Граничниот премин Рафах меѓу Газа и Египет ќе биде повторно отворен во понеделник, соопшти Палестинската амбасада во Египет, речиси една недела по постигнувањето на примирјето и договорот за размена на заложници меѓу Израел и Хамас, со посредство на САД.
Преминот, кој беше затворен уште од мај 2024 година, ќе им овозможи на Палестинците кои престојуваат во Египет да се вратат во Појасот Газа, стои во соопштението на амбасадата. Не е прецизирано дали ќе биде дозволен и влез на хуманитарна помош преку преминот.
Од моментот кога со американско посредство беше прекината двегодишната војна, во Газа влегуваат во просек околу 560 тони храна дневно, што е далеку под потребното ниво, според податоците на Светската програма за храна на ОН.
Преминот беше затворен за хуманитарна помош откако израелските сили ја презедоа контролата на граничната точка од страната на Газа, но кратко беше повторно отворен на почетокот на 2025 година за време на краткотрајното примирје меѓу двете страни.