Градоначалникот Лимани: Гостиварската криза мора да се расчисти, институциите работат на утврдување на причините

by jadranka 18:24
18:24

Градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани, изјави дека состојбата со водоснабдувањето и сомнежите за загадување на водата бараат целосно расчистување и одговорност доколку се утврдат пропусти во постапувањето на надлежните служби.Во периодот кога голем број граѓани пријавија здравствени проблеми, а институциите спроведуваат дополнителни анализи, локалната власт посочи дека се преземаат мерки за стабилизирање на состојбата и обезбедување безбедно водоснабдување.

Проблемот со водата во Гостивар предизвика сериозна загриженост откако надлежните органи издадоа препораки граѓаните да не ја користат водата од градскиот водовод за пиење и подготовка на храна додека не се потврди нејзината исправност.

Од Институтот за јавно здравје апелираа граѓаните да ги почитуваат мерките и да користат безбедна вода сè до официјално укинување на забраната.

Лимани претходно информираше дека општината и ЈП „Комуналец“ работат на подобрување на системот за водоснабдување, вклучително и преку инфраструктурни зафати што треба да го зголемат капацитетот на мрежата. Сепак, главното прашање што останува за граѓаните е што точно ја предизвикало кризата и дали навремено биле преземени сите потребни мерки за заштита на јавното здравје.

Надлежните институции продолжуваат со анализи и проверки, а јавноста очекува целосни информации за резултатите и за понатамошните чекори.

Слични вести