На 16 март ќе се одржи аукција за продажба на автомобилот Ауди А6 со почетна цена од 1.344.636 денари или околу 21.800 евра.
Аукцијата, како што објави општинската прес-служба, ќе почне во 10 часот на интернет страницата e-stvari.mk.
„Со средствата од продажбата на автомобилот ќе се набави комбе кое ќе служи за потребите на општинската администрација и спортските клубови во градот, стои во информацијата.
Оттаму информираат дека огласот бр. 1/2026 за продажба на подвижни предмети – патничко моторно возило, преку електронска аукција е објавен и во Службен весник.
Советот на Општина Струга донесе одлука на јавно наддавање да се понуди службеното возило „Ауди“, кое во минатото го користел поранешниот градоначалник Рамиз Мерко, а за чие набавување се водеше постапка за злоупотреба на службената положба.
Како што е образложено, почетната цена е утврдена врз основа на пресметана годишна амортизација од 15 проценти.
„Аудито“ било во употреба шест години, а во меѓувреме било сервисирано и поправано двапати – во март 2024 и во јануари 2025 година, за што биле потрошени околу 4.000 евра.
Автомобилот, Ауди А6, кој Општина Струга го купи 67.000 евра, во времето кога градоначалник беше Рамиз Мерко крена дебата во јавноста дека е набавен во време кога општината била со блокирана сметка. Против Мерко се водеше судски спор, на кој судот во Струга одлучи дека нема вина за набавката на луксузното возило.