно ставање во функција и на линиите кон Кичево и Кочани, но тие не профункционираа, исто како и линијата Прилеп-Жабени која требаше да почне од 1 јули годинава.
Најголем број на патници имаше на линијата Скопје- Битола, но Македонски железници – Транспорт го скрати бројот на возови и патниците од Велес, Прилеп и Битола, но и од Неготино, Демир Капија и Гевгелија, нема да ги имаат привилегиите на жителите од скопскиот регион.
Жителите пак на Кичево, Гостивар, Тетово, Штип и Кочани немаат ниту превози, а камоли привилегирани линии.
Во велешко имаше иницијатива за градски или локални возови од Чашка низ Велес до Градско и Лозово уште за време на локалните избори во 2017 година. Иницијатива за добивање дозвола до Национални железници поднесе тогашниот градоначалник Аце Коцевски.
Но велешани извисија бидејќи пред девет години националното јавно претпријатие излезе со став дека железничката пруга Скопје – Велес има меѓународен карактер и по неа не можат да сообраќаат голем број на локални возови.
Целта беше да се намали гужвата низ Велес и патувањето да им стане поевтино на граѓаните. Девет години подоцна само жителите на скопскиот регион ќе имаат можност да се возат со воз речиси за џабе.
О.К.