Граѓаните во Радовиш бараат итни мерки поради чад од депонија

by irena 12:29
12:29

Во близина на Радовиш веќе подолг период проблем претставува депонијата, од која при пожар и чад се шири непријатна миризба и потенцијално штетни материи, што дополнително ја зголемува загриженоста кај граѓаните за квалитетот на воздухот и здравјето на населението.

Жител на Радовиш преку јавен апел побара итна реакција од здравствените институции поради, како што наведува, изложеност на токсични материи и загриженост за здравјето на населението.

Герасим Димитров, кој се претставува како независен граѓанин и жител на Радовиш, апелираше до граѓаните да останат смирени, но и да преземат мерки за лична заштита.

„Нема потреба од паника, но населението има потреба од заштита. Надлежните се на терен, ситуацијата ја држат под контрола и ќе се справат со настанатата состојба. Но, населението мора да биде заштитено, бидејќи предолго сме изложени на токсични материи“, наведува Димитров.

Тој ги повика жителите да престојуваат во затворени и климатизирани простории, да носат заштитни маски и да избегнуваат непотребно движење на отворено.

Во апелот, Димитров бара од Министерство за здравство и Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија итна проценка на состојбата и јасни препораки за жителите на Радовиш и околината.

Тој воедно изрази поддршка за институциите и службите кои се на терен, посакувајќи им сила и трпение во справувањето со ситуацијата, а понуди и доброволна помош доколку биде потребна.

Слични вести