Град Скопје ја отфрли иницијативата на ЗХГ за забрана на огномет

by irena 13:06
13:06

Иницијативата на Зелен Хуман Град за забрана на огномет на територијата на градот Скопје е отфрлена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, со образложение дека Советот бил „ненадлежен“, аргумент кој организацијата го оценува како уште едно во низата институционални избегнувања на одговорност.

„На последната седница на Советот на Град Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја отфрли Иницијативата на Зелен Хуман Град за забрана на огномет на територија на градот велејќи дека Советот бил „ненадлежен“, најомиленото образложение на функционерите во Македонија, државата во која никој не е надлежен за ништо. Споредбата за наводната ненадлежност Ѓорѓиевски ја доведе до апсурд со изјавата дека тоа било исто како Советот на Скопје да забранува абортус.“ стои во соопштението на Зелен Хуман Град.

Во исто време, Општина Кавадарци веќе донесе одлука празниците да ги прославува без огномет.

„Од друга страна, Општина Кавадарци на почетокот на декември донесе одлука да ги слави празниците годинава без огномет. Ако не, Советот на Кавадарци како понадлежен да донесе иста одлука и за Скопје?“ стои во нивното соопштение.

Надлежноста на Град Скопје е јасно дефинирана 

Во иницијативата упатена до Советот беше експлицитно наведена законската основа односно Законот за Град Скопје, член 10, кој ја задолжува локалната самоуправа да ја штити водата, почвата и воздухот, да спречува загадување и да спречува бучава.

„Иако во иницијативата доставена до Советот на Град Скопје беше експлицитно наведена надлежноста според Закон за Град Скопје во чијшто член 10 е прецизирана обврската што нашата локална самоуправа ја има да ги заштити водата, почвата, воздухот, да спречи нивно загадување, да спречи бучава, за градоначалникот таа надлежност не постои?!“ стои во нивното соопштение.

Одговорноста е префрлена на МВР, иако МВР се надлежни и за неовластено палење отпад, а тоа не ја ослободува градската власт од обврската да организира комунален ред и собирање отпад.

„Неговото образложение беше дека МВР спречувале неовластено користење огномети. МВР исто така се надлежни за неовластено палење отпад и загрозување на животната средина со неовластено одлагање отпад, па тоа не ја намалува обврската и надлежноста на Градот да собира отпад и во својата одлука за комунален ред да уредува начини за негово прописно одлагање.“ стои во нивното соопштение.

Од ЗХГ велат дека доколку мнозинството на градоначалникот ја прифатеше иницијативата, тоа ќе беше силен политички сигнал кон Владата, која токму во моментов подготвува измени на Законот за јавен ред и мир и веќе најавува забрана на огномет во затворен простор.

Според нив, поддршката од Град Скопје ќе отвораше и врата за проширување на забраната и на отворено, на целата територија на државата.

„Поддршката од Градот ќе ја отвораше вратата за забрана на огномет и на отворено – на целата територија на Македонија! Наместо тоа, скопјани добија сигнал дека здравјето на граѓаните, ранливите групи и животните е помалку важно од политички калкулации. Детонации на секои пет минути не се празнување. Детонации на секои пет минути се вознемирување, разболување и смртни последици за животните. Тоа го знае секое семејство со дете со аутизам, секој хронично болен човек, секој граѓанин што не може да спие, секој што си го бара правото на мир и достоинство.“ стои во нивното соопштение.

Со одбивањето на иницијативата, градската власт пропушти можност да преземе конкретна мерка за заштита на здравјето и мирот на скопјани. Од Зелен Хуман Град апелираат дека прашањето за огнометите не е политичка тема, туку тема на јавно здравје, безбедност и достоинствено живеење, и најавуваат дека ќе продолжат да бараат системска забрана на ваквите практики.

С.Т

 

Слични вести